Ќерка ми лежеше неподвижна 51 ден: Лидија Таковска за борбата со болеста на ќерката Марија
Петнаесет годишната Марија Таковска од Скопје е пример за храброст и истрајност, по 51 ден поминат во болнички кревет. По трите операции на ‘рбетот, тогаш 12 годишната Марија лежела еден ипол месец само на грб, во една положба. Нејзината мајка Лидија Тасковска вели дека тие денови, заедно со сопругот Спасе кој е свештеник во храмот Рождество на Пресвета Богородица, секојднево се молеле нивната ќерка да застане повторно на нозе, и решиле дека предавањето никако не е опција. По сите болни години кои Лидија (дефектолог во посебното основно училиште „Д-р Златан Сремец“) ги опиша во интервјуто за Женски магазин, Марија денеска е здрава и убава млада девојка, деветоооделенка во во ООУ„Кузман Шапкарев“ во скопската населба Драчево. Голема поддршка ѝ е нејзината помала сестра Каја, петтоодделенка во истото училиште. Лидија искрено раскажа дека таа и целото семејство многу научиле од позитивниот дух и од борбеноста на Марија.
* Кога и како дознавте за болеста на вашата ќерка, кога најмногу прогресираше?
-Летото 2011 година веќе вратени од одмор седевме во дворот заедно со децата кои си играа, но бидејки беше многу жешко Марија посака да ја соблече маичката. При соблекувањето на грбчето приметивме мало искривување на рбетот. Тоа мене многу ме вознемири и веднаш закажавме преглед кај тогаш познатиот приватен ортопед кај кој ја носевме од самото раѓање. Тој мислеше дека не е нешто многу сериозно бидејки кај деца до 7 години знаело да се појави вакво искривување и ни советуваше да почекаме една година. Во меѓувреме ја запишавме на балет со надеж дека балетот ќе помогне во испрвување на рбетот. Помина една година и како што растеше состојбата се влошуваше. На 7 години ја однесовме на ортопедија при клиничкиот центар нормално со направени снимки претходно. Докторот кој ја гледаше уште на таа возраст знаеше дека оваа состојба ќе се влошува и ќе стигне до операција но сепак ни предложи вежби за корекција и носење на корсет. Од тогаш започна нашата голгота. Jа однесовме кај сите специјалисти од оваа област и во сите клиники надевајки се дека некој ќе ни даде некоја друга опција само не операција. Значи, од клиника отидовме во Воeна болница 8-Ми Септември каде што започна со вежби и ѝ се изработи корсет во заводот за специјални помагала Славеј. Со корсетот имавме голема мака. Требаше да го носи 24 часа, но бидејќи многу неугоден не беше истрајна во носењето, особено не во училиште бидејќи се срамеше од другарчињата а и неможеше убаво да седи и да се движи со него. Во меѓувреме како растеше,состојбата се влошување. На 9 години искривувањето беше 40 степени со тенденција да се влоши. Почнавме да истражуваме нови начини и методи со кои сакавме да и помогнеме па така ја носевме на истегнување кај еден човек кој на многу деца со сколиоза им имал помогнато со примена на Јумеихо техника која и не беше така ефтина, но ние како родители си рековме дека се ќе направиме само да и помогнеме. Таму ја носевме секој втор ден, во континуитет од година и пол, ретко со прекини. Во меѓувреме ги продолживме со вежбите со редовните контроли , бевме на преглед во „Систина“ кај доктор Савевски. Таму нѐ извадија од памет и не би сакала за тоа да коментирам. Веднаш потоа закажавме преглед во ортопетската болница (костозглобна) Св. Еразмо - Охрид кај д-р. Стрезовски кој најреално ни ја објасни целата ситуација. Ни кажа дека на оваа возраст од 9 годишно девојче и со ваква