КАДЕ ЌЕ СЛАВАТ ПОЗНАТИТЕ: Кој ќе ужива, а кој ќе работи за новогодишната ноќ?

Добивај вести на Viber

Опуштено во домашна атмосфера, на заслужено романтично патување или на организиран дочек во некој од ноќните клубови. Вака познатите ќе слават за новогодишната ноќ. - Ќе одлучам во последен момент. Или дома со моето друштво или во еден познат скопски ресторан. Во секој случај, останувам овде. После празниците ќе прошетам некаде да ги наполнам батериите – ни откри популарната водителка Лила Стојановска. Актерката Јелена Јованова која повеќе од две години живее на релација Македонија-Хрватска вели дека не е човек што дава големо значење на оваа ноќ, но сепак ни ги откри плановите. - Горски Котар и Плитвичките езера се добитната комбинација за оваа Нова година – ни изјави таа. Нејзината колешка од ТВ-серијата „Преспав“, пејачката Тијана Дапчевиќ за претстојните празници ќе биде со семејството. - Новогодишната ноќ ќе ја поминам со синот и со сопругот кај моите во Скопје. Имав многу обврски изминатиов период и затоа сакам да се одморам барем за „најлудата“ ноќ. Во Македонија ќе останам и за Бадник и Божик – вели Дапчевиќ. Познатиот продуцент и автор Роберт Билбилов и оваа година ќе слави со најблиските, прво во еден од скопските ресторани, а подоцна во домашна атмосфера. - Во секој случај нема да биде работно, да не помисли некој дека некаде ќе пеам – се шегува Билбилов. Елена Велевска, пак, сопругот и децата ќе ги изненади со оригинален подарок. - Одлучив да не прифатам ниту еден ангажман и максимално да им се посветам на моите. Пред неколку дена со сопругот прославивме десетгодишнина од брак и по тој повод организирав патување низ Европа за целото семејство–открива популарната фолк-пејачка. Докажаниот македонски музичар и гитарист Владимир Крстевски-Франц со неговата сопруга, актерката Ема Џо Петреска ќе остане во Лос Анџелес и за празниците. - Новата 2018-та ќе ја дочекаме во еден од ексклузивните клубови во Западен Холивуд – ни откри познатата двојка. На илјадници километри од дома ќе слави и поп-пејачот Игор Митровиќ кој се пресели во Танзанија. - Новата година ќе ја дочекам на плажа, во градот каде што живеам, Дар ес Салам. Најавена е маратонска забава со популарни американски диџеи. Ќе славам со моите најблиски, со сестра ми и останатите Македонци што се тука, а веројатно ќе ни се придружат и блиски пријатели дојдени од различни страни на светот – ни изјави Митровиќ. Со најблиските ќе прослави и Елена Ристеска. Со нејзиното друштво во последен момент ќе одлучат дали ќе отпатуваат некаде подалеку или ќе останат дома. Во кругот на семејството ќе биде и Каролина Гочева. Македонки пејачи и актери на градските плоштади Дел од пејачите, музичарите и актерите сепак успеаја да договорат новогодишна „тезга“. Даниел Кајмаковски е најавен како ѕвезда на вечерта на организираниот дочек на градскиот плоштад во Охрид. Подиумот претходно е резервиран за неговата колешка Анита Мицова. Под отворено небо ќе слават и битолчани на плоштадот „Магнолија“. Ќе настапат поп-пејачот Бојан Стојков и групата „Боеми“. Свое шоу ќе имаат и актерите од Битолскиот театар Илина Чореска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марјан Ѓоргиевски и Маја Андоновска Илиејевски. Во останатите македонски градови, меѓу ретките организирани прослави на плоштад ќе биде и оној во Кавадарци. Општината најави скромно шоу со локални музичари. Програмата ќе ја води актерот Диме Коцевски, а во музичкиот дел ќе настапат Александра Михова и бендовите „Трилоџи“, „Лексикон“ и „Бадасал“. Во метрополата масовно ќе се слави само во Центар. На импровизирана бина на „Сквер Јадран“ ќе настапат Тамара Тодевска, Кристина Арнаудова, дуото „Некст тајм“ и групата „Ај Кју“. На другата страна на Вардар, уште неколку нивни колеги 2018 година ќе ја дочекаат работно. Македонскиот народен театар ја продолжува традицијата со новогодишни шоуа, а овојпат настанот е насловен „МНТ Супернова 2018, соѕвездие на добрата забава!“. На иста сцена ќе се претстават актерот Сашко Коцев, Бени Шаќири и „Нонстоп“, Биба Додева со својот бенд, Александар Митевски, „Дамир Имери бенд“ и Драган Б. Костиќ. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов