Животна училница // Приказни
Каде четирите министерки од владиниот кабинет ќе ги поминат празниците?
Одбројувањето до Новата 2018 година се ближи.Четирите дами во владиниот кабинет за Фактор велат дека во пресрет на новата и испраќање на старата година ќе посветат време на најблиските но и на планираните активности во ресорот со кој менаџираат. Каде и како министерките ќе ги поминат празниците и кои ќе бидат нивните приоритети планирани во годината што доаѓа?
Радмила Шеќеринска Јанковска, Министерка за одбрана
Новогодишните и Божиќните празници заменичката на претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска ќе ги помине во Скопје со семејството. Новата 2018 година вели ќе започне со голема убава вест за сите вработени во Армијата – нивната јануарска плата ќе биде покачена за 10% што е прво покачување на платата во армискиот состав по 8 години.
“Оваа 2017 година ја завршуваме, а следната, 2018, ја отпочнуваме со концентрирана работа на Стратегискиот одбранбен преглед кој е клучен документ за реформи во одбраната и Армијата, како и на Стратегијата за одбрана – и двата документи треба да бидат завршени летово.Во јануари во посета на Македонија доаѓа генералниот секретар на НАТО Столтенберг, прва посета на генерален секретар на НАТО од 2014 година. Тоа е силна порака за поддршката која Македонија сега ја добива за членство во НАТО, и поттик да продолжиме со реформите за да го заслужиме членството”- вели министерката за одбрана.
Следната година ќе се одржи министерски состанок на Северноатлантскиот совет во Брисел на кој, меѓу другото, ќе се разгледуваат состојбите во Македонија, и е во функција на подготовка на претстојниот Самит на НАТО кој летово ќе се одржи во Брисел. Тоа според неа се важни состаноци, а посетата на Столтенберг на почетокот од овој процес е големо охрабрување дека Македонија не само што се вратила на патот кон НАТО интеграцијата, туку и забрзано чекори по тој пат.
Мила Царовска, Министерка за труд и социјална политика
Новогодишната ноќ министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ќе ја помине со децата и семејствата од под Кале кои се згрижени во институции под надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Во 2018 година вели дека Министерството за труд и социјална политика има сериозни предизвици пред себе бидејќи ќе се зафати со темелна реформа на системот на социјална заштита за да се создаде систем кој ќе извлекува од сиромаштија и обесправеност.
“Новите политики на Министерството за труд и социјална политика и на Владата на РМ ќе бидат базирани на социјалната заштита која ќе обезбедува социјална праведност, односно намалување на стапката на сиромаштија под 16 % до 2020 година, а со вработување на ранливите групи на граѓани ќе дојде до прекинување на т.н. маѓепсан круг на сиромаштија-невработеност-исклученост-обесправеност. Планираме воведување на програма за минимален адекватен приход како и целосна реформа на системот на социјалната заштита, преку издвојување на материјалните (паричните) права од стручната социјална работа (услугите).
Ќе го промениме и моделот на работење во Центрите за социјална работа од case work (работа со случај) во case management (управување со случај) за што ќе следат и соодветни континуирани обуки на вработените”- потенцира министерката за труд и социјална политика.
2018 година според неа ќе биде и година на унапредување на системот на детска заштита со цел подобри градинки за посреќни деца. За таа цел како што вели со буџетот за идната година се предвидени 200 нови вработувања во детски градинки, зголемување на платите за вработените во градинките за 5% од октомври 2018 година и дополнителни средства за материјални трошоци за функционирање на градинките, а заради подигнување на квалитетот на услугите за згрижување и воспитување на деца во детските градинки издвоени се и 58.000.000,00 денари за нови капацитети за изградба и опремување на детски градинки и објекти за социјална заштита. Ова смета дека се конкретни чекори кон подобрување на катастрофалната состојба во системот на детска заштита, кој со години бил запоставуван.
Не помалку важен според министерката Царовска ќе биде и процесот на спроведување на законот за стечајци.
“Со него го решаваме деценискиот проблем на стечајците. Досега се издадени над 1100 решенија на стечајци. Ова е почеток на крајот на овој долгогодишен проблем. Со законот се опфатени невработени лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата после 1 јануари 1995 година, а заклучно со 31 декември 2016 година. Тие ќе добиваат 7.596 денари месечно, за што се обезбедени средства во Буџетот. Владата и министерството остануваат посветени на целосно решавање на ова прашање. Во текот на идната година ќе се работи на подготовка на решенија, со кои ќе се обештетат и други граѓани од оваа категорија, кои што не ги исполнуваат критериумите утврдени со овој закон”- додава министерката Царовска.
Рената Тренеска Дескоска, Министерка за образование и наука
За Нова година и за Божиќ министерката за образование и наука ќе биде во Скопје во кругот на блиските, семејството и пријателите.
“Нова година традиционално славиме заедно со блиски пријатели дома. Кој од нас ќе биде домаќин се договараме неколку дена пред Нова година, така што една година сме кај едни, друга кај други. Божиќ го поминуваме со родителите - моите и на сопругот”- вели министерката за образование и наука.
Во 2018 година ја чекаат многу обрски. Од нив ги издвои измената на законската регулатива во основно, средно и високо образование, реформите во средно стручно, дебатата околу новите наставни програми во основно, отпочнување на процесот на опремување на училиштата со лабаратории за физика и хемија.
Зорица Апостолска, Министерка без ресор задолжена за странски инвестиции
И министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска Новогодишните и Божиќните празнициќе ги помине во домашна атмосфера со семејството и пријателите во Скопје.
Следната година како што вели ќе биде исполнета со предизвици и зацртани проекти за реализација.
„На приватен план динамиката на работата не ми дозволува да се прават некои конкретни долгорочни планови, со утврдени временски рокови. Од аспект на работните обврски, професионалните активности во 2018 година ќе ми бидат подредени на реализација на владините економски мерки за привлекување и поддршка на инвестиции кои ќе имаат влијание на градење стабилен економски просперитет на долгорочен план. Секако во агендата за 2018 година е содржано и таргетирање на успешнии компании и нивно убедување дека Македонија е пожелна бизнис дестинација за инвестирање“- вели министерката Зорица Апостолска.