Животна училница // Приказни
Фани Христова: Се враќам на Тајланд, јогата ми го промени животот
Планирам да отворам студио и на своите идни ученици да им понудам комплетен систем на теорија и пракса, открива познатата пејачка
Фани Христова на 5 јануари повторно ќе отпатува во Тајланд. Познатата пејачка, авторка и диџејка која пред неколку години дипломира на тамошниот Универзитет за јога, во тропскиот рај на Југоисточна Азија сега ќе запише уште еден повисок степен за кога ќе се врати во Македонија да може како инструктор на своите ученици да им понуди комплетен систем на теорија и пракса.
[caption id="attachment_7708" align="aligncenter" width="676"] Престојот на Тајланд комплетно ѝ го промени животот[/caption]
- Планирам да отворам студио и да го пренесам целото знаење–открива Христова.
Пред три години, динамичниот живот со нарушен биоритам кој ѝ го носи диџејството Фани го замени со неколкумесечен релаксиран одмор во егзотичниот Тајланд. Токму овој подвиг комплетно ѝ го промени начинот на живот.
[caption id="attachment_7709" align="aligncenter" width="659"] Фани: Секој ден ми изгледа поинаку благодарение на редовните вежби[/caption]
- Неочекувано се случи тоа патување да се претвори во нешто што сега ми ја одредува иднината. Тајланд ме привлече како магнет токму поради дијаметрално различното искуство од секојдневниот живот. Колку и да сакав да се изборам со уморот од ноќните работни часови преку редовни вежби и посебен режим на исхрана, никогаш не успевав во целост да се чувствувам како што посакував–раскажува атрактивната диџејка.
Во јогата го пронашла посакуваниот баланс на своето физичко, ментално и духовно здравје. Вели дека сега секој ден ѝ изгледа поинаку благодарение на редовните вежби.
[caption id="attachment_7707" align="aligncenter" width="658"] Следната година планира да отвори студио и да го пренесе стекнатото знаење[/caption]
- Јогата е начин на живот, на размислување и хранење, животен стил, јасно дефиниран однос кон самиот себе, но и кон другите. Јогата не е магија. Мора да бидете максимално посветени, доколку очекувате резултати. Затоа и го одложив отворањето на студиото во родната Битола, сметам дека сè уште треба да работам на себе – објаснува Христова.
Минатиот месец, познат светски моден бренд кој дизајнира наменски парчиња за јога (Alo Yoga) на социјалната мрежа „Инстаграм“ го промовира предизвикот Fall4hips, а Фани е активно вклучена во проектот.
- Секој ден се практикува одредена поза. Без оглед на обврските, моја задача е секојдневно да постирам фотографија. Искрено, најмногу го прифатив предизвикот поради дружење, мотивација, издржливост и континуитет – појаснува таа.
По подолга пауза, пејачката во април годинава објави нова песна, темата „Казна и грев“. Музиката и текстот самата ги напиша, а аранжманот е дело на нејзиниот долгогодишен соработник и пријател Роберт Билбилов.
- Роберт беше човекот кој пред многу години ме натера да почнам со пеење, за мене тој е најдобриот продуцент на овие простори – вели Христова.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов