БУЏЕТ ОД НАД 100.000 ЕВРА ЗА ПРОЕКТОТ „ЕВРОСОНГ“: Ќе смислиме нешто ефектно за парите што ги имаме, велат од МРТ

Добивај вести на Viber

Седум милиони денари (113.000 евра) е буџетот предвиден за проектот „Евросонг“, дознава „Женски Магазин“. Од Македонската радио телевизија (МРТ) тврдат дека ова е сумата која е побарана во финансискиот план на јавниот сервис за евровизискиот избор во Израел, но и за детската „Евровизија“. Овие пари се за трошоци - патување, транспорт, хотел и дневници за евровизиската делегација составена од вработени во МРТ, но и за тимовите кои ги придружуваат нашите претставници на двата евровизиски избора. Надомест од 2,5 милиони денари (над 40.000 евра) националниот сервис ќе мора да уплати за „Програмски права“ од кои скоро 36.000 евра се за учество на „Евросонг“, а 5.000 евра е котизацијата за „Детска Евровизија“. Од МРТ велат дека оваа сума спаѓа во предвидениот буџет од 7 милиони денари, иако во претходните финансиски извештаи е наведена како посебна ставка „Програмски права“.

- Отстапки од буџетот секогаш има, најчесто повеќе од 10 отсто, во зависност од земјата-домаќин на настанот. Ние работиме транспарентно, како јавен сервис должни сме да дадеме отчет на јавноста - ни изјави Анета Андонова, главна уредничка на Првиот програмски сервис на МРТ.

Да смислиме нешто ефектно за парите што ги имаме - Анета Андонова, главна уредничка на Првиот програмски сервис на МРТ (фото: Fakulteti.mk)

Таа признава дека во минатото имало и погрешни проценки, но нагласува дека отстапки се правеле единствено да се задоволат потребите на пејачот-претставник, како што вели, во интерес на што подобро претставување на нашата земја.

- За секоја голема промена и стратегија треба многу пари. Ние сакаме годинава да имаме достоинствено претставување. Да смислиме нешто ефектно за парите што ги имаме - вели Андонова.

И покрај притисокот од јавноста за промена на македонскиот евровизиски тим кој со години остварува лоши пласмани на „Евросонг“ и со години не успева да понуди концепт за наш пласман во финалето, досега такво нешто не се случи. 

МРТ интерно одлучи во Израел да нѐ претставува Тамара Тодевска (фото: Бојан Стоилковски)

Сепак, Андонова минатиот месец најави промени во евровизискиот тим, но и во концептот.

- Членови од претходниот тим задолжително ќе бидат и во новиот, пред сѐ поради искуството и контактите. Во составот разбирливо ќе има по еден новинар од МТВ1, МТВ 2 и од Македонско радио. Овојпат нашата делегација ќе биде сведена на минимум за да се остави повеќе простор за тимот кој ќе ѝ биде неопходен на Тамара - открива Андонова.

На „Евросонг“ во Израел повторно ќе патува и актуелната шефица на македонската делегација, Мери Попова, како уредник на културно-уметничката програма. Дали таа ќе остане на чело на делегацијата од МРТ ни рекоа дека допрва ќе се одлучува.

Ѓорге Стојанов