АКТЕРОТ ИВАН БОСИЉЧИЌ НА ГОСТИ НА СКОПЈЕ: Ќе испеам песна за ќерка ми Нина

Добивај вести на Viber

Кога зборувам за Јелена сите мислат дека кога ќе речам поддршка зборувам само за нашата работа, затоа што и двајцата сме јавни личности. Но, знаете што, нашиот живот е стабилен пред сѐ затоа што сме тука еден за друг. Љубовта е голем потенцијал за еден заеднички живот, но и љубовта мора да се негува. Тоа е како однос кон едно дрво, кое го залеваат двајца. Па потоа тројца, па четворица, па ако даде Господ и петмина


На Тв гледачите им прирасна за срце како пилотот Ненад во романтичната серија „Ранетиот орел“ и како Мирослав, сиромашниот студент и несуден оперски пејач од серијата „Непобедливото срце“. Иван Босиљчиќ, како Бојан ја одбележа и приказната на серијата „Гревот на нејзината мајка“, улога за која доби актерска награда на Филмските средби во Ниш. Каков што е пред камерите, таков е зад нив. Насмеан, срдечен и искрен соговорник. Во Белград е вработен во Белградскиот народен театар, а паралелно игра во претстави во Театарот на Теразије и во „Мадленианум“. Снима интересни Тв проекти во Србија и во Русија. Во Скопје ќе го гледаме на две музички претстави „Неколку стихови за нас“, на 27 и на 28 април во МОБ, во организација на „Нова травел“ од Струмица. За дружењето со скопската публика, тој вели дека ќе му биде одмор од камерите, а ќе ги испее и изрецитира нему најдрагите хитови од поранешна Југославија. Иван е татко на шестгодишната Нина и сопруг на поп-пејачката Јелена Томашевиќ, кои се центар на неговиот свет. Вчера беше на гости во Скопје и ни откри дел од неговиот живот.

Драго ми е што романтичните серии оставија најголем траг на мојата кариера, затоа што тоа е света тема. Само што тогаш играв од еден, да речам ергенски агол, а сега позрело ја третирам љубовта како родител, сопруг, и веќе маж во години

Женски магазин- Ќе одржите концерти во Скопје два дена по ред. Колку поминаа од последните концерти, и што ќе и понудите а публиката во МОБ на 27 и на 28 април?

Босиљчиќ- Поминаа четири години од моите последни концерти во Скопје, на 8 март во 2014 година во Универзалната сала. Два дена по нив, Универзална сала се затвори. И овој пат доаѓам во голема радост, и не може па помине една моја посета на Скопје без во него да се задржам, било работно или приватно. Овој проект, „Неколку стихови за нас“ го направив за да можам да се среќавам со луѓето. Голем број на претстави кои ги играм во Белград не можат да отидат подалеку од таму. Затоа, јас ги правам овие претстави, за да се сретнам лице в лице со публиката. Се сеќавам дека минатиот пат од овде си заминав зајакнат. Од тоа како луѓето реагираа, со кое внимание ги слушаа, како во глас ги пеевме стиховите на големите светски и домашни поети. Се разбира, ова не е една обична книжевна вечер, еден класичен концерт. Ова е една актерска исповед. Јас само ги користам веќе познатите музички нумери и стихови за да кажам нешто повеќе за животот, за Господ, за родителството, за својата љубов. Тоа е всушност она што публиката најмногу го цени.

Концертите во Скопје се моја актерска исповед.- Иван Босиљчиќ дeнеска во МОБ

Женски магазин- И песните од Тоше Проески меѓу другите се дел од вашиот репертоар. Дали чувствувате одговорност кога го пеете Тоше?

