Лазарова, Маџиров, Самарџиќ… Ѕвезди со кои се збогувавме во 2017 година

Добивај вести на Viber

Мртвите никогаш не се мртви, додека не заборавиме на нив, напишала Мери Ен Еванс, англиската писателка која творела под псевдонимот Џорџ Елиот. Нив сигурно нема да ги заборавиме. Нивните дела се неповторливи. Нивното заминување голема загуба за сите. ВАЊА ЛАЗАРОВА (12 март) Доајен на македонската народна песна, еден од најавтентичните изведувачи на изворна музика. Лавица на сцена, скромна и ненаметлива зад неа. Често знаеше да рече: „Пеењето е состојба на душата“. Таа е првата македонска пејачка која сними плочи за најголемите издавачки куќи „Полиграм“ и „Филипс“. Во „Ројал Алберт хол“ во Лондон ја слушаа британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Даде особен придонес во музиката за „Пред дождот“, филмот на Милчо Манчевски кој освои „Златен лав“ во Венеција и беше номиниран за оскар. „Со маки сум се родила“ е насловен и документарецот за нејзиниот живот и творештво кој пред две години го режираше Синиша Ефтимов. Во 2014 година нè вознемири веста дека Лазарова со скромна пензија живее во дом за стари лица заборавена од институциите. Под притисок на јавноста, Вања истата година ја доби државната награда „11 Октомври“ во областа на културата, а со тоа по автоматизам и национална пензија од Министерството за култура. ЗОРАН МАЏИРОВ (9 мај) Виртуоз, музички амбасадор, мајсторот на изведба на празни шишиња. Популарниот Ботлмен никогаш не закрепнa од последиците од тешката сообраќајна несреќа што ја доживеа во октомври минатата година. Маџиров го револуционизира концептот на соло-перкусионист свирејќи на необични инструменти дела на класични композитори од калибарот на Стравински и Моцарт. Во негова чест е краткометражниот филм „Стакло“ снимен во рамките на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес каде неговата ќерка студира актерска игра. Таа се потпишува и како сценарист на проектот. „Земи го своето скршено срце и претвори го во уметност“. Така почнува приказната. ИВАН КАРАДАК (17 декември) Таткото на модерната македонска сатира, автор на бројни теататарски претстави, текстописец на првото кабаре кај нас насловено „Коприварник“, добитник на многу признанија меѓу кои и државната награда „Св. Климент Охридски“. Публиката најмногу го памети по проектот „Хихирику“, бренд на Македонското радио цели четири децении. Емисијата замина во историјата во март годинава. Имаше обиди да престане да се емитува уште пред три години, но тогаш по реакциите во јавноста, МРТ успеа да ја спаси. „И Господ да е на власт, сатирата е литература на отпорот и ќе најде за што да зборува“, рече Карадак во една прилика. Беше автор и на неколку книги со афоризми и сатирични песни, на многу телевизиски драми и серии, меѓу кои и првонаградената „Цвеќе на карпата“. ЉУБИША САМАРЏИЌ (8 септември) Легендарен актер на југословенската кинематографија. Оствари бројни незаборавни улоги, но на порашените ју-простори најмногу го паметат по улогата на Шурда во серијалот,, Топол ветер“, но и по прекарот „Смоки кој го доби по истоимениот лик што го толкуваше уште во 1963 година во филмот Песочен град“. Роден е во Скопје во рударско семејство. Талентот што го носеше во себе го предодреди за големи успеси, а посебноста го направи легенда. Беше оженет со Мирјана со која дочека и „златна свадба“. Освен со Самарџиќ, публиката во регионот се збогува и со популарниот српски интерпретатор на староградски песни и севдалинки Цуне Предраг Гојковиќ. Ненадејно починаа српскиот актер и комичар Богољуб Митиќ Ѓоша (49) и тапанарот на хрватската поп-панк група „Психомодо поп“, Тигран Калебота (54). По долго и тешко боледување почина и босанската пејачка Дона Арес (40). Последен поздрав Македонија се прости со повеќе врвни професионалци во својата област. По кратко боледување почина академскиот уметник Нове Франговски, еден од најекспонираните претставници на средната генерација ликовни уметници во Македонија. На 64 години нè напушти истакнатата поетеса и новинарка Лилјана Дирјан. На 6 септември се збогувавме со познатата поетеса и архитектка Горана Митровиќ. По долго и тешко боледување почина доајенот на македонскиот кајак на диви води, Мичо Поповски. Се простивме и со легендарниот голман на ФК „Тетекс“ Душан Томиќ. На 86-годишна возраст замина Јово Никушев, еден од најпознатите и најуспешните фудбалски имиња во историјата на Македонија. Доајенот на македонското автомобилско новинарство Томислав Биљарац на 77 години го напушти овој свет. На Попова шапка, каде што ги минуваше пензионерските денови, ненадејно почина спортската легенда Сашо Панов. Естрадата беше шокирана од смртта на Горан Хаџи Димов – Гурко, продуцент кој потпиша многу музички проекти не само на домашната, туку и на бугарската сцена. По кратко боледување минатата недела најблиските се збогуваа со Јосиф Наумовски, истакнат лекар и еден од основоположниците на коњичкиот спорт во Македонија, а вчера ненадејно нè напушти фолк-пејачот Зоран Дамјанов. На 54 години почина новинарката Маргарета Николовска Димовска, основач на женскиот магазин „МИС“. Македонија се прости и со Томислав Чокревски, универзитетски професор и поранешен министер за внатрешни работи. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов (Посветено на тетка ми)