слика на ‘рбетот сѐ уште нема потреба од опрерација и дека ако треба да се направи операција тоа ќе треба да се изврши по регулација на редовниот циклус кај девојчињата за да може да порасне, а сега ако се изврши операција таа нема да порасне а и ќе има потреба од повторна операција. Исто така ни кажа дека тој на времето правел операции, но не беше запознаен со тоа дали воопшто кај нас некој прави вакви операции. Тоа некако нѐ смири и ние се надевавме дека ете можеби нема да има потреба од операција но сепак почнавне да се распрашуваме и да истражуваме за операциите во светот и во регионот околу нас, колку пари се потребни каде се најдобри операциите и бевме решени ако дојде до опреративен зафат тоа да го направиме некаде во странство во рагионот околу нас. Пративме снимки и во Париз и во повратното писмо беше наведено сето она што ни го имаше кажано д-р. Стрезовски. Сето тоа време ја носевме Марија на вежбање, сега во хотелот „Александар Палас“ кај една млада инструкторка за која од телевизија разбравме дека и самата имала некое искривување на ‘рбетот па со упорно вежбање се исправила и која ни ветуваше дека нема да има потреба од операција дека Марија ќе се исправи со вежбање. Напоредно ја носевме на пливање во базенот Борис Трајковски и можете да замислите колкав пат ние минувавме секој ден освен во недела, од Драчево до „Александар Палас“ или до базенот „Борис Трајковски“, а освен тоа сѐ беше на наш трошок вежбањето и сите други пропратни вежби и терапии за кои ќе ги разберевме. Секаде ја носевме. Не жалевме пари само да се исправи нашето девојче. Значи немаше место или вежби кои не ги пробавме и каде не сме ја однеле. Но состојбата не престанување да и се влошува. Грпката стануваше сѐ поголема и позабележлива. Но, од борбата никогаш не се откажавме. Така сосема случајно една вечер ми се јави мој драг пријател Зоран Киткањ кој ми кажа: „Јас ќе ве однесам во Мајчин дом, кај една моја докторка закажав термин-одиме“. Ние како и секогаш прифативме без колебање. Сигурна сум дека Бог ми го испрати за да ме однесе на тој пат таму. Тој ден кога отидовме во Мајчин дом преку докторката со која нѐ запозна нашиот пријател, ние се запознавме со Д-р. Нерон Поповски кој од самиот момен на запознавање беше толку топол и ни влеа многу голема надеж. Со една реченица која ни ја кажа беше искажано сѐ. Ни рече: - „Што и да правите, колку и да се трудите кај и да ја однесете, ни кај Кинезите оваа состојба нема да ја промените и секако ќе стигне до операција, но не трба да се обесхрабрувате бидејќи има решение за оваа состојба кај нас, затоа рече дане си ги трошиме парите залудно и да се концентрираме на секојдневно вежбање и пливање со што ќе се овозможи еластичност на самиот ‘рбет. Многу сум му благодарна на овие зборови и совети од самиот почеток. Потоа постојано одевме на контроли кај доктор Нерон кој комплетно ја следеше ситуацијата и постојано ни влеваше надеж и ни даваше совети. Но на 11 ипол години кај Марија нагло се влошува состојбата и искривувањето се зголеми за плус 20 степени за неколку месеци од што и докторот беше изненаден и веднаш не повика да ја види и Д-р. Чагатај од Турција со кого ги извршуваа операциите. По тој преглед на Марија ѝ, беше закажана операција за 24 октомври 2017г.
* Во Фејсбук групата #ПРЕДИЗВИК: Херои на 2020 напишавте емотивна порака, раскажавте за моментот кога ќерка ви била понижувана од своите врсници со лоши зборови и потсмев. Kако таа се бореше со оваа состојба, како се боревте вие со неа?
- Марија е дете со голема душа и огромна љубов кон секого. Таа исто така не покажува дека е повредена од некого сето тоа си го чува во себе и се бори сама со сите немили ситуации во кои се наоѓа. Ретко кога се опушта и си ги кажува маките. Секогаш сама истрајува во сѐ, што ја повредува. Ретко знае да се спротистави на некого и најчесто се повлекува и молчи иако е повредена. Јас не се ни сеќавам дали некогаш пред операцијата ми се има пожалено од некое нејзино другарче а сум ја гледала дека е тажна и нерасположена, нервозна. Никогаш, претходно во ниеден разговор со неа кога јас инсистирав да ми каже дали некој и се потсмева таа секогаш наоѓала начин да го избегне одговорот. Е, како јас дознав за навредите на многу болен начин ... Додека лежеше на грб во тие 50 дена на клиниката во еден момент ме праша: „Мамо сега права ли ќе бидам? Повеќе нема да ми биде искривен грбот? Јас и велам: „Да, Маци прекрасна ќе бидеш ! А, таа замислено и среќно ми вика: „Оф фала му на Бога повеќе нема да ми се смеат во школо, нема да ме навредуваат, ќе ме сакаат. Јас со насолзени очи, не знаев што да кажам само ја гушнав, а грутка ми остана во срцето до ден денес кога се сеќавам на овие зборови.
* На 12 години, на вашата ќерка ѝ е направена операција, која за жал се искомплицирала, и за 24 часа ѝ е направена уште една. Какви компликации се случија?
- Оф, никој не претпоставуваше дека може да се случи компликација бидејки во текот на тие години додека оперираа сколиози кај нас им се немаше случено ни една компликација. Но сѐ е според Божја промисла и сѐ е со некоја цел, ништо не е случајно, па така и нашево искушение. Никој не е виновен за она што се случи. На 23.10 ден пред операцијата на Марија беа оперирани две девојчиња кај кои сѐ помина во најдобар ред. И операцијата на Марија иако траеше 10 часа помина многу уредно, вечерта со докторите се изгушкавме и си честитавме дека е сѐ во ред, дека успешно поминало сѐ и дека Марија е сосема исправена. Утрото сѐ беше добро и очекувавме да ја префрлат на одделение, но во 10 часот дојде доктор Нерон кој исто така беше многу вознемирен и ми соопшти дека не знае што се случува, Марија ја губи моториката на нозете. Дека мора повторно да ја врати во сала за да види во што е проблемот, а тоа значеше повторна операција за неполни 24 часа. Всушност мораше многу бргу да се реагира. Не можам да ви го опишам чуството на беспомошност кога го дознавме ова, само му рековме на докторот дека веруваме во него и неговата екипа и дека сакаме да направи сѐ што е потребно за Марија. Вечерта кога заврши интервенцијата докторот дојде ни кажа дека се било поради хематом т.е. насобрано големо количество на крв во еден од пршлените што притискал на нервот и со тоа полека како што растел притисокот се намалуваше и моториката на нозете. Со оваа операција беа отстранети шипките и мораше да помине одреден период за да се вратат назад и да се комплетира целата операција. Му благодариме на Бога што беше само хематом, што навремено се реагираше и не остави никакви последици.
* Вашиот најтежок период е оној од втората до третата операција, кога ќерка ви цели 50 дена требала да лежи на грб. Каде ги помина тие денови, како успеа да издржи, што ве крепеше вас во тие моменти?
