Во организација на концертната агенција и продукција „3Гонга“, вечер, со почеток во 22 часот во ноќниот клуб „Станица 26“ ќе настапи миленикот на скопската публика Рамбо Амадеус. Toj доаѓа со својот секстет – Саша Ранковиќ на тапани, Мирослав Товирац на бас, Војно Диздар на клавијатури, Александар Петковиќ на саксофон и Милош Николиќ на труба, обединети под името „Rambo Amadeus & Five Winnetous“.
За неговата музика Пушиќ вели дека пишува за она што сака да го каже во даден момент.
„Пишувам песни за теми, кои тешко можат да се преведат во стихови. Музиката е последица на состојбите и развојот на еден општествен систем или дијагноза на сликата на еден систем. Во капитализмот профитот е причина за се, па и за музика. Затоа моите настапи како и овој во Скопје е концерт за работниот народ, напредната младина и чесната интелигенција“.
Во овој состав од музичари, Рамбо покрај тоа што ги изведува своите најголеми хитови, обоени со интелектуална иронија и критика, тој има можност да ги покаже и изрази сите музички стилови, со кои вешто манипулира - од џез, преку хип хоп до драм енд бејс. Неговите изведби во живо никогаш не се анемична репетиција на снимените песни од неговите албуми, туку виртуозен микс од музички импровизации, дополнети со спонтани хумористични елементи. Па затоа, неговиот музички израз, критиката и фановите ја споредуваат со оној на Френк Запа. Неговата досегашна дискографија е исклучително колоритна и богата. Неговиот музички багаж брои над 11 студиски албуми, четири албуми снимени во живо, неколку компилации и еден EP.