Утринско кафе со Здравко Савески: Моралната одговорност, најсилен мотив

Добивај вести на Viber

Првото кафе секогаш го пијам со мојата сопруга. Јас сум голем љубител на кафето, да кажеме така. Веднаш штом го подготвам кафето, им давам храна на нашите две мачки, Субе и Аби, што ги спасивме од улица. Субе ја вдомивме кога се породи, во лоша здравствена ситуација, а Аби беше оставена на улица кога имаше само 20-тина дена. После мачките, следно им давам храна на гулабите на балконот и… денот може да започне. Најсилната мотивација ми е моралната одговорност. Подобар свет од денешниот не може да се изгради ако човек се иззема од сопствената одговорност и работа во таа насока. Бидејќи во Македонија моралниот пад е евидентен, многумина се водат од личниот интерес, па не е секогаш лесно да се оди по тој пат. Но, по патот каде водилката е моралната одговорност, никогаш не е и нема да биде лесно. За едно невработено лице, јас сум доста активен. Фактички, мора да правам добар распоред на неделните обврски за да стигнам сè да завршам. Домашните обврски и борбата при купувањето на основните намирници да се заштеди секој денар ми одземаат дел од времето. Често има потреба да се заврши некоја административна обврска и да се направи средба со некого. Интернет комуникацијата по разни основи исто така е тука. Некогаш ќе посетам некој настан за да изразам поддршка, некогаш бидејќи ме интересира и… времето се ситни. Еднаш до двапати неделно трчам на кеј, главно за поддршка и дружба со сопругата. Иако, испадна дека не сум толку лош. Годинава истрчав два полумаратони и една трка од 30 километри, а за следната година планирам да го истрчам мојот прв маратон. Па ќе се подготвувам повеќе во следниот период. Ако не ми успее тоа следната година, во годината после неа, на 42 години планирам сигурно да истрчам 42 километри. Со мојата сопруга. Откако ќе завршат дневните обврски, обично пуштаме некој филм за пред заспивање и, во неколку продолженија, успеваме да го изгледаме. Во последно време се случува еден филм од час и пол до два да го гледаме во 4-5 продолженија. Јас доста читам книги. Стручна проблематика. Професионална деформација. Често читам по 2-3 книги паралелно. Редовно, поради немање време, читам книги во автобус, додека патувам до центар и назад. Порано „висев“ редовно по библиотеки. А и сега, кога можам, тоа го правам. На десктопот на компјутерот редовно имам по 3-4 книги кои планирам да ги прочитам во следниот период. Но, една горчлива лекција е дека има далеку повеќе интересни книги од што има човек време да ги прочита. Па некои книги што сакам да ги прочитам чекаат и по некоја година за тоа.   *Здравко Савески-Доктор по политички науки