Д-р Огњен Даскалов: Бидете сигурни дека правите естетски зафат поради себе, а не за околината

Добивај вести на Viber

Др. Даскалов Огњен после својата субспецијализацијата по Пластична и Реконструктивна Хирургија на Универзитетскиот Клинички Центар – Скопје , професионалното усовршување го продолжува во еминентните центри за пластична хирургија, 6 месеци во Лион – Франција во 1993-та  и 6 месеци во Барселона – Шпанија во 1998-ма година. 

Учен од најдобрите, тој за прв пат во Македонија отпочнува со примена на ткивни експандери, реконструкција на дојка, фасциокутани резени и бројни хируршки техники од естетската, микрохирургијата и реконструкција на изгореници, техники за „фејслифтинг“, операции на нос и гради и „антиејџинг“ третмани.

Од прва рака, за Женски Магазин откри нешто повеќе за естетските операции и зафати во својата ординација. 

* Дали трендот на естетски операции е во нагорна линија или пак се уште станува збор за една табу тема?

- Во последните 10 години се повеќе пациенти се заинтересирани за естетски операции, така да овој тренд е во нагорна линијa. Тоа секако оди во прилог на светскиот тренд за естетски операции и покажува дека во нашето општество не е повеќе табу тема за разговор .

* Кои естетски операции или третмани се најбарани?

- Како неинвазивни методи кои најмногу се користат: ботокс, дермалните филери, липофилингот, ПРП третманот, додека пак како најбарани естетски оперативни зафати спаѓаат: зголемувањето на градите со импланти, нос – функционална или естетска корекција, липосукцијата на стомак, очни капаци, аурикулопластика и затегнување на лицето - фејс лифтинг.

* Кои славни личности се пример за одредена операција?

- Пациентите често се инспирани од светски познати личности како пример кој најмногу се одвојува можам да ги наведам – Кајли Џенер, Андријана Лима, Меган Фокс, Анџелина Џоли - сите овие се еден вид на инспирација за одреден дел на тело или лице кај нашите пациенти.

* Дали пациентите кажуваат која е причината за естетскиот зафат, дали често станува збор за комплекси или пак само желба, потреба?

- Наведувањето на причината зависи индивидуално од секој пациент, но најчесто можам да кажам дека е желбата. Поголемиот дел од луѓето сметаат дека имаат маани и самата естетска корекција допринесува нивната самодоверба да се подигне. Но има и такви кои подлегнуваат на естетски операции поради здравствена причина.

* Една од најпопуларните корекции кога е во прашање естеската хирургија е дефинитивно зголемувањето на градите. Жени на која возраст најчесто прават вакви операции? Какви импланти вградувате, објаснете колку е важно да се квалитетни? 

- Не би можел да издвојам конкретна возраст, најчесто е од 18 години нагоре. Кога една жена се одлучува да вгради импланти најважен фактор е квалитетот на кожата на пациентот и нејзините структури, исто така и квалитетот на самите импланти кои планираме да ги вградиме кај пациентот со меѓусебен договор. Неквалитетни импланти може да доведат до низа на здравствени нарушувања ( како руптура, изместување и асиметрија, капсуларна контрактура и др.) .

Затоа можам да го издвојам „Ментор“ како производител со високо квалитетен имплант рангиран на светско ниво кои нудат доживотна гаранција, безбедност и квалитет со што придонесува кај пациентите побрза одлука за вградување на импланти. Воедно и самите факти зборуваат дека пред две години добивме награда од „Ментор“ за најголем број на пациенти во регионот за користење на импланти било тоа за естетски или реконструктивни зафати.

* Какви гради (која големина, форма) пациентките бараат? Сами кажуваат или оставаат на Вас да оцените?

- Секако дека е примарна желбата на пациентот, но јас секогаш давам препораки и донесувам одлуки за големината на имплантот, техниката на самата интервенција како и формата која би била идеално соодветна на обликот на телото на самиот пациент. Додека кога барањата се нереални како и самите очекувања се трудам да ги наведувам на исправна одлука  за да направиме компромис помеѓу можноста и желбата.

* После колку време постоперативно е видлив резултатот?

- Постоперативниот резултат е видлив веднаш кај повеќето интервенции. Но сепак  потребен е период за постоперативно закрепнување и за финалниот изглед по самата операција. Секоја операција си има своја тежина и период на рековалесценција.

* Дали пак има дами со големи гради, кои ги намалуваат поради тешкотии?

- Чувството на нелагодност, болка во грбот, потешкотија кај пациентите се едни од причините за одлука за овој вид на интервенција т.е за смалување на градите.

* Која е најтешката естетска операција што била направена во вашата болница?

- Најтешки и долготрајни се интервенциите на обострана реконструкција на градите по нивно отстранување поради тумор, и операциите на фејс лифтинг со корекција на очни капаци и вратот. 

* Дали интересот е поголем од бројот на интервенциите со оглед на тоа што тие се можеби скапи за просечниот македонски џеп?

- Цените се во сообразност со земјите во регионот (Србија, Хрватска , Бугарија) прилагодени според нашите стандарди. Поефтини се од околните земји и затоа не прави подостапни за странските државјани. Имаме многу пациенти кои доаѓаат од европските земји, наши и странски државјани, бидејќи таму се цените многукратно поголеми. Болницата нуди можност и за плаќање на рати за да излеземе во пресрет на нашите пациенти.

* Имаме доста примери кога луѓето стануваат опседнати со пластичната хирургија и настојуваат по секоја цена да си го променат личниот опис. Што мислите Вие?

- Социјалните мрежи, медиумите, светски познатите личности, лицата од шоу бизнисот наметнуваат изглед за совршенство особено кај женската популација. Секогаш се залагам за поприродниот изглед, се што би се работело да биде во границите на нормалата и потребите . 

* Дали Вие со согласувате со тезата дека „благодарение“ на пластичната хирургија, жените се’ повеќе наликуваат една на друга?

- Овој тренд не е толку застапен во нашата држава колку во околните држави како желбата за копија. Таму најчесто лицата од естрадата наликуваат една на друга бидејки одредени хирурзи користат еден вид на ист „калап“ за одреден вид на интервенци. Претежно тоа се корекции на нос, јагодици, усни, гради.

* Ваш совет за сите оние кои размислуваат за зафат, но немаат храброст, кога е правилно време да преземат чекор?

- Мој совет е да направат зафат тогаш кога сметаат дека квалитетот на животот ќе им се подобри доколку го направат тоа или им претставува проблем во нормалното функционирање. Да преземат чекор тогаш кога ќе имаат доволно информации за процедурата како и за периодот на закрепнување од самата интервенција. Да имаат јасна идеја што сакаат да коригираат, секако и кога ќе се сигурни дека тоа што го прават е исклучливо за самите нив, а не за околината. Нема поубаво чувство од тоа да се сакате самите себеси. За појасна слика и информации околу самите интервенции закажете термин за консултација во мојата ординација. Контактите се достапни на нашата веб страна , Инстаграм профил  „Др. Даскалов“ како и на Фејсбук. Бидејќи ние се грижиме за здрвјето и убавината на нашите пациенти.

Д. Караташова