Животна училница // Приказни
КАКО ДА СЕ ВЕЖБА КОНЦЕНТРАЦИЈАТА КАЈ ДЕЦАТА ОД ПРЕТШКОЛСКА И ШКОЛСКА ВОЗРАСТ
Концентрацијата многу често е причина за несогласувања помеѓу родителите и децата. Ако вашето дете не може да го задржи вниманието на еден предмет, скока од тема на тема…тоа е сосема нормално…до одредена граница.
Стручњаците објаснуваат дека вистинското нарушување на концентрацијата е многу посериозно и се открива главно кога детето ќе тргне во школо. Имено детето е толку немирно што не може да седи на едно место подолго од 15 минути без очигледна причина, или е преокупирано со предметите од околината толку што не може да го насочи вниманието.
Концентрацијата е способност своите мисли да ги насочиме во одреден правец за да извршиме определена задача. Најчесто од децата бараме да го задржат вниманието дури кога ќе тргнат во училиште, но со вежбање на концентрацијата може да се започне од најрана возраст. Степенот на концентрација се менува низ развојните фази но за секоја возраст постојат игри и начини како најдобро да се продолжи и стимулира. Кај децата од претшколска возраст задоволува доколку детето може да фокусирано 15 минути. Вежбањето на концентрацијата кај децата од претшколска возраст може да се стимулира со различни игри кои опфаќаат игри со природни материјали, цртање и боење, друштвени игри, редење сложувалки, истражување во природа. На децата од претшколска возраст им треба соиграч. Играјте ги игрите заедно и секогаш поттикнувајте ги децата играта да ја завршат до крај.
Кај школските деца главни помагачи во развојот на концентрацијата се редовниот сон, здравата исхрана, услови за работа, како и надворешни сметачи (компјутер, телефон, телевизор) сведени на минимум употреба во текот на денот. Во оној момент кога детето ќе разбере дека понекогаш му е доволно само половина час да се подготви за утрешниот школски ден, со радост ќе ги извршува своите задачи.
Кај потешките случаи на нарушено внимание може да се препорачаат лекови или когнитивни терапии чија цел е да го научат детето да го контролира своето однесување низ вербализација. Давајќи им име на своите постапки, детето истовремено размислува за нивните последици.
Концентрацијата е способност која се учи и одржува. Помогнете им на своите деца полесно да го надминат проблемот така што ќе ги стимулирате секојдневно вложувајќи многу трпение и љубов.
За Женски Магазин, Ружица Митровиќ-Дипломиран педагог