Интервју Деспина Стојановска: Родителите имаат потреба од едукација да израснат здраво и исполнето дете денес

Добивај вести на Viber

Една од најсложените улоги кои ги имаме во животот е улогата на родител. Скоро секој родител го посакува најдоброто за своето дете. Токму во настојувањата да ги реализираме нашите улоги како беспрекорни родители, често сите ние грешиме. Секојдневната динамика испреплетена со постојано брзање, потрага по успех, нерешливи потешкотии, неизвесност итн.. сè повеќе нè оддалечува од хармоничниот природен однос на семејно функционирање со нашите поколенија. Иако навидум сме присутни, сепак сè почесто времето поминато дома го структурираме со повлекување во себе и тивко планирање на следниот ден, недела, година и сл. Денес на тема родителство, улога и вештини, како да станеме поуспешни во нашата животна улога, разговараме со Деспина Стојановска, системски семеен советник, која има повеќегодишно работно искуство во областа на психологијата и психотерапијата како психотерапевт, предавач, фасилитатор и модератор на фокус групи. Женски Магазин И родителството се учи. Кои се вештините кои им ги пренесувате на родителите? Деспина Секој родител, очекувано е да се труди и да сака да израсне среќно, успешно и здраво дете. Способноста да бидеме вешти во родителството и воспитувањето, е нешто што може да се надградува и постојано да се надополнува со новини кои ќе придонесат кон подигнување на квалитетот на живот, како на самото дете, така и на родителот. Во оваа смисла, вештините кои се учат се во насока на поголемо разбирање на родителот за потребите на детето, но и подигнување на свеста за самиот себе и начинот на кој живее и истовремено претставува модел на идентификација на детето. Женски Магазин - Дали децата треба да се мотивираат за да совладаат некои стравови? Деспина - Стравот е емоција која е неопходна за да го заштити човекот од опасност. Доколку стравот не би постоел, ние како бестрашни би правеле работи кои често би нè вовлекувале во ризик. Во таа насока родителот корисно е да направи соодветна проценка и да види каско стравот делува кај детето и дали е доволно развиен да го заштити. Но, често во развојот на децата стравовите умеат да ја надвладеат ситуацијата, па така детето интензивно да се бори со стравот и да биде спречено да ги развива своите потенцијали. Во тој случај родителот, вклучувајќи по потреба и стручно лице, треба да го разбере детето, да го заштити и да му помогне да се справи со нереалниот и прекумерен страв. Женски Магазин - Телефони, таблети и слични технички помагала, алатки за олеснување или отежнување на детскиот развој? Деспина -И олеснување, но и отежнување. Секако дека треба детето да расте во своето време со сите предности и недостатоци кои истото ги носи. Но, прекувременото користење на овие технички помагала, во голема мера го отуѓува детето од природниот тек на развојот, од непосредниот контакт со луѓето, а со тоа и од здравиот начин на живот во психичка и физичка смисла. Женски Магазин - Кои се најуспешните техники за совладување на агресивноста кај децата? Деспина - Смирениот однос, љубов, чувство на припадност и прифаќање. Агресивноста се храни и расте со агресија, па така, доколку детето пројави агресивност, а на тоа родителот одговори со закана, ќотек, казна и сл. само ќе придонесе кон зголемување на гневот кај детето кој потоа се исфрла преку агресивно однесување. Женски Магазин - Може ли да се контролира темпераментот? Деспина - Темпераментот го носиме во себе, по него сме препознатливи, тој ни го разубавува или понекогаш отежнува животот. Секој човек кој добро се познава себеси, умее да процени како влијае неговиот темперамент врз целокупното живеење и во тој поглед да го моделира во своја корист. По потреба да „го смири“, по потреба да го „разбуди“ и активира во зависност од ситуацијата. Женски Магазин - Како да се насочува детската љубопитност? Деспина -Љубопитноста е предуслов за развој на интелигенцијата. Не сметам дека треба да се контролира или да се става во некаква рамка, туку напротив, мислам дека треба да се поттикнува и да се остави доволно простор да се развива кај детето. Родителот е оној кој будно треба да набљудува во која насока детето покажува интереси и истражува, па доколку процени дека тие области се опасни или не се во склад со семејниот вредносен систем, да реагира и да спречи продлабочување во погрешна насока. Женски Магазин - Грешат ли родителите кога своето дете го третираат како центар на нивниот универзум? Деспина - Во ред е да се покаже колку ни е нашето дете значајно и колку многу го сакаме. Исто така, детето е центар на светот за својот родител. Но, многу е важно детето да ја гради реалната слика и да знае што може да очекува за себе во различни ситуации. Доколку очекувањата ги гради во насока дека секое барање или желба другите треба да ги задоволат бидејќи  тоа е најважно, само ќе има потешкотии и фрустрации кога ќе сфати дека е невозможно „светот да се врти околу него“. Женски Магазин -Дали децата имаат моќ над родителите? Деспина - Секој родител прави грешки. Една од грешките е и кога родителот му ја предава моќта на детето. Во тој момент, се менуваат улогите и детето станува родител кој ги воспоставува правилата на однесување, а истовремено не умее да раководи со толкава моќ и работите излегуваат од контрола. Родителот го губи авторитетот и потоа тешко се воспоставува ред. Сепак, сметам дека со растењето потребно е да се допушта понекогаш детето да носи одлуки согласно возраста и тежината на истите, но никако да се предаде моќта која му припаѓа на родителот, токму поради фактот што тој како возрасен е свесен и одговорен за последиците. Женски Магазин - Мора ли да настојуваме децата да бидат совршени? Деспина - Совршенство не постои, а со потребата на родителот детето да биде совршено, само му наметнуваме огромна обврска и притисок да ги задоволи очекувањата на возрасните. Наместо да тежнееме кон совршенство, подобро би било да го насочиме детето да биде среќно и да се радуваме кога ги развива своите потенцијали и постигнува успех. Ова не значи да немаме барања за одговорност, ентузијазам или високи достигнувања, туку дека се радуваме на постоењето на детето, го сакаме и го прифаќаме дури и кога не е совршено. Женски Магазин - Која е разликата меѓу дисциплина и казна? Деспина - Да воспоставиме дисциплина значи да воведеме ред. Редот во растењето на детето е неопходен за да ги осознае основните вредности и да стекне сигурност. Од друга страна пак, редот го олеснува целокупното функционирање на семејството. Доколку тој не се почитува, родителот често применува казна која би го вратила детето во очекуваниот ритам. Казната е конструктивна само доколку е соодветна на отстапката, доколку не ја засега целокупната личност на детето и се однесува само на одреденото однесување и доколку се разговара за причините за отстапката и бараното однесување. Секое невешто казнување може да направи поголема штета. Женски Магазин - За крај, како да ги научиме децата на вистинските вредности? Деспина  - Доколку вистинските вредности ги применуваме кон детето, тоа ќе ги усвои и кога ќе порасне истите ќе ги применува. Ако го сакаме ќе научи да сака, ако го почитуваме ќе научи да почитува, ако му се извиниме ќе научи и тоа да се извини кога греши, ако сме чесни со него и тоа ќе биде чесно со нас и со другите… Децата се огледало на родителите! Ако вредностите кои ги има родителот се вистински детето има добар пример да ги изгради и кај себе бидејќи ние сме првиот темел на идентификација. За Женски Магазин, Вики Чадиковска