НЕОБИЧНИ ПРАЗНИЧНИ СЛУЧКИ НА ПОЗНАТИТЕ: Не тераа малери и на Нова година
Новогодишната ноќ не мора секогаш да биде највеселата или најлудата ноќ во годината. На секој од нас може да ни се случи нешто непредвидено, нешто баксузно, смешно или тажно токму на 31 декември или во деновите пред и по новогодишната еуфорија. Токму такви необични случки, за Женски Магазин споделија неколку наши јавни личности. На повеќето од нив, малер ги терал токму пред и за време на новогодишните настапи, кои важат за едни од најплатените. Разговаравме со хип-хоп и аренби музичарот Слаткаристика, поп-пејачките Елена Ристеска, Тијана Дапчевиќ и Наташа Малинкова и со фолкерките Анета Наковска, која сега е мажена во САД и Татјана Лазаревска, која неколку години со сопругот Новица Василевски и со синовите живее во Австралија.
СЛАТКАРИСТИКА- Хуманиот градоначалник потроши двојно
Минатата Нова година ме ангажираа за настап во една наша Општина. Градоначалникот во последен момент реши да го откаже настапот и парите да ги донира во хуманитарни цели. Проблемот беше во тоа што имавме договор, и мораше да има исплата. Така што, „хуманиот“ градоначалник ем потроши двојно повеќе пари, ем немаше настан за Нова година. И на крајот, тој ги загуби изборите. Среќна Нова 2018 на сите! ТИЈАНА ДАПЧЕВИЌ- Пеев со температура 40 Лани за Нова година пеев во Бања Лука на Плоштад. Се качив на сцената со 40 температура. И таква целата, со тресење пеев час и половина. Потоа ви е јасно, завршив на инфузија и ми требаше долго време да оздравам. Уште нешто што ми паѓа на памет е еден новогодишен настап, во 2011 или во 2012 година беше, не паметам точно. Имав концерт за Нова година во Градишка на Плоштад, тоа е место близу Бања Лука, на босанско-српска граница. Заврши настапот и со другарка и тргнавме назад за Белград. Возевме едно 60-70 километри и јас видов една табла на која пишуваше Липовац. Тогаш сфатив дека ние сме го утнале патот и сме возеле накај Загреб. И реков на другарка ми: леле, вклучи навигација. Се враќавме назад и загубивме едно два часа плус во пат. Среќа што тоа се случи на враќање од настап, а не на одење. ТАТЈАНА ЛАЗАРЕВСКА - Настапи во патики и никој не виде Минатата Нова година пеевме тука во Австралија, во Геелонг, град близу Мелбурн, заедно со Новица. И по дваесет и два настапи за Нова година, и исто толку години на сцената, за прв пат ми се случи долгата свечена тоалета, ги носев патиките со кои што дојдов. Никој не забележа, а јас уживав во удобноста и се смеев цела ноќ. НАТАША МАЛИНКОВА- Девет часа пат од Маврово до Кавадарци Некаде околу Божиќ, имавме одличен настап и одлична забава во Маврово, во дискотеката „Ратрак“. Од пуста љубов кон музиката и нашето мото: само да се работи и да се работи, не предвидовме дека температурите во Маврово навечер се многу ниски и дека ќе стасаат и до -27 степени. Мојата екипа и јас, место да преспиеме во Маврово, истата вечер по настапот, околу два по полноќ тргнавме дома во Кавадарци. Од што беше толку многу студено, ни смрзна нафтата во автомобилот и се мачевме во текот на целиот пат, тргни-застани беше работата. Од мака се смеевме цел пат до Кавадарци, но и бевме под стрес како ќе стасаме дома. И стасавме живи и здрави, но некаде околу 11 часот пред пладне, што значи дека од Маврово до Кавадарци возевме девет часа. Кога стасав дома, гости веќе ме чекаа на ручек. Немав време да се наспијам, само се истуширав и веднаш седнав со гостите. ЕЛЕНА РИСТЕСКА- Братучед ми почина на 31 декември Најлошата работа ми се случи на 31 декември пред неколку години. Ми јавија дека ми починал братучед. И ниту една Нова година не ми била поужасна и потажна од таа. Повеќето новогодишни ноќи ми биле работни, оваа требаше да биде една од ретките. На крајот не се собравме со друштвото. Едноставно нема нешто потешко од тоа да се подготвуваш за славење, и ваква вест да те удри како гром од ведро небо. Најлошото од се беше тоа што братучед ми почина на многу трагичен начин. АНЕТА НАКОВСКА- Си собрав сите можни малери во Србија и во Шведска Засекогаш ќе ги запаметам тие денови пред и за време на Новата година во 2007 година. Постојано ме тераа некои малери. Со Јасминка Мукаетова, Кристина Арнаудова…, повеќе пејачи бевме отидовме во Суботица на снимање на новогодишна програма за една нивна телевизија, КТВ. Супер си поминавме на снимањето, беше многу весело. Кога се вративме во хотелската соба, јас многу длабоко се исеков со жилет на прстот. Сите кренавме паника, имаше многу крв. Но, колегите ми помогнаа, ми го превиткаа прстот. Потоа, во еден наш таблоид прочитав дека таа вечер сум завршила во кревет со Ѓорѓи Крстевски. А сите беа сведоци дека таа вечер ми беше многу мачно, имав болки, камо ли такво нешто да се случи. Но, добро, не се налутив, жолт печат, тоа ти е. Одиме понатаму, си реков. Утредента, од Белград со Јасмина Мукаетова летавме за Малме, таму имавме предновогодишен настап со неа и со Благоја Грујовски во една дискотека. Јас бев нервозна поради прстот во завој, не можев ништо да носам. Само што не пречекаа пријателите на аеродром во Малме, Јасмина незгодно зачекори и си ја превитка ногата, за малку не си го шина зглобот. Јас пак, влегувајќи во автомобилот на пријателите, си ја удрив главата во вратата, ми се чини дека сите ѕвезди ги избројав. Потоа, кога стасавме во хотелот ми се откачи завесата во бањата и повторно ме удри во главата. Кога излеговме на сцена да пееме, бевме како ранети. Јасмина шепкаше со ногата, јас со прстот превиткан и со голема главоболка. За среќа, настапот помина одлично и нашинците во Шведска супер не прифатија. Ете, таа година мислам дека ги собравме сите баксузи, хахаха. За Женски Магазин, Милица Џаровска