Студијата за проценка на институционалните механизми за превенција, идентификување, пријавување, упатување и заштита на деца од насилство промовирана денеска во Скопје.
Целта на студијата е подобро да се разбере обемот на проблемот со насилство врз децата, да се утврдат системските пропусти на ниво на создавање политики и програми и нивно спроведување и да се дадат препораки кои ќе помогнат за долгорочно планирање за превенција и заштита на децата од насилство.
Од 903 кривични дела на семејно насилство минатата година, во кои се евидентирани 976 жртви, жените се поголем дел или речиси две третини од регистрираните жртви, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој нагласи дека МВР е една од институциите која, согласно своите законски надлежности и обврски, ја има позицијата директно да се соочува и справува со последиците од овој тежок облик на криминал.
Сите од нас секојдневно гледаме насилство врз детето во семејството, за кое ние едноставно си молчиме. Јас многу пати сум била сведок кога родител ќе го потчукне детето, ќе го потскубне, па дури и ќе го потклоцне и тоа се случува на јавни места, во училиштата и во градинките, истакна денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во обраќањето на денешната презентацијата на Студијата за институционални механизми за заштита на децата од насилство.
Образовниот систем, односно училиштата според министерката за образование и наука Рената Дескоска претставуваат исклучително важен дел во процесот на препознавање и пријавување на случаите на насилство, злоупотреба и занемарување на деца.
-МОН во соработка со УНИЦЕФ изминатиов период работеше на практичен прирачник за превенција и интервенција на насилство во училиштата во финална фаза се последните интервенции. Овој прирачник верувам дека ќе ја одреди и олесни улогата на училиштето во постапките за препознавање и пријавување на случаите на насилство, злоупотреба и занемарување на децата, истакна Дескоска.
Министерката потенцираше дека физичкото насилство е највидливо, но исто толку присутни и погубни се и сите други форми на насилство како емоционалното насилство, булингот, сексуалното вознемирување и друго.
Според раководителот на Секторот за соработка со ЕУ Никола Бертолини, статистичките податоци во Извештајот покажуваат дека состојбата е многу сериозна и дека има потреба од владина и институционална координација, а документот го нарече феномен што не е карактеристичен за едно општество. Бертолини рече дека овој документ дава битни опсервации и оценки на државниот механизам за одговор.