Босиљчиќ- Одговорноста е тука во втор план, таа одговорност на еден изведувач. Многу од големите пејачи воопшто не се осмелуваат да ги пеат неговите песни, затоа што Тоше беше најголем од сите пејачи. И долго нема да се појави, не само таков глас, туку и таков карактер. Како еден цел Универзум да се нашол во само еден човек. Но, сите мораат да ги тргнат на страна сите споредби со него, и било каков страв од интерпретацијата. Тоше веќе не е меѓу нас, но тој мора да живее низ неговата музика. А тоа ќе се случи единствено ако ние, како негови колеги му ги пееме песните. Јас од едно такво големо почитување спрема еден таков, млад човек, еден извонреден музичар, ја пеам неговата музика. Не само во Македонија, туку секаде каде што настапувам.

Женски магазин- На социјалните мрежи објавувате ваши слики во лекарска униформа, снимајќи ја серијата „Ургентен центар“. Кои ви се други музички и телевизиски ангажмани?

Босиљчиќ- Во моментов сме точно на половина од снимањето на ТВ серијата „Ургентен центар“, која во септември ќе почне да се емитува, се надевам и во Македонија. Во Скопје ќе долетам од Петроград, од Русија, каде што започнувам со снимање на еден голем филм за нивниот пазар. Ќе го прекинам снимањето во Русија за да дојдам во Скопје, и оваа средба со македонската публика ќе ми дојде како одмор. Малку ќе земам здив од камерите и од се затоа особено и се радувам на таа средба. Потоа ме чекаат два концерти во Ниш, два во Бања Лука, три во Белград, по Скопје одам и за Струмица што исто така многу ме радува. Веќе добивме покана и од Битола, а ја поминавме и селекцијата на Охридско лето, така што во август ќе настапам во Античкиот театар во Охрид. Всушност, оваа година најмногу ќе ми ја одбележат настапите во Македонија.


Женски магазин- Каква е вашата улога во серијата „Ургентен центар“?

Босиљчиќ-Ова е продолжување на таа серија. Јас играм еден педијатар, кој е голем борец за детското здравје и за детските права. Луѓето всушност и не знаат што се сѐ случува во болниците и каков е животот на медицинските работници. Сите ние одиме кај лекарите и ако даде Господ го лекуваме она што го имаме и си заминуваме од болниците. Но, не знаеме како е кога операциите траат и по половина ден, не знаеме како е да се работи со по 20-30 пациенти на ден,и не знаеме колкава е нивната одговорност, нивната грижа на совест која ја носат со своите успеси и со своите грешки. Особено е чувствителна темата- деца. Серијата е возбудливо драмско четиво, каде што ќе дојде дури и до физички пресметки поради борбата за децата. Мојот доктор- кој го играм, Немања Арсиќ понекогаш прави работи кои не би смеел да ги прави. На сред преглед, тој физички се пресметува само за да го одбрани детето од бесни родители.

Имам боженствен подарок за моето дете. И подарив песна, која на 19 април премиерно ќе биде испеана на детски фестивал

Женски магазин- Кога сме кај децата, какво дете е вашата ќерка Нина, како најчесто го поминувате времето заедно?

Босиљчиќ- Деца… Денот ми почнува и ми завршува со Нина и со Јелена. Овој средниот дел од денот е одвоен за работа. Нина има шест години и сега се подготвуваме за на училиште. Таа е едно исклучително сензибилно дете. Истовремено знае да биде и борбена и онака, да се смири како некое пиленце. Имаме прекрасен однос. Еве, токму пред некој ден рече дека јас сум нејзиниот најдобар другар. Тоа толку ми импонираше, толку многу. И ќе се трудам тоа да го одржувам. Овие музички претстави, овие концерти годинава, јас и ги посветив на Нина. Таа е сè уште мала за да го разбере тоа, но јас решив овие настапи да и ги оставам како спомен. Кога би и оставил нешто на хартија, тоа би било писмо, но ова е како едно парче, една приказна која би сакал еден ден мојата ќерка да ја протолкува и да сфати што сакал татко и да каже со неа. Сега е мала како што реков, но еден ден сигурно ќе знае, и ова ќе остави некој траг.

