Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Ана Кртолица Георгиев: Го ловам утринското сонце
Денот ми почнува во петта брзина. Дома имаме општа трка со времето сите да се подготвиме за да стигнеме на време онаму каде што ни се обврските. И тоа е така бидејќи сме спанковци. Кога случајно ќе станеме порано наспани, тогаш имаме време за утринско кафе на една мала источна тераса каде се стискаме цело семејство и го ловиме утринското сонце. Понекогаш кога ќе ги однесам момците во градинка, и случајно имам петнаесетина минути „луфта“, знам да испијам кафе од нога во Синдикат. Таму ми е како дома, а и без договор можам да сретнам драги луѓе… и денот добро да започне.
Во животов си наоѓам многу нешта за мотивација бидејќи ми е важно да го чувам духот на позитивната страна. Мојата професија бара многу прецизност па во тој домен ме мотивира перфектно завршена работа. Сакам се да е онака како што мора да биде. Ме мотивираат децата кога можам да видам плод од воспитувањето и убава и спокојна енергија дома. Сакам природа и сакам да се осамам и да можам да анализирам до каде сум и да правам планови за понатаму. Од нештата на списокот мотиватори се и чистиот воздух, еколошката свест, умни и разумни луѓе, свест за повисоки цели, јога, култура, добра музика, Маврово, Љубљана, Метелкова, МКЦ…
Јас сум човек кој нонстоп нешто работи. На работа, поправам заби, создавам насмевки, разубавувам и усреќувам, се трудам да едуцирам што повеќе луѓе и да ги научам колку е важно да имаат здравје во устата…Дома речиси секој ден готвам. Удобно ми е во кујна и сакам да јадеме домашни јадења. А имам и добро друштво. Качени на две столчиња, четири вредни рачиња се секогаш расположени за сечкање. Останатите домашни обврски се распределуваат на сите членови во семејството. Времето што ни преостанува вообичаено се троши на креативни работилници со децата и правење секакви чуда по дома.
На крајот од денот кога дома ќе стивне имам време за себе. Тогаш со задоволство седам со маж ми и ги прочешлуваме сите случувања од денот што ни заминал или отвораме теми за бескрајни разговори. Сакам и да шетам и да слушам добра музика и да одам на филм фестивал и на било каков културен настан…ако една недела не добијам никаква културна храна за душава се чувствувам како нешто да ми фали. И колку и да сум уморна ќе се симнам барем до РадиоБар кај Вишко да си ги одморам ушите и умот.
Сакам да читам. Не ми е секогаш лесно да си најдам време и мир, но кога си ја шетам книгата во ташна секако успевам да ја прочитам. И потоа веднаш почнувам нова за да не излезам од штос со ова немање време. Филмови гледам но не дома. Дома успевам да изгледам само 17минути од филмот пред да заспијам, освен ако не е некоја опасна драма која бавно се одвива. Е таа сигурно ќе ја изгледам до крај.