Актерката Душица Тренева присуствува на настани со светскиот џет-сет: На појадок со Џони Деп, на муабет со „Ред Ход Чили Пеперс“

Актерот има страст, срце и храброст да биде бестрашен, отворен. Да биде ранлив, способен да помине низ оган, а да не се изгуби себеси. Како актер со овие особини ќе наидете на луѓе кои немаат допирна точка со уметноста, ниту емпатија кон театарот, нивните фрустрации се зголемуваат, а проектите се намалуваат. Тоа е причината поради која актерката Душица Тренева (29) ги спакувала куферите и заминала за Доха, Катар.

- Кога ќе ти ја навредат интелигенцијата, креваш рачна, а јас си го спакував и куферот. Катар некако ме одбра мене. Пандемијата и раѓањето на мојата внука, заедно со стравот дека нема да можам да ја гледам како расте, беа пресудни за преселбата. Речиси две години сум овде и имав среќа да почнам веднаш да работам поради сестра ми. Таа живее во Доха веќе 10 години, работи како личен асистент за кралското семејство. Ја добив истата работа. Работиме за една од принцезите на Катар, сестра на Емирот. Јас сум задолжена генерално околу патувањата, со еден збор – организација. – вели Душица на почетокот од разговорот и појаснува дека нејзината работа е стресна и напорна со секојдневен предизвик, без работно време. 

- Еден ден можеби состанокот ќе ми трае 15 мин, а веќе утредента имам авионска карта за настан во Париз. Кога присуствуваме на светски настани, многу често сме во ист хотел со познати личности,. И покрај големиот стрес околу обврските, посебно е чувството да појадуваш на неколку метри од Џони Деп. Дојде за снимање на емисија во еден од музеите, имаше премногу обезбедување. Навистина е возбудливо кога знаеш дека тој е во твоја близина неколку дена. Во Париз се возев во лифт со членовите на Ред Хот Чили Пеперс. Не им побарав да се фотографираме, зашто бев окупирана за состанокот кој следеше. Но, имав среќа да ги сретнам вторпат во лифтот, да помуабетиме и да го овековечивме тој миг со фотографија. 

По втор пат бев на исто место со Деп во Будимпешта, на Формула 1. Се надевам од „трета мајка“ ќе искрадам фотографија. Беше премногу возбудливо да се доживее целата атмосфера од фановите кои преноќуваа пред хотелот за време на настанот. Громогласно ги поздравуваа учесниците по секоја трка. Навистина е убаво од близу да го видиш сјајот во очите на Хамилтон. – посочува актерката. 

Душица Тренева дипломирала на Факултетот за драмски уметности - Скопје, отсек- актерска игра. Студирала и новинарство и односи со јавноста на Правниот факултет при Унивирзитетот ,,Гоце Делчев’’ во Штип. Работела како волонтер во Универзитетското радио, била одличен студент во класата на професорката Зоја Бузалковска и асистентот Александар Степанулески.  

- Родена сум и живеев во Штип. Една сум од ретките кои имаа среќа да растат во семејство, во кое никогаш не се противеа при изборот на нашето образование. За жал, сведоци сме на многу ситуации кадешто децата го остваруваат сонот на родителите. Останавме многу рано без еден родител. Мојата мајка ми беше и татко и мајка и најголемата поддршка во мојата одлука за понатамошното образование, а сестра ми цврста потпора од далеку. – вели Душица која од дете била вљубена во актерството. 

- Не сум дете на уметничко семејство, но уметноста цело време беше околу нас и имаше голем удел во воспитувањето. Поривот за театар ми се појави многу рано, за тоа најголем ,,виновник’’ е еден човек по име Симеон Гаврилов. Бев член на неговото драмско студио околу 10 години. Иако пред се’ учевме лекции за животни вредности, за тоа како да бидеш човек, како да се сакаш себеси, кои не можеш да ги научиш во ниту едно училиште, уште тогаш знаев дека љубовта кон театарот сакам да ја преточам во моја професија. Неговото ,,не колку, туку како’’ сеуште ми ѕвони во главата и ми е водилка во животот пред да донесам било каква одлука. И покрај неговите совети да одберам друга професија, поради нашата ситуација во државата којашто уште тапка во истото место како во делата на Горан Стефановски и татковски да ме спречи од раните разочарувања, сепак го одбрав театарот. Две години по ред паднав на приемниот. Волјата беше толку силна што разочарувањето го преточи во пркос и вербата во себе се разбуди уште повеќе. И ако ме прашате денес, пак би го одбрала истото, зашто не знам поинаку. – открива актерката.

