ПОП-ПЕЈАЧИТЕ СЕ ВРТАТ КОН КОРЕНИТЕ: Со етно и фолк до повеќе пари

Добивај вести на Viber

Докажани артисти од домашната поп-сцена сè повеќе инспирација наоѓаат во етно-музиката, но и во класичниот фолк. Изведувачите кои целата своја кариера беа фокусирани на современата забавна песна велат дека сакаат да експериментираат, но и сметаат дека со ваков концепт можат полесно да допрат до публиката. Секако, тоа подразбира и поголема заработувачка. [caption id="attachment_7862" align="aligncenter" width="653"] Некст тајм: Нè мотивира да го работиме она што го сака народот[/caption] Последни во низата „забавњаци“ кои се свртеа кон корените се Мартин и Стефан од „Некст тајм“. Три години по обработката на антологиската „Ја излези Ѓурѓо“, братското дуо неодамна промовира верзија на уште една стара македонска песна, темата „Слушам кај шумат шумите“. Видеозаписите за овие рефрени имаат поголема гледаност на „јутјуб“ од сè што „Некст тајм“ претходно презентирале како проект. - Големиот успех на „Ја излези Ѓурѓо“ нè мотивира да го работиме она што го сака народот. Ја продолживме соработката со Никола Мицевски. Се радуваме што легендарните домашни композиции повторно оживуваат и остануваат во наследство на помладите генерации – порача неодамна вокалистот на дуото. [caption id="attachment_7863" align="aligncenter" width="650"] Каролина Гочева: Секој експеримент нè прави побогати[/caption] Токму со рефрените со кои отвори ново поглавје во нејзината долгогодишна поп-кариера не престана да полни сали Каролина Гочева. Етно-албумите „Македонско девојче“ и „Македонско девојче 2“ ѝ донесоа дополнителна популарност, но и повеќе пари. Гочева во едно интервју објасни дека сака да експериментира со музиката и дека ѝ се допаѓа да работи на такви композиции. - Ми одговараат на сензибилитетот и на сè што ми се случува во животот. Секој уметник има право да се обиде во нови музички правци. Колку повеќе експериментира еден изведувач, толку е поинтересен и музички побогат – објасни таа. [caption id="attachment_7864" align="aligncenter" width="654"] Бени Шаќири: Идејата беше да создадеме нешто што ќе остане[/caption] И Бени Шаќири, признат рокер на домашната сцена, минатата година понуди нешто ново и неочекувано со албумот „Добро утро Госпоѓо“. Пејачот на „Нон стоп“ образложи дека соработката со Златко Ориѓански била на обострано задоволство без разлика на формата и на содржината. - Никогаш не сум се додворувал, ниту, пак, сум кокетирал со публиката кога се работи за авторскиот дел. Искрено, моето „свртување“ кон корените беше исклучиво од желбата да создаваме нешто што ќе остане. Ако ме видите да пеам нешто што е вон рокенрол матрица, бидете сигурни дека сум немал доволно да си ги платам сметките. А, за гостување во проекти како овој на Ориѓански, секогаш сум подготвен затоа што понекогаш е добро за метаболизмот, освен грав да јадеш и малку ориз – изјави Шаќири. [caption id="attachment_7865" align="aligncenter" width="520"] Ѓоко Танески: Поп-музиката не се цени како порано[/caption] Идеја да сними нешто поразлично, од поодамна има и Ѓоко Танески. Не сака обработки, туку авторска музика, градски, чалгиски теми со модерни аранжмани. - Поп-музиката не се цени како порано и затоа сакам да создадам нешто што ќе остане, да се слуша и по дваесет години. Ние пејачите мора да бараме алтернатива, но тоа не значи дека сакам да се повлечам од препознатливиот комерцијален звук – забележува тој. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов