13- годишен син ѝ купи автомобил на мајка си: Заработуваше косејќи им трева на соседите
Вилијам Престон (13) од Невада долго време штедел пари за да ѝ купи автомобил на својата самохрана мајка и да ѝ помогне кога мислела дека работите не можат да бидат полоши
Вилијам живее со самохраната мајка, неговите брат и сестра, а како што пишува NBC, неговата мајка се мачела бидејќи немала автомобил. Затоа, момчето решило да направи нешто околу тоа.
Додека не одело на училиште или не пишувало домашна задача, ова преслатко момче заработувало пари косејќи ги дворовите на соседите. Заштедил малку пари, а до оваа одлична идеја дошол кога на „Јутјуб“ видел како некои други деца, многу постари од него, ги изненадуваат своите родители купувајќи им автомобил.
На почетокот мислел дека нема да успее во намерата, а потоа еден ден во рекламите нашол „Шевролет Метро“, кој не бил многу скап. Сепак, сè уште му недостигале пари.
Колку силно сакал да ја изненади мајка си покажува следниот потег кој го направил - на сопственикот на автомобилот му го понудил својот „Xbox“ како замена.
„Автомобилот беше навистина евтин и го прашав сопственикот дали можам да го понудам мојот „Xbox“ или дали можам да направам нешто за да ми го пресмета во цената. Таа прво одби, но потоа се предомисли и се согласи“, изјави Вилијам за новинарите.
Откако разговарал со сопственикот на автомобилот, тој ѝ ја соопштил радосната вест на мајка си. Таа не му поверувала, па отишла кај жената која го продавала автомобилот и се уверила во неговата приказна.
„Беше уморен да ме гледа како плачам цело време. Во тешките моменти зад мене застана син ми. Секој поминува низ тешки моменти во животот, но секогаш може да се случи нешто добро во секоја ситуација сè додека се борите“, изјави за „NBC-2“ мајката на Вилијам, Кристал Престон и додаде:
„Се изгубив себеси, врескав од среќа. Колку тринаесетгодишници познавате кои на својата мајка ѝ купуваат автомобил? Не знам ниту еден, ниту пак сум слушнала за таков случај. Не можам да ги опишам чувствата. Нема зборови да објаснам колку сум горда“.
Извор: www.fazon.info