-Не, мојот најстрашен и најтежок период беше денот кога ми соопштија дека за 24 часа треба повторна операција и кога никој незнаеше што се случува. Плачев и во црквичето кај Клиниката веднаш до зградата на хирургија се молев на Бога да ѝ даде сили да издржи, да ѝ ги олесни маките, да направи чудо, да не ѝ ги одземе нозете. И навистина се случи чудо, Бог ги услиши нашите молитви и помина сѐ. За неколку дена повторно почна да ѝ се враќа функцијата на нозете. Беше 27.10.2017 година, Петковден. Утрото пред да влезам на КАРИЛ кај Марија повторно бев во малото црквиче со солзи во очите се молев на Бога, на Борородица, а најмногу на Св. Петка да ми ја врати Марија без никакви последици. И за вистинско чудо тој ден за првпат почна да ги мрда нозете. Плачев од среќа и од неизмерна благодарност. А секако најтешкиот период за Марија беше лежењето на грб кој и те како се пролонгираше. Најстрашниот период за Марија како што таа раскажува е лежењето на КАРИЛ, каде што беше сама без мене. Јас ја посетував и се задржував и подолго благодарение на сестра Аница Миленковска и сестра Анита Атанасов. Но навечер таа беше сама, ја задржаа 7 дена. Првично требаше да поминат само 14 дена до следната- трета операција, но за искушенијата да бидат поголеми се случи уште еден немил настан. Од преголем напор и стрес на д-р. Нерон му пукна слепо црево и мораше да се оперира. Додека да закрепне докторот имавме и многу други комликации со катетерот што го носеше, па кога докторот беше подготвен, ѝ најдоа интерхоспитална бактерија во урината па со комбинација на антибиотици требаше да се излечи, но на секоја наредна микробиолошка контрола се појавуваше некоја друга бактерија. Леле, тој перод ни се чинеше вечност на нас кои не бевме врзани за кревет, а на Марија можете да замислите како ѝ беше. Лежеше само на грб и по малку на страна, но во ниеден момент не ја изгуби позитивната мисла и желбата да истрае и да биде права. Во овој период повторно ќе кажам, само Бог на сите ни даваше најголема сила да издржиме. Марија и покрај сите болки, маки и исчекувања остана со насмевка на лицето и огромна љубов во срцето. Таа во тие моменти кога мене ќе ме видеше тажна и нерасположена знаеше да ми се насмее и да ми каже „Мамо ,не се грижи, сѐ ќе биде добро“.Замислете, таа мене ме тешеше и ми даваше сила да издржам и да се насмеам. Тоа го чуствуваа сите вработени на оделот за ортопедија од доктори, медицински сестри, болничари, ја засакаа и во сѐ се трудеа да ѝ ги намалат страдањата и да ѝ го разубават престојот во болничката соба, кој никој не знаеше кога ќе заврши, тагуваа со нејзината болка и се радуваа на нејзините успеси. Станавме едно големо семејство. Таква грижа и нега немам доживеано никогаш по клиниките наши, јас бев презадоволна од сите вработени. Многу голема поддрша исто така имавме од целото наше семејство родители, сетри, братучеди, нашите сакани кумови, сите пријатели, а фала му на Бога ги имаме многу. Сите тие секојдневно ни даваа поддршка и не храбреа да издржиме во нашата борба. Сите на посебен начин ни ги разубавуваа тешките болнички денови. Најголема поткрепа за Марија беше грижата и поддршката од нејзината прекрасна класна Лена Спасеновска- Поповска која секојдневно сочуствуваше со нашата болка и ги носеше еднаш во неделата другарчињата на Марија во болничката соба што посебно ја развеселуваше Марија и со нетрпение ги очекуваше секогаш кога ќе дојдеше денот за посета. Конечно по точно 51 ден лежење, дојде денот на третата операција која повторно ќе кажам благодарение на Бога и на добриот тим на доктор Нерон помина во најдобар ред но во голем страв од наша страна, едвај го издржав и едвај го дочекав следниот ден. Потоа поминаа два дена во големи болки и страдања, но сѝ се издржа и помина јунчки, херојски со голема воља. Денот кога застана повторно на своите нозе беше најсреќниот ден за сите на одделот. Сите беа среќни и со радост и аплауз го дочекаа првото зачекорување на Марија, кое беше бавно, несигурно но гордо и испрвено со најголема насмевка на нејзиното убаво лице. Сите со солзи во очите се прегрнувавме и си честитавме за сѐ досега преживеаното. Поголема радост во тој момент за нас и за сите присутни не постоеше.
