Сите низ дома имаме стари и обични шнолички, кои во некој момент сме сакале да ги фрлиме. Но, пред да го направиме тоа со малку труд можеме да ги обновиме и да ги направиме украсни. Сè што е потребно се декоративни ленти, копчиња, монистра, обичен конец и рибарски конец. Можете да искористите сè што вие мислите дека би изгледало интересно.
Монистата можете да ја нанижете на рибарски конец во должина на шноличката, а потоа да ја прицврстите со истиот на горната страна. Исто така може и да направите цветче со топчеста монистра и истото да го прицврстите на врвот на шнолата.
Можете и да направите убави украсни машнички или ружи. Само превиткајте декоративни ленти по ваш вкус и во колку сакате слоеви, но и форми.
Следно што треба е да ја прицврстите свитканата лента. Тоа може да го направите со дополнителна декоративна лента или на истото место со помош на конец да сошиете копче или монистра.
Откако ќе ги направите машничките, залепете ги или прицврстете ги со конец на шноличките.
Може да користите и декоративни ленти од монистра. Јас искористив лента со цветчиња од монистра. Ги исеков цветчињата и ги прикачив на шноличките.
Со оваа мини трансформација шноличките се спремни за секакви интересни фризури.
За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер