Ана Бунтеска: Зборој без дела се ко чоек без душа

Од зборој куќа се гради

секоја буква-цигла

и покрив сосе оџак од реченици

топло огниште и неколку одаи

та ко ќе ги разместиш зборојте

и за во одаите мебел ќе натокмиш

и ене збор по збор кревет

ламба за виделина да имаш

и плакар за алиштата да ги чуваш

во долниот дел новите

а во горниот оние за погреб шо се чуваат

од зборој чупе и планини се поместуваат

реки и езера се пресушуваат

мориња се препливаат

ама душата празна е ако зборојте шупливи се

како убав, стокмен чоек без чоештина во себе

та го гледаш накинџурен во скапа облека

со саат на раката шо свети

и коса замазнета, тазе избричен

ама шуплива душа

ништо во неа не останало

в уста да му викниш, ехо во утробата му се слуша

од зборој чупе живот не се гради

ниту среќа можиш да исковаш

а и мирна не можиш да бидиш

оти зборој без дела се ко чоек без душа

ко небо без птици

и ко вода без риби

и џабе куќата

оти таа без темел не ја бива

на првиот ветар само купишта ѓубре ќе остани

и пак угол гола надвор сама ќе си

зато варди се од луѓе кои ломотат

кои ветувања даваат за уста да си исплакнат

варди се од оние кои себе се величаат

и дека можат многу да сторат

а сиот живот во место стојат

оти таквите и тебе нозете во синџир ќе ми ти ги врзат

и нема да можиш да претниш

ниту чекор напред, ниту назад да кинисаш

зато молчелив чоек да си најдиш

весел и здрав во умот

ама кој нема ѕвезди од небо да ти симнува

кој нема животот да ти го изарчи

зборувајќи шо се’ за тебе ќе стори

најди си чоек шо ветувања нема да дава

а кој куќа од дела ќе ти стокми

и огништето топло и лете и зиме ќе го држи

кој ќе знај оти зборот алтан е

и оти секој во себе и благослов и клетва носи

кој ќе знај да те љуби и арно ко е

ама и ко лошото ќе дојди

и чија прегратка утеха ќе ти биди

кој нема да ти зборува колку те сака-туку ќе те сака

и нема да зборува колку ќе те чува-туку ќе те варди од неубото

најди чоек чиј збор корен има

и таквиот да го чуваш и љубиш

оти тој ќе остани и до тебе ќе седи

и ќе знај како со тебе куќа да напрај

од дела

од љубов

од крв и месо

од вистина и правдина

чупе мое, пиле мое

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска