Можеби многумина не ја сакаат есента поради постојаните и нагли временски промени, но сигурно повеќето ќе се согласат дека ја сакаат есента токму поради колоритноста. Речиси секој ужива во тие топли тонови на бои, кои ги има во изобилие. Кафената, црвената, портокаловата, жолтата, но и зелената боја, која е речиси пред исчезнување во овие месеци, создаваат прекрасен амбиент. Ајде тогаш да ги искористиме и да направиме нешто креативно. Затоа, јас решив да направам есенски венчиња за коса, користејќи инспирација од природата. За изработка потребно е лепило, обични венчиња за коса, монистра, декоративни ленти и материјали во топли бои, вештачки листови и цветови.
Со помош на лепилото, можете да ставите декоративна лента врз венчето по ваш избор. Таа ќе ни служи како основа за нашата идеја. Понатаму следува вашата креативност, што сѐ сакате да ставите на венчето.
Доколку немате вештачки или сушени цветови, истите можете да ги направите од текстил. Сѐ што треба е да ги нацртате цветовите, со 4, 5 или повеќе ливчиња и да ги исечете. Најдобро е да имате барем по 3 цветови од една боја, за кога ќе ги ставите едни врз други, да изгледаат побогато. Во средината може да ги поминете со конец и да ставите едно парче монистра. Вака, цветовите се спремни да ги сошиете или залепите на венчињата. Исто така, може да направите и ружички од ленти или текстил.
Пред да ги нанесете листовите, доколку сакате, може со помош на спреј во боја да им јас смените бојата на листовите. Јас употребив златен спреј, поради честата асоцијација на жолтите листови со златни.
Кога веќе сѐ ви е спремно почнете со лепење, шиење или прикачување на деталите.
Мојот краен резултат се неколку шарени венчиња, спремни за есенска прошетка.
За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер