Маја Талевска: Вежбајте за да го ослободите хормонот на среќа

Добивај вести на Viber

  Таа е поранешна професионална балерина. Кондиционото темпо и совршената линија ја задржува и одржува благодарение на спортот. Оние кои вежбаат добро ја препознаваат инструкторката Маја Талевска. Таа од денес на дамите во Македонија им овозможува да го следат светскиот тренд. Маја е сертифициран инструктор за антигравити фитнес. Кога ќе ја запознаете, имате потреба да и ги откриете тајните рецепти за совршената линија, енергијата и насмевката која е задолжителна на нејзиното,лице. Па, еве денес, решивме да ги разоткриеме заедно. Женски Магазин Истражувањето за спортот и влијанието врз луѓето, посебно кај жените укажуваат дека тој им носи многу придобивки. Една од нив е растот на самодовербата и желбата за постигнување успех. Дали и вие се согласувате со овој факт? Маја Апсолутно, се согласувам дека рекреативните спортови и општо физичката активност, позитивно влијаат на секој поединец, и претставуваат исклучителен предизвик преку кој се пренесува активна енергија, во функција на здравјето, естетиката и спортскиот дух. Со вежбањето се подобрува здравствениот статус, држењето на телото, перцепцијата за сопственото тело, физичката кондиција, се подобрува расположението, концентрацијата, како и влијанието на самодовербата, на целата популација. Женски Магазин Колку често практикувате спортување во текот на една недела? Маја Јас, како долгогодишен пилатес инструктор, поранешна професионална балерина, а од неодамна и лиценциран антигравити инструктор, вежбам и работам секој ден. Всушност за мене вежбањето претставува работа, со полно работно време  Постојано ги следам новитетите во областа на пилатесот, работам на унапредување на програмите кои ги спроведувам кои ветуваат импресивни резултати и се во согласност со потребите и барањата на моите клиенти. Доколку не би била инструктор, за оптимален резултат, би практикувала 3 тренинзи во текот на една работна недела со времетраење од еден час. Женски Магазин Дали спортувањето бара соодветен режим на исхрана?  Маја Секако дека бара, бидејќи со вежбањето можеме да влијаеме на кондицијата, флексибилноста и еластичноста, како и на естетските промени кои ќе ги почувствуваме доколку вежбаме во континуитет. Нема да згрешам ако кажам дека храната е од пресудно значење, честопати, на моите клиенти им велам дека тренинзите и вежбите може да придонесат само 20% а останатите 80% зависат од исхраната. Треба да се внимава што и како се јаде, да се внимава како е приготвена храната, кога се јаде, колку се јаде, и да обрне внимание на количината на намирниците кои се внесуваат во текот на денот. Она што го внесуваме во текот на денот и да го истрошиме, за да не ни оди во резерви  Моја препорака е здрави и редовни хранливи оброци, во кој ќе внесеме доволен број на витамини и минерали. Женски Магазин Маја е веќе докажана како инструкторка. Дамите ја препознаваат. Но, од денес започнувате со комплетно нова приказна, за прв пат во Македонија. За што точно станува збор?  Маја Да, станува збор за Антигравити фитнес, од неодамна се здобив со сертификат односно лиценца. Всушност станува збор за уникатна програма, за телото и филозофија на умот. Оваа програма за прв пат се појавува во 1991 година во Њујорк, САД што значи станува збор за релативно млада дисциплина. Нејзин основач односно пронаоѓач е Кристофер Харисон, кој е поранешен акробат и танчар на Бродвеј, уметнички директор и учесник во олимписките игри. Програмата се изведува на антигравити хамоци (импровизирана свилена лежалка), која иако изгледа тенко и лесно е тестирана на издржливост до еден тон, поради тоа антигравити хамоците се скапи, а гарантираат исклучителна безбедност. Антигравити програмата се одликува со безбедност, квалитет, интегритет, инклузивност, респект и оригиналност. Со антигравити програмата сме инспирирани да бидеме нежни кон сопственото тело и ум, да го слушаме сопственото тело, да го суспендираме стравот, да бидеме подготвени за иновативни и уникатни движења кои предизвикуваат чувство на среќа и восхит кај секој од нас. За време на оваа програма пред сѐ човековото тело е живо и будно, бидејќи постојано се креваме горе долу, креирајќи нови конекции кои ни помагаат нервниот систем да расте и да сме во постојана контрола над своето тело и ум. Гаранцијата на Кристофер Харисон е дека ќе не направи посреќни, поздрави и повисоки во само една сесија  Идејата е на забавен и на неконвенционален начин да придонесеме ведрина, смеа и забава за време на вежбањето, едно целосно опуштање а воедно и контрола. Женски Магазин По што се разликува овој тип на програма од останатите програми? Кои ефекти се постигнуваат Маја Како што наведов во објаснувањето околу програмата, се вежба на антигравити хамок (импровизирана свилена лежалка) која иако изгледа лесно и тенко е доста издржлива и безбедна, со овој тип на програма се зголемува мускулната флексибилност, мускулната напнатост пренесува порака за самомасажа, се зајакнуваат горните и долните