Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Петар Лазаров: Убаво е денот да го почнеме малку сами
Денот го почнувам сам. Мислам дека секогаш е убаво да го почнеме денот малку сами. Да заземеме стартна позиција, да ги избистриме мислите, да направиме пресек на денот што следи, а потоа да се впуштиме во непознатото и возбудливото. Нормално, сакал нејќел тука е дневната (убава) обврска „Алдо“, мојот пес, и секое утро поминуваме малку време во парк. Но, таа прошетка ми претставува уживање и добра основа за справување со предизвиците подоцна во денот.
Ме мотивира кога се прават убави работи. Кога креираме нешто ново и кога неизвесноста е најголема. Можеби тоа ме мотивира бидејќи сакам да си замислувам и фантазирам, и кога правите нешто ново нема со што да споредите и дозволено ви е да си замислувате што сакате. И после како да не бидеш мотивиран!? Кога си замислуваш бајки, не може да не си мотивиран. Е сега, само треба да најдете начин како на крај ќе се справите со реалноста, или т.н кога ќе направите „reality check“. Како да преживеете и останете на нозе кога ќе ве удри „Тајсон“, односно кога ќе се соочите со суровоста на стварноста.
8 часа спиеме, 8 часа работиме, остануваат уште 8 часа за се друго. Гледам да ги распоредам тие 8 часа најдобро што знам и умеам. Секогаш се трудам да направам баланс со социјалниот живот, фамилијата, пријателите, приватни (домашни) работи и време за себе. Мојата животна филозофија е баланс во се. Иако несвесно често знам да „забегам“ во некој сегмент (на пример, работа), сепак се трудам да се вратам и да го одржам балансот.
Денот ми завршува со мислата, „Добро, помина уште еден ден! Генерално позитивно помина, а од негативните работи да пробам да научам нешто. Ајде сега да видиме што ќе ни донесе утрешниот ден“. Доколку имам време, или не заспијам на каучот, пробувам и малку да се повлечам сам и останам во мир и тишина некое време, со цел да ги смирам мислите и да се подготвам за напорниот процес на спиење.
И книга и филм, и двете сакам да ги правам, но сепак поубаво ми е кога ќе (про)читам книга. Некако книгите ми дозволуваат повеќе сам да си ја креирам сликата (филмот) и ми ја развиваат фантазијата. Од филмови ме фасцинираат вистински приказни. Понекогаш може да видиме колку животните ситуации и реалните луѓе може да бидат повозбудливи и поучни од нечија фантазија на некој филмски креативец.