Култура // Настани
ТАВИТЈАН ЗА СОРАБОТКАТА СО ШЕРБЕЏИЈА: Раде е еден од најскромните луѓе што ги познаваме
Огромна чест и задоволство е што уметник од ваков калибар ја испочитува нашата традиција и музика со тоа што отпеа македонска песна, ни изјавија браќата Диран и Гаро
Браќата Тавитјан остварија ексклузивна соработка со легендарниот актер и пејач со холивудска кариера, Раде Шербеџија. Станува збор за обработка на македонската традиционална песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ во аранжман, продукција и изведба на Диран и Гаро.
- Раде е еден од најскромните луѓе што ги познаваме. Огромна чест и задоволство е што уметник од ваков калибар кој е познат по заложбите за обединување и надминување на разликите на народите преку културата ја испочитува нашата традиција и музика со тоа што отпеа македонска песна – ни изјавија Браќата Тавитјан.
Видеото го изработи продукцијата AleXander на Александар Ристовски-Принц, а во проектот партиципираше и басистот Александар Икономов.
Раде Шербеџија е хрватски филмски, телевизиски и театарски актер познат по светските блокбастери како „Невозможна мисија“ и „Бетмен“, но истовремено има бројни музички остварувања како и соработки со врвни балкански уметници. Од неодамна тој е член на најпрестижната академија на филмските награди Оскар.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов