Подарете им на децата љубов и внимание: Пеглање и чистење по дома секогаш ќе имате

Децата имаат потреба од многу внимание и љубов, имаат потреба од нашето време, не само да сме „тука негде близу“, туку  навистина да издвоиме време кое квалитетно ќе го поминеме со нив, преку игра, разговор или заедничка комуникација 

Не се обвинувајте ако се најдете пред животна раскрсница, која во вашиот живот го донела искуството развод. Идеалните совети се децата да растат во среќни семејства, каде таткото и мајката се сакаат и меѓусебно се поддржуваат, почитуваат и разбираат. Но, не е секогаш така. Многу дечиња немаат можност да растат во такви околности. За жал, се побројни се таквите ситуации, па не мора децата да страдаат поради тоа. Потешко ќе им биде доколку гледаат двајца несреќни родители, кои не се сакаат и  не се почитуваат, отколку да гледаат родител со кој остануваат, секако кога помине времето на прилагодување, простување и прифаќање, кој е во мир со себе. Денес ретко родителите остануваат во добри односи, што е многу здраво за понатамошно одгледување на детето. Така децата полесно го пребродуваат раздвојувањето од оној родител со кој веќе не живеат. 

Децата го учат она што го гледаат. Ако им пружиме љубов, внимание, разбирање и поддршка, без разлика дали сме самохран родител или во брак, тие од тоа ќе научат дека единствено е правилно да постапуваат така како што ние постапуваме со нив. Кога пак гледаат караница, непочитување и омаложување, ќе сметаат дека тоа е во ред, и ќе градат елементи на однесување и свои верувања врз основа на она што се случува во нивниот дом. Така ќе се однесуваат и кон другите околу себе. 

Денес покрај толку техника и свет кој напредува од минута во минута, модерни играчки, телефони, таблети, и слични чуда на техника, тешко е на детето да му го свртите вниманието и да го забавувате на поинаков, би рекла дури поздрав начин. Факт е дека децата станаа многу напредни и многу интелигентни, па и не треба многу да „знаат“ како сето тоа функционира, но и дека сето тоа им е многу забавно и дека преку сите тие игри развиваат моторики и интелектуални способности. Сепак, да се обидеме на нашите деца да им ги вратиме оние стари социјални игри и занимации при што ќе се научат да се поврзуваат со себе и со другите.

Секогаш ќе имаме работа, и во канцеларија и дома. И секогаш ќе има некое мало човече на кое треба уште денес да му одговорите. Секогаш ќе има алишта за пеглање, ручек за готвење и прашина за бришење, но растењето на нашите деца се моменти кои поминуваат многу брзо и нема да можеме да ги надоместиме ниту пак да ги повториме. Животот трча со нас и крај нас и колку и да сте зафатени родители, најдете време кое ќе го поминувате со своето дете, во прошетка, парк, преку заедничка игра.. Седнете со него во песок, газете по вирчиња кога паѓа дожд, пишувајте, цртајте и бојте заедно, читајте приказни, гответе и печете колачиња, создавајте заеднички сеќавања и спомени. Навечер пред спиење опуштете се заедно со некоја тивка музика каде со детето ќе ги затворите очите и ќе фантазирате и визуелизирате се она што детето сака да го исполни и што го усреќува. При тоа помогнете му да ја развива својата креативност и фантазија и секако не заборавајте на емоциите, поттикнете го детето да ви раскаже и како се чувствувало. Нека бидат тоа ваши нови ритуали пред спиење. 

А, утрото започнете го со позитивни мисли. Составете заедно свои афирмации како: Денес е нов ден и одбирам да бидам среќна/среќен. Денот во училиште ми поминува во нови учења на забавен и интересен начин. Имам добри и верни пријатели. Јас сум одлична/одличен. Уживам во своите школски активности.. и слични реченици кои ќе го поттикнат вашето дете денот да го започне со позитивни мисли и емоции, а исто така и вас. 

Нашите родители можеби не знаеле како, можеби немале време,  а и нивното детство било многу потешко од нашето, како што сега е поинакво детството на нашите деца. Но, затоа нам се ни е достапно, и совети и книги, и емисии и блогови и портали за одгледување на деца, работилници, игротека и слични работи. Па затоа би било штета сето тоа да не го искористиме и да им помогнеме да растат среќно и задоволно. Иако понекогаш немаме ни сила, ни влоја за ништо и сме уморни, побрзо би побегнале од реалноста, да не заборавиме дека без разлика на тоа што се мали и не разбираат, тие ја чуствуваат нашата тага и немир, но и среќа и радост. За внимание и љубов секогаш најдете момент, па и ако тоа е само прегратка и „те сакам“, но нека биде од цело срце. Децата тоа ќе знаат да го почитуваат и да ви возвратат на ист начин. 

Пружете им на своите деца најмногу што можете, во емотивна смисла, бидејќи за пружање љубов и внимание не се потребни пари и скапи работи, потребно е само срце, а тоа не чини ништо. На тој начин децата учат да бидат сакани, да се сакаат себе и светот околу себе, и таквите деца пораснуваат во здрави личности, со силни и јаки особини. И стануваат топли и сочуствителни личности, оние личности кои ќе знаат да разликуваат добро од лошо, личности кои ќе се ценат и почитуваат себе и другите и така ќе создаваат подобар и поубав свет.