Солзите на мајка ми се многу скапи и малкумина можеа да ги видат: Ексклузивно искрено интервју со Анастасија Ражнатовиќ за Женски Магазин
Со промоцијата на песната „Ране“ која имаше повеќе од 67 милиони прегледи на јутјуб каналот, Анастасија Ражњатовиќ полека, но сигурно почна да излегува од сенката на својата мајка Светлана Цеца Ражњатовиќ . На балканската музичка сцена се наметна како млада пејачка, со предиспозиции за успешна кариера.
Соработката со македонскиот продуцент и композитор Дарко Димитров, беше причина да го посети Скопје. Вели дека е одушевена од нашиот главен град. Посакува, да запознае и да прошета повеќе места од нашата земја.
Работи на нови проекти, но чека да дојдат подобри времиња, да и ги претстави на јавноста. Се надева дека 2021 година ќе биде подобра и посреќна за сите и дека луѓето ќе можат да се вратат на старите навики и на својата работа.
* Со вашата прва песна, која имаше многу модерен звук, наречена „Совршен пар“, навестивте во кој музички правец ќе се развива вашата кариера. А за тоа е заслужен и македонскиот композитор и продуцент Дарко Димитров. Додека работевте во студио, дали имавте време малку да се прошетате во Скопје и да ги добиете впечатоци за нашиот главен град и за луѓето кои што живеат тука?
- Скопје ми е навистина преубав град. Некои делови дури ме потсетуваат на Белград, Таму ми беше многу убаво и мило ми е што имав можност да престојувам во него неколку дена. Од моето искуство,луѓето се многу дружељубиви, љубезни и гостопримливи. Вкупниот впечаток ми е феноменален.
* Темата „Рани“ имаше повеќе од 67 милиони прегледи. Дали тој податок беше за вас ветер во грбот и потврда дека сте подготвени за уште поголеми музички предизвици?
- Дефинитивно. Бев многу пријатно изненадена што песната доживеа толку голема популарност. И слободно можам да кажам, и од обожавањето на мојата публика. Јасно ми беше дека после таков успех, ќе биде многу поголем залак да се надмине таа песна.
ВО ЉУБОВТА СУМ ИСКРЕНА И ПОСВЕТЕНА
* За вашиот хит „Те сакам“ изјавивте дека во него ќе се пронајдат жените кои што силно сакаат, но во исто време се многу достоинствени и не се двоумат да прекинат нешто што ги прави тажни. Дали сте вие една од нив? Какви сте во љубовта?
- Во љубовта себеси би се дефинирала како искрена, посветена, верна и романтична личност. Исто така точно знам што сакам и не се согласувам на никакви компромиси, кои би ме воделе да се откажам од себе и да ја менувам својата суштина.
* Што треба да има момчето кое е покрај вас, за да бидете среќни во врската? Што ви е најважно?
- Имам среќа што го најдов тоа што го барав. До мене имам момче, кое што е остварување на мојот идеал за маж. Интелигентен, сталожен, чесен, духовит и умее прекрасно да сака.
* Сметате ли дека младоста е највредното нештои дали уживате максимално во овој период од вашиот живот? Што ве прави среќна?
- Не би рекла дека младоста е единственото нешто што вреди да се има. Младоста е минлива, но сите други години носат убавина и некоја нова димензија. Ова е веројатно моментот кога сите знаеме што е најважно, а тоа е здравјето. Како, лично, нашето здравје, така и здравјето на луѓето околу нас. А во овој момент, навистина мислам и на здравјето на сите луѓе во светот. Младоста е убава, разиграна, полетна, неограничувана и храбра, но, со зрелоста и годините што доаѓаат, сигурна сум дека се стекнуваат некои нови квалитети. Сигурност, самодоверба, смиреност и способност да уживате во сè со полни гради.
АКО СЕ САКАМЕ СЕБЕСИ, ТОГАШ ГИ САКАМЕ И СОПСТВЕНИТЕ ГРЕШКИ
* Кои се првите спомени кои што ви навираат кога ќе се спомене детството?
- Како и повеќето деца, и јас првото нешто што го паметам е топлината на мојот дом. Нежноста и сигурноста кои што ги имав во моето семејство.. Љубов, смеа и игра.
* Каков ќе биде нашиот живот зависи од тоа каков избор ќе направиме? Дали жалите за нешто, за некој погрешен избор или сето тоа го складирате во фиока со назнака искуство?
- Ако се сакаме себеси, тогаш ги сакаме и сопствените грешки, затоа што учиме од нив, стануваме подобри и попаметни. Имам премалку години за крупни грешки, а во животот се обидувам да ги избегнувам, слушајќи ги луѓето кои што се постари од мене. Читајќи и работејќи на себе.
* Споредбите со вашата мајка се неизбежни кога станува збор за кариерата. Јас би ве прашала дали карактерно наликувате на неа или сте и приватно различни?
- Горда сум на сето тоа во мене што е нејзино. Мајка ми е мојот пример и би сакала и моето дете еден ден да има причина да ме сака и да ме почитува толку безрезервно, како што јас ја сакам и почитувам мојата мајка. Во многу сегменти сме многу слични, поточно, личам на неа. Секако дека постојат некои разлики и не би било добро да не е така, зашто тогаш сите ќе бевме клонови!
МАЈКА МИ Е СПОСОБНА ДА ГО СПАСИ СЕМЕЈСТВОТО КОГА Е НАЈТЕШКО
* Во последните ваши настапи во медиумите ја отворивте душата и зборувавте за периодот кога ви било најтешко. Уште еднаш потврдивте и колку беше храбра вашата мајка. Дали некогаш сте ја виделе како плаче или се обидува секогаш да биде насмеана пред вас?
- Мајка ми е нестварно силна жена. Способна е да го спаси семејството кога е најтешко. Способна е да го одржи сето тоа со неверојатна сила и оптимизам. Солзите на мајка ми се многу скапи и малкумина можеа да ги видат. Не се сомневам дека во текот на својот живот таа научила да плаче во себе, бидејќи во денешниот свет солзите се сметаат за слабост.
* Кога сте јавна личност, тогаш треба да бидете подготвени луѓето да зборуваат за вас и некои непроверени информации или едноставно да ве критикуваат без причина. Луѓето кои што ве познаваат велат дека сте многу добра и воспитана девојка. Дали искуството ве научи повеќе да не ве боли ниедна лага и злонамерен коментар?
- Се трудам да не ме заболат. Научив дека е најважно да сум сама со себе добро и да јас знам што е вистина, а времето како најдобар судија секогаш ќе покаже како стојат работите. Верувам во Господ, верувам во правда и вистина, колку и таа да се чека понекогаш.
* Како би се опишале себе, за да ве запознае подобро македонската публика?
- Мислам дека таа веќе доволно ме познава и дека моите песни се слушаат во Македонија. И, се разбира, мене ми е неизмерно мило за тоа! Засега сум била само во Скопје, но, би сакала повеќе да ја истражувам вашата прекрасна земја.
ЈА СЛЕДАМ МОДАТА ОД ДЕТЕ
* Каков е вашиот стил на облекување. Правите ли комбинации на брендови од висока и улична мода?
- Нема правила. Се обидувам да бидам соодветно облечена за секоја пригода. Секако, приватно сум најчесто во фармерки и тренерки. Но, има и настани кои бараат дефиниран дрес код, кој јас морам да го испочитувам. Ја сакам модата како уметност и ја следам уште од дете, Но, не робувам на никакви модни императиви. Трендовите ги прилагодувам на себе, ако ми се привлечни.
* Колку раѓањето на вашиот внук Жељко го смени животот во вашата куќа? Дали сè се врти околу него?
- Тој е пред сé есреќа на своите родители, а потоа и на целото наше семејство. Тој е наше првенче и секако дека заслужува сите да сме свртени кон него и да уживаме во неговото растење.
* Добро искористен ден, дарува и пријатен сон. Дали вашите денови личат едни на други, или понекогаш си давате многу слободни моменти за да бидете пред сé сами со себе?
- Се обидувам да го исполнувам секој ден со настани и со луѓе кои ми одговараат. За жал, живееме во опасно време, во време на светска пандемија, во кое секој, па и јас, мораме да ги сведеме своите обврски на минимум. И во сето тоа, се обидувам во дадените околности да не губам време, туку да направам нешто паметно за себе.
* Колку пандемијата ги смени вашите приватни и професионални планови? Има ли во најава нешто ново? Нова песна можеби?
- Секако дека ги планирам и работам на идните проекти. Моментно не е најдобра ситуацијата за мојата професија и за објавување нови песни. Но, сите се надеваме дека 2021 година ќе биде подобра и посреќна и дека сите во неа ќе можат да се вратат на старите навики и на својата работа.
Соња Алексоска Неделковска