Студиите ги опишува како „моите најубави, најпосебни, многу конфузни, тажни и најрадосни 4 години“. Била дел од класа од 11 луѓе.  Семејство под војнички, а истовремено толку емотивен режим под водство, според неа, на најдобрата комбинација од педагози по актерска игра. 

- ФДУ има професори кои ретко можат да се сретнат по светот на едно место. Самиот факултет не ги цени, а камоли државата. Многу е поважно кој какво презиме има и на чија страна е, отколку каков багаж носи на својот грб. Навистина жолтите бараки се посилни од било кој ѕид, а нивна најголема потпора е едно бифе на Вики и Гого, мајчински пречек, секогаш со топло кафе и оброк. Моја прва дестинација и ден денес кога ќе слетам во Македонија.

Тренева имала ангажмани во Народниот театар во Штип уште во средношколските денови. Првата главна улога се случила истовремено со нејзината дипломска претстава. 

- Ја добив улогата на Ева во преставата ,,Умри машки’’ во режија на Коле Ангеловски. Периодот ми беше навистина турбулентен со оглед на обврските околу дипломирањето, пробите во Штип, а имав и некои мали снимања. Бескрајно сум му благодарна за укажаната доверба и мислам дека успешно одговорив на комплексноста на задачата. За многу кратко време постигнавме значителен број на изведби, нешто што одамна се немаше случено во театарот. Не би потенцирала бројки, бидејќи треба да се навлезе подлабоко во архивите, а тоа на многу нема да им се допаѓа. Особено сум горда на улогата во претставата „Амадеус“ како Констанца, во режија на хрватскиот режисер Иван Лео Лемо. Мојата приказна со театарот како вработена, траеше кратко. Со чест на неколку исклучоци, проблемот во нашата држава, според мене, лежи во погрешното раководство. Луѓе кои немаат допирна точка со уметноста, а камоли со спецификата на театарот. Титула со незнаење, плус немање никаква емпатија кон театарот. Тоа води до зголемени фрустрации и намалени проекти. Пред да заминам во Катар, бев дел од македонските нови приказни кои се емитуваат на Канал 5.  – посочува Душица.  

Поривот за актерската игра не ја напушта. Вели дека локалните театри во Катар не се многу активни, но филмската индустрија работи одлично.

- Мојата драга професорка Синоличка велеше дека во Македонија често немаме шанси да покажеме што знаеме. Но, во Катар нема затворени кастинзи. Шансите да те види кастинг-директор се еднакви за сите. Дел сум од неколку агенции, но тоа е тешко да се менаџира поради комплексноста на мојата моментална и примарна работа. Имам неколку проекти. Успевам сето она што ми недостасува да го ,,наполнам’’ преку часовите по танц. Дел сум од Brava Танц студио во Доха, кое работи по светски стандарди и навистина сум среќна што имам шанса да навлезам попрофесионално во таа проблематика. Тоа е уште една моја огромна пасија, за која сум и вечно благодарна на мојата најдрага Кренаре Невзати – Кери. – открива актерката. 

Тренева имала голема привилегија да присуствува на голем дел од натпреварите на Светското фудбалско првенство, кое кон крајот на минатата година се одржа во Катар. Таму го запознала и славниот бразилски фудбалер Роберто Карлос.

- Организацијата и менаџментот беа навистина на високо ниво, имаше многу настани, фестивали, концерти, јавен бесплатен превоз. Стереотипите за Катар се срушија на светско ниво и за тоа ми е посебно драго. Луѓето сфатија дека има правила за почитување на нивната култура, а дека тоа е правопропорционално всушност со степенот на либералноста овде. И да, алкохол можеш да пиеш, во сите хотели наоколу. Катар е една од најбезбедните држави во светот. И што е најважно од се’, мислам дека луѓето сфатија дека покриеното лице на жената не значи светлосни години наназад. – заклучува актерката на крајот од нашиот разговор.


Соња Алексоска Неделковска

Повеќе фотографии од Душица погледнете во Галеријата: