Хоп-хоп, остави таблет и лап топ

Добивај вести на Viber

Дали современите технологии го осовремија и секојдневното живеење, дали новите смарт телефони ни го чинат животот полесен и поинвентивен, дали техничко-информационата револуција истовремено подразбира и прогресивна еволуција на човековото битисување, дали катадневноата употреба на интернетот ни ги даде на дланка информациите кои порано со денови сме ги пребарувале, дали техничкиот развој, во секоја смисла на зборот, ни донесе само бенефит и полесен начин на комуницирање и живеење? Уште многу дали има во однос на прашања кои се поврзани со масовните медиуми, интернетот, новите технологии и социјалните мрежи, но секако на пиедестал на најзначајни прашања се оние кои бараат потврда за придобивките на новите технологии во современото општествено битисување. Секако одговорот е позитивен кога станува збор за возрасните и нивниот начин на употреба на современите технологии, пред се во однос на илјадниците информации кои ни го збогатуваат сознајниот хабитус, потоа можноста за брзо и навремено комуницирање со целиот свет, согледување на значајни феномени од сите општествени сфери и можност за нивно толкување и развивање и уште многу корисни работи. Но прашањето кое се наметнува често, се однесува на улогата на новите технологии во животот на детето, колку се добри практики, а колку негативни искуства... Хоп-хоп, остави таблет и лап-топ, асоцијација за детската игра, некогаш и сега, и за современите технолошки иновации, смарт телефони, таблети, лап-топи и други техникалии, кои се исто така дел од секојдневието на децата. Несомнено дека технолошките иновации го менуваат и светот на детето, имаат низа позитивни аспекти и придонесуваат за развој на одреден сегмент од детската личност, но ако се земе севкупното влијание со право може да се каже дека и прекумерното користење на паметните телефони, таблетите и лап-топите може да имаат негативно влијание врз развојот на детето. Одредени истражувања во Кина и САД, а секако и на Балканот даваат конкретни податоци за специфичното влијание на овие современи уреди и зависноста која може да произлезе од нивното прекумерно користење. Така да ќе сретнете податок кој вели дека во Кина се измислени и специјални пелени за поголеми деца и адолесценти, па и возрасни, кои не сакајќи да прекинат во одредена игра на социјалните мрежи или не можат да се одделат од својот компјутер и дури своите физиолошки потреби ги извршуваат на ниво на бебе. Ова се екстреми кај кои постои зависност од интернет и негативни примери кои апсолутно не треба да се следат. Но  други истражувања укажуваат на други последици кои се јавуваат во негативна конотација кај децата, а тие се: -физички малформации, искривување на рбет, проблеми со видот, проблеми со говорот (посебно употребата на мајчиниот јазик), проблеми со моторика. Оние деца кои подолго време минуваат користејки смарт телефони или таблети ги имаат горенаведените проблеми. -алиенација (оттуѓување).Самите социјални мрежи и комуникацијата преку нив, подразбира оттуѓување на децата едни од други, бидејќи комуникацијата се одвива исклучиво виртуелно и на тој начин взаемната директна комуникација се заборава, а тоа води кон оттуѓување на децата меѓу нив. -зголемено насилство и агресија. Гледањето на содржини кои изобилуваат со насилство и агресија, играњето игри кои продуцираат насилство, придонесуваат за зголемено насилство и агресија кај децата, бидејќи тие се соживуваат со своите јунаци и често ги имитираат. Повеќе за темава читајте на Фактор.мк тука.