Моливчето за очи е речиси и неизбежен избор кај жените кога станува збор за шминкање. Го носат во речиси сите пригоди, нанесено на очите на различни начини. Денес, многу популарниот „Cat Eye Liner“ или „мачкините очи“, всушност датира од многу одамна и се пренесува низ годините па се до ден денес во различни стилови.
Во минатото, во Египет и Месопотамија носеле обична црна линија околу очите, која во тоа време освен како естетика го носеле и како заштита на очите од сонцето. Покрај тоа имало верување дека ваквиот начин на нанесување на овие црни линии околу очите, заштитувале од „злобно око“. Шминкањето на очите со линии како мачка се смета дека го започнува Клеопатра, која е позната по своите рутини за шминкање и козметичката линија на препарати која ја поседувала. Таа сметала дека мачките се симбол за грациозност, убавина и заштита, па поради нив била инспирирана за овој изглед. Долги и полни црни линии околу очите можеме да видиме во улогата на Клеопатра, портретирана од грациозната актерка Елизабет Тејлор.
Џозефин Бејкер, танчарка и пејачка
Продолжуваме кон шеесеттите години, фамозната Софија Лорен, секогаш елегантна и секогаш со моливче за очи, со неизбежниот „CatLook“. Исто така, да ги напомнeме култните актерки Мерлин Монро и Одри Хепберн, кои го практикувале овој изглед во истиот период. Музата на Жан-Лук Годард, Ана Карина, го практикувала овој фамозен тренд со темносино моливче.
Овој тренд продолжува и во 20тите, од драматичниот изглед на Ејми Вајнхаус, ретро стилот на Дита вон Тис, Гвен Стефани, Анџелина Џоли, класичниот на Лана дел Реј и многу други. Тоа се само неколку дами од многуте во низата љубители на овој тренд. Многу дами ќе речат дека оваа „магична“ линија им го менува животот. Но зошто да не, овој изглед преживува толку многу години, а има толку мали измени. Па затоа, со искривени краеви, задебелени краеви, со долги тенки линии, или пак комбиниран со сенки за очи во разновидни бои, „Cat Eye Liner“ е секогаш прв избор за шминка кај дамите.
За Женски Магазин, Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер