Новогодишна ре(в)(з)олуција

Добивај вести на Viber

Ах, понеделници! Отсекогаш сите одлуки ги носиме во понеделниците (освен ако не верувате во среда-среќно), или барем се силиме да донесеме некакви решенија. “Не пушам од понеделник”, “од понеделник ќе почнам здраво да се хранам и да вежбам”, “само да дојде понеделник и ќе сменам (работа, партнер, себе)”. Пусти понеделник, дерман нема од нас. Понекогаш и жал ме фаќа за обесправеноста која го има задесено, само затоа што (сосем случајно) му се паднало да биде прв ден во неделата. И повторно едно големо аххххххх! Овој пат за почетоците на годините. Како да не е до нас, туку од денот кој се бележи со 01.01. “Оваа година ќе бидам помудра, нема да си дозволам стресови, ќе направам детален лекарски преглед, ќе појдам на некое егзотично место, ќе најдам повеќе време за да си поиграм со децата”....ќе, ќе, ќе... Меѓу сите наши планови и подготовки за реализација, годината си минува вака или онака, со сите свои мигови на смеа, плач, среќа, потиштеност, тага, за повторно на 31.12 седнеме со лист хартија пред себе и пенкало за да си запишеме што револуционерно ќе направиме во онаа што следи. Па се правиме троа и на будали, преправајќи се дека не паметиме оти истите работи си ги запишуваме години наназад. А списокот ни станува се’ подолг и подолг, додека веројатно еден ден не ни стане јасно дека некаде сериозно сме ја утнале работата. И, ко за беља... Во оваа 2018, почетокот на годината се падна во понеделник! Колку симпатично (или саркастично). Две зла собрани во едно, како намерно некој да се поиграл со нас и да ни се смее озгора, предизвикувајќи не’ “е, сега да ве видам пилиња, ем 01.01, ем понеделник”. Гооооолема шега за нашите гооооолеми животни одлуки. Како да не’ потчукнува нешто/некој по главите и да сака да ни каже дека во умот немаме календари, ниту деновите се важни. Ама човек ко човек, секогаш работите ќе си сврти онака како што му чини да си ги толкува. Како намерно да се саботираме за да не преземеме одговорност за она што сами си го сервираме. И што ќе фали ако еве, баш денес (сабота, 30.12) донесам одлука дека зад себе ќе оставам се’ она што ме правело да се чувствувам исфрустрирано и лошо! Демек, нема да ми тргне на арно штом не е понеделник или почеток на годината? Џанам, срцево знае дека денес е сабота, или дека датумот ама ич не се вклопува во рамките на моите понеделнички и новогодишни ре(з)(в)олуции. Ама ајде! Тоа единствено знае кој и што му прават да му пее пилето, или кој, како со железна канџа го стиска без око да му трепне. И некогаш, кога и себе се фаќам како си зацртувам дека од некој понеделник, или почеток на година ќе сторам нешто за себе, си велам “епа Ано, нели си чесна и искрена со себе?! Нели во песните нашироко и надолго кажуваш дека нема ден за љубов, ниту за збогум, дека срцето свој пат има?”. Токму затоа, оваа Ана што саботново попладне го минува сама, пред лаптоп, седната во едно пријатно кафуле, со макијато пред себе и кока кола (и баш ми е гајле што е штетна), донесе одлука да престане да донесува одлуки! Особено онакви, кои се поврзани со некаков рок кој само ќе ме измачува и ќе ме нервира. Токму денес, одлучив (што би рекле србите “ничим изазвана”) дека нема повеќе да чекам датуми, денови, знаци, полни месечини и празни ветувања. Одлучив дека ќе постапувам онака како што телото и срцето ми зборуваат. Дека нема повеќе од (себе)залажување да си дозволам да чекам вистински миг за да кажам ДОСТА или дека се’што ми создава болка во стомакот и горчлив вкус во устата може слободно да оди  по ѓаволите. Драги мои, не чекајте! Не си барајте оправдувања за да го одложите она што сакате да го направите за себе. Не барајте некој да ви одобри дека е во ред да ги стокмите работите онака како што вам ви е убаво и потребно. Не чекајте чуда да се случат, туку создадете ги сами. Сеедно дали е понеделник или четврток, дали е 01.01 или 27.07. Живејте сега и тука, онака како што ви сака душата. Нека ви е среќна Новата 2018 година...и секој ден од неа нека биде ден во кој ќе се насмевнете некому, ден во кој некому ќе кажете “те љубам” и ден во кој ќе си ја погалите душата. До следното читање. За Женски Магазин, Ана Бунтеска