Животна училница // Приказни
КАДЕ ОДАТ НЕОСТВАРЕНИТЕ ЖЕЛБИ
Со погледи во вечноста ме урамуваш,
бараш бакнежи, раце за поздрави
и за разделба ми зборуваш,
мене, желбо...што во срцево те родив,
со надеж хранев,
те растев во душава
и за цело ова време... те носев во мислите!
-Не тагувај, не осудувај,
шепотиш...во прегратки ме обвиткуваш
и за лоша Судбина ми зборуваш,
мене, желбо...
што триста молитви на глас и во себе кажав,
илјада свеќи во црква запалив,
ги бакнав и со рака ги допрев светците,
ниту еден да не се откаже, желбо,
ни од мене, ни од тебе!
Ги запираш зборовите и солзиве,
ме тешиш и храброст ми повикуваш,
мене, желбо,...
херојот од битките,
без војска што победував!
Сега кога имам фаланги со себе,
животот ли бара да се покорам,предадам,
да те пуштам да заминеш
и без да прашам КАДЕ ОДАТ НЕОСТВАРЕНИТЕ ЖЕЛБИ
без болка, со тебе да се разделам!
МИЛЕНА ЛУНЕСКА