Животна училница // Приказни
УТРИНСКО КАФЕ со Оливера Дебарлиева: Ја имам формулата за добро расположение
Утрата најчесто ми започнуваат забрзано заради подготвување за започнатиот работен и училишен ден. Од пред неколку години домашниот утрински ритуал ни е заедничко уживање со шолја чај и утрински краток муабет за денот пред нас•. Секој ден - ниту е, ниту може да биде ист и токму затоа се трудам денот на сите да ни почне фино и расположено. Кафето како ритуал повеќе го поврзувам со првото утринско кафе на работното место и најчесто во друштво на колегите. Изборот на кафе задолжително е мало и компактно пакување. Многу често, кога обврските тоа го наметнуваат, утринското кафе го консумирам заедно со планот на работа (кои се приоритетите за денот, седмицата или месецот, а се случува и денот да започне наопаку читај „каде гори”•).
Водењето на маркетинг секторот на еден трговски центар е исклучително динамично и разновидно и подразбира многу состаноци и контакти на дневна база, како и голема посветеност на планирање и координација до најситни детали. Токму таа динамичност бара многу енергија, елан и ентузијазам повторно да се смислуваат нови начини за подобрување на работењето на центарот, но и за подобрување на квалитетот на услугите за посетителите и потрошувачите.
Минатиот месец Капитол мол го прослави својот четврти роденден и токму искуствата кои ги добивме од посетителите во последните 4 години ни покажаа дека нашиот центар прерасна во заедница и место каде најзначајна е топлата и семејна атмосфера и пријатното шопинг искуство. Со долгорочната стратегија и со заложбите за нејзината реализација, го претворивме топлиот амбиент на трговскиот центар со европски шмек во идеално место за сите кои сакаат добри модни парчиња, книга, забава, фитнес, шопинг, куглање, кафе и добра храна.
Успешната приказна во минатото ни дава дополнителен мотив да продолжиме да креираме избалансирана содржина, каде секој член на семејството може да најде нешто за себе, но и да ги заврши неопходните обврски. Како модерен трговски центар семејството на брендови постепено го збогатуваме, така што и навиката да се доаѓа во Капитол Мол постојано оди во нагорна линија. Веруваме во она што го работиме, и не отстапуваме од квалитетната содржина и концепт.
По природа сум многу динамична и отворена личност и отсекогаш сум сакала да си поставувам предизвици од различен карактер. Тоа сѐ уште го правам и како што поминуваат годините се трудам да се мотивирам да бидам подобра верзија од себе. Уживам во размена на искуства и мислења со реализирани и спонтани личности и сè почесто забележувам дека успевам да поттикнам позитивни промени и кај другите.
Отсекогаш сум си поставувала високи критериум како за себе така и за другите, а сега некако помеко пробувам да ги откријам позитивните особини кај другите (а и кај себе•). Особено задоволството и позитивна енергија наоѓам во квалитетно поминато време со најблиските преку заеднички активности, викенди, патувања…
Многу често забележувам дека мотивацијата доаѓа во онаа доза во која тоа и го дозволуваме и затоа не се плашам да учам нови работи или да прифаќам и да се приспособувам на промени. Сепак се придржувам до формулата која мене ми носи добро расположение: искрена љубов, отворена комуникација, балансирана исхрана и физичка активност.
Динамиката на денот природно налага навечер некако да го успориме темпото. Во тоа нема ништо лошо, особено доколку со најблиските имате слични пасии. Откако атмосферата во домот ќе се стиши доаѓаат моментите на опуштање било да е тоа чашка пијалок со муабет, било да е „нашата“ серија, било да е „мојот“ или „твојот“ филм, а посебно задоволство е да се постигне состојба на зен за да може да се постигне потребното ниво на концентрација и да се прочита добра книга. Уште ја сакам и често сум иницијатор на дружбата со фино друштво, моментите наменети само за двајца, сакам концерти и фестивали, танцови претстави и секогаш наоѓам резервна енергија за добра журка.
* Оливера Дебарлиева – Маркетинг менаџер, Капитол мол