Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Ивана Тасев: Секој ден ми е различен
Јас сум сефте кафеџика. За првпат почнав да пијам кафе пред една година. Причината за тоа е уште подепресивна. Мината година, за првпат почнав да пушам цигари, па некако едното со другото ми одат во пар. Во почетокот, сите што ме познаваат како поборник против цигарите и човек кој нема однос кон кафето како ритуал, ме исмејуваа, потоа, некако си легнаа на брашно. Се фаќам себеси како станувам еден час порано од потребното за да можам на раат и во тишина да го испијам првото кафе со цигара. Тоа е, кога нема да изживееш ниту еден порок во адолесцентното доба, на возрасни години ќе „вадиш сипаници“. Не сум горда на овој потег, ама па ми е убаво и покрај тоа што панично по 10тина пати на ден ги мијам забите и го анализирам тенот на дневна светлина. Така што не знам дали имам алиби, во дуративна смисла да зборувам што за мене претставува првото утринско кафе, но знам дека овие две работи ме мотивираат да ги извлечам нозете од кревет, штом ги отворам очите.
По кафето се ставам во погон и почнувам со работа. Кога ќе се свртам наназад, зад мене се 22 години активна новинарска работа. Откако летово под несреќни околности се затвори неделникот „Теа Модерна“ во кој 15 години постепено ја вложував мојата наобразба како новинар, се затвори и едно поглавје од мојот професионален живот. За среќа, паралелно со новинарството изминативе години се доусовршувам и како човек за односи со јавност. Досега имав среќа да работам на креативни настани и остварив соработка со исклучителни клиенти. Така охрабрена, одлучив да го свртам курсорот и да го насочам кон ПР-от. Не велам дека е лесно и не велам дека не ми недостасуваат филмаџиите, театарџиите, историчарите на уметност и сите креативци со кои соработував толку години наназад како новинарка, но, едновремено ги живеам годините во кои сето мое досегашно знаење, искуство и вештина имам снага да ги соединам во новите предизвици.
[caption id="attachment_10538" align="aligncenter" width="640"] SONY DSC[/caption]
Секој работен ден ми е инаков од другиот, немам постојан ритам, немам работно време, обврзана сум со повеќе временски рокови за повеќе проекти, едновремено. Има денови кога работам и до 10 часови, има и такви, кога имам повеќе време за контемплирање. За среќа, повеќето од нас жените имаат вештина за мулти таскинг, па затоа ги исцицувам тие можности да се префрлам од еден на друг проект со полна концентрација, бидејќи чувството на одговорност се да се заврши беспрекорно и сите страни да бидат на крајот задоволни, постојано ми виси над главата. Кога човечкиот фактор е во игра се случува да се направат и ненамерни грешки, но не бегам од одговорност и правам напор совесно да ги поправам.
А за да го одржам ритамот во пишувањето, повремено објавувам теми и интервјуа во одредени портали и месечници. Конечно, јас сум опсесивен скрибоман, па со овие дадени можности, како надворешен соработник ја гасам жедта за пишувањето.
Како ми завршува работниот ден? Многу често и кога е завршен за останатите за мене не е. Напорно е, но немам време да се занимавам со теориите на оние луѓе на кои секогаш другите им се виновни за сопствените неуспеси. Верувам дека оној кој сака да работи наоѓа начин. Нема срамотна професија. Работа е работа. Воспитувана сум дека треба со сериозен влог и чесна работа да се добијат резултати, и секогаш да се потпираш на самиот себе, немам неоправдана самодоверба која ми ја подариле моите родители и лажно чувство на моќ, имам и денес огромна поддршка од нив, но сето останато е мое. Не сакам да ја удирам топката во место без да се охрабрам да шутирам и постигнам резултати.
На крајот од вечерта се ставам на офф и понекогаш само се нурнувам во кревет. Но бидејќи сум човек, кој и кога нема време за слободни активности, не сака да пропушти нешто, често вечерта ја финиширам со серија или филм. Пребирлива сум во изборот, па прво истражувам и опсервирам додека се одлучам. Но затоа, ненаситна кога ќе ми се погоди серијата, па не се задоволувам со една изгледана епизода, и често пати губам ориентација за времето. Следното утро од премор ми доаѓа без објаснување да исчезнам некаде далеку и да го исклучам телефонот, но тоа за среќа никогаш не го правам (се смее). За сите жени - борци им ја препорачувам „Big little lies“ првата сезона од серија со жесток женски печат. А изминативе месеци си ги дозирав епизодите од сите сезони на серијата „In Тreatment“ во продукција на HBO со извонредниот Гебриел Брн. На повеќето, дејствието на оваа серија веројатно би им било бавно, земајќи предвид дека не навикнаа на возбудливи акциски приказни со непредвидлив тек. Но, мене психоанализата отсекогаш ми била слаба страна и уживав во фантастичната изведба на актерите, постепеното дефинирање на клиничката слика на ликовите, самите дијалози, градацијата на емоцијата…