* Како течеше закрепнувањето по операциите, траеше ли долго?
-Закрепнувањето течеше па и не така долго. После 10-тина дена не пуштија да си одиме дома. Конечно после цели два месеци поминати во болница бевме во својот дом. Марија на почетокот одеше бавно, но со голема желба за побрзо опоравување се ослободуваше сѐ повеќе и од ден на ден беше се поподвижна. Одевме секојдневно на вежби во Катлановска бања кои многу ѝ помогнаа за опуштање на мускулатурата и за нормално функционирање во секојдневниот живот. Додека траеше процесот на закрепнување голема поддршка имаше и во училиште, бидејки кога се врати на настава сите во училиштето беа запознаени со целата нејзина состојба и беа многу внимателни околу нејзиното движење во училиштето. Со оглед на тежината на операцијата, закрепнувањето ни беше некако спокојно и лесно но сепак траеше некои 5-6 месеци. Оттогаш па до денес Марија одеше на пливање, а во последно време секојдневно вежба.
*Колку време помина од тогаш, што ве научи тоа болно искуство?
- Од тогаш поминаа 3 години, и Марија се чуствува одлично, посамоуверено, но тој период пред операцијата кога била навредувана кај неа остави големи последици во смисла дека нема доверба во другарките и тешко се опушта пред нив. Секогаш е повлечена и резервирана од страв да не биде повторно повредена. Што нѐ научи ова болно искуство- нез нам како да го кажам ова и не знам дали правилно ќе бидам разбрана. Прво нѐ научи да веруваме во чуда, бидејќи со силна верба во Бога ништо не е невозможно, чуда се случуваат постојано околу нас. Бог на никого не му дава повеќе отколку што може да издржи. Еве ние издржавме во нашата борба, надевјќи се на Божјата милост, сѐ се врати во најдобар ред. Ние како православни христијани, сѐ што ни се случува прифаќаме смирено со молитва за олеснување на искушенијата низ кои треба да поминеме и Бог ги слуша искрените молитви и го знае сечие срце и никогаш не очајуваме туку се надеваме, бидејќи колку и да трае една мака таа е секогаш тука за нашето подобро утре.
* Како е сега Марија, каде учи и за што е талентирана?
- Марија сега е девето одделение во ООУ„ Кузман Шапкарев“ во нас. Драчево во Скопје. На први јули ќе наполни 15 години. После сѐ добро се чуствува многу е задоволна од сѐ што има во животот, а како што таа знае да каже: „Задоволна и најсреќна сум што сте покрај мене и што го имам најдоброто семејство.“ Околу талентот незнам што да кажам, најверојатно талент и е истрајноста, трпението и љубовташто ја шири меѓу луѓето, за друго за што е создадена има време да се развива и да го покаже своето умеење. Инаку таа е многу добра во работи кои бараат мануелна прецизност и добар визуелист, па иднината е пред неа. Своето образование сака да го продолжи во средното училиште Димитар Влахов на струката козметичар- естетичар и ние ја поддржуваме во изборот.
* Децата учат од своите родители, но и родителите учат од своите деца. Какво дете е Марија, што научивте вие од неа?
- Како што се вели, децата се огледало на родителите. Ние како родители се трудиме постојано да ги воспитуваме нашите девојчиња да бидат пристојни, љубезни кон секого, хумани и секогаш благодарни за она што го имаат. Растени со многу љубов мислам дека тоа и сме го постигнале. Марија е дете со големо срце, со многу љубов која не се срами кон секого да ја искаже. Ги сака луѓето, но и многу е интуитивна и таа нејзина интуиција секогаш е многу точна и ја прави многу попретпазлива. Внимателна е но и многу искрена кон секого. Исто така е и многу чуствителна. Таа е многу педантна, сака сѐ да е подредено симетрично и се да е на свое место. Па верувам од овие нејзини каратеристики има многу да се научи. Ние секојдневно учиме едни од други.
Милица Џаровска