3 основни елементи за да се случи промената која ја посакуваме
Секој што се обидел да внесе промени во својот живот, знае колку предизвикувачки може да биде тој процес. Па, што навистина е потребно за да направиме работите да се случат, да сведочиме на промената која ја посакуваме?
Прво - Стратегии. Мора да знаеме како да направиме нешто да се случи. Многумина сакаат да променат нешто во својот живот, но не знаат како. Постои „како“ во се што сакаме да направиме. Како да ја направам промената, како да ја подобрам својата финансиска ситуација, како да изгубам килограми, како да бидам подобар родител итн. Но исто така, постојат и стратегии кои се докажани и кои даваат најдобри резултати за најкратко време.
И стратегиите не се проблем. Лесно ќе најдете или консултирајте некого кој постигнува резултати какви што посакувате. Едноставно пребарување на интернет ќе ви даде многу стратегии, стотина артикли, онлајн платформи за учење, вежбање, за исхрана итн., па едноставно изберете една и држете се до препораките кои ги нуди.
Веќе ве слушам…„Лесно е да се каже, тешко е да се направи“
Па токму тоа не води кон вториот елемент кој има најголемо влијание и претставува главен императив за успех.
Второ - Системот на верувања. Приказната која си ја кажуваме. Бидејќи ако вашата приказна е обесхрабрувачка, вие нема да најдете стратегија или нема да ја искористите. Ако вашата приказна е – Да, тоа е се супер, но јас сум крупна, имам големи коски, таков ми генот, тоа не е за мене и сл., нема ништо да направите. А нема ништо да направите, бидејќи нема акција во тие зборови.
Ако вашата приказна е: Пробав се!. „Ама“ или „Но“… Овие се многу чести, заеднички за луѓето. Често клиентите со кои работам, имаат брилијантни идеи, способности да направат нешто, знаат како, но секогаш се провејува некое „ама“ зошто нешто не може да се случи, или не може да се случи сега. И тоа е нивната приказна. Се што додаваме после ама, е нашата приказна, нашите изговори. Всушност изговорите се одговорите кои си ги даваме за тоа колку нешто ни е навистина важно.
Доколку се пронаоѓате во ова, направете листа што точно сте пробале, именувајте ги. Кога минуваме со клиентите низ овој процес од сто работи кои велат дека ги пробале, на крај се сведува на две до три работи кои ги прават и кои не функционираат за нив, не ги водат кон саканите резултати, но сепак продолжуваат да ги прават. Или ако погледнеме во релациите, на пример. Како правиме тие да функционираат? Ако се соочувате со проблеми во партнерските релации, не можете да најдете соодветен партнер за вас, нема ниту да најдете доколку се држите до став дека „Жените / мажите се такви, вакви, онакви. (вметнете каква било лимитирачка генерализација)“, „Не можам да имам или нема да се случи…“. Доколку имате лимитирана приказна за релациите, таа служи како бариера за да најдете што таа релација може да ви донесе. Мора да ја сменете приказната, односно вашиот систем на верувања.
Секако, некој ќе се сложи со ова, некој не. Кога ја отвораме темата за верувањата до кои се држиме и како тие не држат таму кај што сме во животот, вообичаени се прашањата: Е како!? Па тоа не се верувања, тоа е вистината?!
Знам…Кога сте во својата приказна тешко е. Сте си ја кажале милион пати, тоа е ваша реалност која веќе си има свој живот. Па, ви треба третиот елемент.
Трето – Квалитетна, внатрешно богата состојба на умот. Бидејќи состојбата во која сте ќе ја одреди вашата приказна, вашите мисли. Не е доволно само да знаете што треба да направите, туку да чувствувате дека сакате да го направите тоа. Лоша состојба и расположение не се погодни за правење добри одлуки.
Сетете се на ситуации кога сте се наоѓале во гневна или разочарана состојба, таа повлекува сеќавања на сите други работи кои не функционираат во вашиот живот, кои се случиле во минатото и ве вознемируваат. И во спротивно кога се чувствувате убаво, кога сте среќни со некого, кога сте во состојба на љубов, што може да се случи погрешно? Што е погрешно во вашиот живот кога сте тотално во состојба на љубов, на среќа? …Ништо.
Во таква состојба, вие сакате да креирате, сакате да правите работи, станувате полетни.
Значи, ние не креираме само навики во однесувањето, туку и за состојбите во кои сме. Лесно создаваме навики во кои сме гневни, лути, разочарани, тажни, фрустрирани, или депресивни. Чувството е од непријатно до ужасно, но пречесто сте во тоа чувство, што за вас е „како дома“, за вас е реалност, нормално. Тоа значи дека е комотно бидејќи го знаете, познато ви е. Мора да го прекинете кругот, свесно да излезете од тоа.
Па првата работа пред да почнете да креирате одлуки за промени е: Направете да се чувствувате добро! Дозволете си го тоа.
Во животот, најважната личност од која треба да добиете дозвола за да направите промена, за да се чувствувате подобро, сте вие самите. Можеби не изгледа секогаш така, но во големата слика, ова е секогаш точно.
Зорица Поповска
Професионален тренер и коуч