мускули на телото (екстремитетите), се постигнува низок кардиоваскуларен уред, се подобруваат сите процеси во организмот, се здобиваме со поголемо присуство на концентрација, зголемена острина и одговорност, се учат нови способности и се креира уметничко фитнес искуство, искуство кое работи во функција на мускулите. Со користење и поврзување со антигравити хамокот, доаѓа до освежување, на ендокриниот, лимфниот и дигестивниот систем, се регулираат хормоните, се зголемува протокот на свежа крв, како и регулирање на целокупната циркулација во организмот. Како и со секое вежбање така и со антигравити фитнес се лачат хормони на среќа, а резултат е блескава и свиленкаста кожа без испукани капилари еден вид на целосно освежување. Женски Магазин Дали во фокусот ќе бидат сите жени, кои сакаат да вежбаат или сепак ќе треба да исполнуваат одредени предиспозиции за овој тип вежбање?  Маја Во фокусот, пред се сѐ жени и девојки кои пред се чувствуваат здраво, немаат никакви здравствени проблеми, кои не се плашат и се спремни за едно поинакво и уникатно фитнес искуство, кое нуди одлична забава и одлични здравствени придобивки  мора да се внимава на општата здравствена состојба кај потенцијалните клиенти, бидејќи контраиндикации би можеле да се јават кај луѓе со висок крвен притисок, полесни повреди на главата, очен притисок тежок артритис, остеопороза, мозочен удар, бременост, епилепсија, како и ботокс во последните шест часа. Женски Магазин Дали часовите се индивидуални или се вежба во група Маја Со оглед на тоа што станува збор за исклучително скапа програма, која е заштитена (trade mark) диктира зголемена одговорност и контрола, следење и почитување на сите етички правила и норми кои ги налага програмата. Би започнала со дупли индивидуални тренинзи, поради одговорноста што ја чувствувам како инструктор, и контролата која се бара од инструкторот, точна поставеност, апсолутно внимание и концентрација. Дефинитивно програмата, бар за сега ќе се изведува во мали групи. Женски Магазин Кој е вашиот идол како инструктор? Маја Би можела да ја издвојам Lisa Hubbard позната пилатес инструкторка која постојано ја следам и ѝ се восхитувам, таа воедно е и креатор на ритмички пилатес, слеани движења, наликува на она што јас го презентирам, мислам дека имаме многу сличности, и за мене претставува оригинален пример како треба да изгледа еден пилатес инструктор, со еден збор солидна и моќна инспирација. Женски Магазин Какви се вашите впечатоци како инструктор со искуство, кога се постигнуваат најдобри резултати, кога се вежба во група или индивидуално? Што повеќе стимулира?  Маја Сѐ се заснова на темпераментот, карактерот, и потребите на клиентот. Има одредени групи на луѓе кои преферираат вежбање во група, бидејќи овозможува социјализација и заемно дружење помеѓу членовите, размена на искуство, еден вид на натпревар, споредување едни со други, и чувство на припадност во групата, додека пак одредена категорија на луѓе инсистира на индивидуален пристап, и поголема приватност. Резултатот е најголем кога е застапена целокупна дисциплина, континуитет, и огромна желба и посветеност, кон она што сакаме да го постигнеме. Женски Магазин Која личност од Македонија а и од светот ја издвојувате како личност со најдобра форма на нејзиното тело?  Маја Од Македонија би ја издвоила Марјана Станојковска, нашата лото девојка, една и единствена, а од светот би ја спомнала, Elle Macpherson која сосема заслужено го носи епитетот (тело), како и Мадона  која и во шестата деценија е вистинска бомба   Женски Магазин Дали Маја внимава на исхраната? Кои производи на се дел од вашето мени?  Маја Морам да признаам дека и покрај редовните тренинзи внимавам на исхраната, се трудам да се хранам здраво и балансирано, веќе неколку години не јадам месо, избегнувам млечни производи, ги постам божиќните, велигденските и богородичните пости, избегнувам газирани пијалоци, вештачки шеќери ароми и бои. Колку што можам се трудам да консумирам свежа и сурова храна, јаткасти плодови за енергија, и свежо цедени сокови  за регенерација и дехидрација на организмот, како и многу вода. Женски Магазин За крај која е вашата препорака, посебно до дамите кои сѐ уште се двоумат дали да вежбаат?  Маја Пораката е да се одлучат за каква било физичка активност, без разлика дали станува збор за пилатес, аеробик, јога, антигравити, да излезат од зоната на комфорот, да се ослободат од изговорите дека немаат време, да престанат да се лажат дека ќе почнат од први или од понеделник, и да почнат уште денес, без двоумење, бидејќи еден час тренирање во денот е само 4% од вашиот ден. Придобивките се неизбежни, вежбањето не го менува само вашето тело, го менува вашиот став, вашиот ум и вашето расположение. Порака до сите е да престанат да го губат времето пред тв екраните, во денешно време на мое големо задоволство се нудат програми за сечиј вкус, за сечиј темперамент, секој може да си одбере соодветна програма. Верувајте дека телото ќе ви биде благодарно за тоа. За Женски Магазин, Вики Чадиковска