Женски магазин- И посветивте и песна на вашата ќерка која ја испеавте и ја снимивте за неа.

БосиљчиќДа, песната се вика Нина. „Белградска пролет“ е стар детски фестивал, уште од времето на големата Југославија. Пред три години, Градот Белград постави иницијатива овој фестивал повторно да заживее. Сите познати личности кои се повикани да учествуваат: глумци, пејачи, автори, сите ја прифатија поканата. Минатата година пееше мојата Јелена, а годинава кога ме викнаа мене реков: „Леле, немојте, летам помеѓу Русија и Белград, Скопје. Но, можеби, ако ми исполните една желба ќе најдам време.“ Ме прашаа каква е таа желба. „Па, желбата е да напишете песна за мојата Нина“. За два дена добив извонредна песна, и благодарение на Владимир Грајиќ- Граја кој ја напиша, јас имам боженствен подарок за моето дете. И подарив песна, која на 19 април премиерно ќе биде испеана на детскиот фестивал. Нина ја научи и по цел ден ја пееме заедно. Мајка и тука и беше најголемата поддршка, и наскоро ќе го слушнете овој голем хит.

По Скопје одам и за Струмица што исто така многу ме радува. Веќе добивме покана и од Битола, а ја поминавме и селекцијата на Охридско лето, така што во август ќе настапам во Античкиот театар во Охрид

Женски магазин- Во што друго ви е сопругата Јелена најголема поддршка, освен во работата?

Босиљчиќ- Во се, не само во работата. Кога зборувам за Јелена сите мислат дека кога ќе речам поддршка зборувам само за нашата работа, затоа што и двајцата сме јавни личности. Но, знаете што, нашиот живот е стабилен пред сѐ затоа што сме тука еден за друг. Љубовта е голем потенцијал за еден заеднички живот, но и љубовта мора да се негува. Тоа е како однос кон едно дрво, кое го залеваат двајца. Па потоа тројца, па четворица, па ако даде Господ и петмина, хахаха.

Женски магазин- Имате ли омилена песна од Јелена?

Босиљчиќ- Имам. Една од најубавите нејзини песни од е од првиот албум, тоа е „Не дам на тебе“, за која таа ги напиша музиката и текстот. А од вториот албум ја сакам „Да ми је да ми се врати“, песна за која текстот го напиша нашиот голем пријател Сергеј Ќетковиќ и за која музиката и аранжманот ги направи Дарко Димитров, исто така наш голем пријател. Околу таа песна се собраа многу наши блиски луѓе, затоа таа остана најблиску до срцето.

Фото: Милош Надажин, приватна архива

Женски магазин- Луѓето и понатаму се идентификуваат со ликовите од сериите „Ранетиот орел“ и „Непобедиво срце. Колку тоа ви годи и дали ви недостасува работата на сериите кои се работени според романите на Мир-Јам?

БосиљчиќТоа може само да ми годи, ако луѓето ме паметат по телевизиските серии кои ја славеа љубовта. Во моментот кога на телевизиите главно владееше тренд, сеќавање на војната, а една од темите беше пукањето, ете ние се осмеливме да раскажеме некои приказни за љубовта. Драго ми е што ете токму тоа остави најголем траг на мојата кариера, затоа што тоа е света тема. Сега, во театарот сега имам неколку големи љубовни приказни. На пример, во операта и театар „Мадленианум“ го играм Големиот Гетсби, една од најголемите светски љубовни приказни на сите времиња. Потоа, во Театарот на Теразије играм во „Циганите летаат во небо“ и во „Зона Замфирова“. Зоне и Мане се нешто како нашите Ромео и Јулија. А во Русија исто така снимам голема историска љубовна приказна, која ќе се прикажува на нивниот прв национален канал. Така што некаде, и понатаму се држам до љубовта. Само што тогаш играв од еден, да речам ергенски агол, а сега позрело ја третирам љубовта како родител, сопруг, и веќе маж во години.

Милица Џаровска