Актерот Сашо Ристовски со нов изглед: Изгубив 17 килограми за два и пол месеци

Добивај вести на Viber

Сашо Ристовски, актуелен со претставата „Обвинителка“ во која се јавува во улога на актер и режсер, пред неколку месеци имал специфична операција. Откако успешно го победил „ непријателот“ се посветил на здравиот живот, кој резултирал со губење на килограми.Вели дека се чувстува многу убаво и е задоволен од својот изглед.

* Со кои здраствени проблеми се соочивте и како ги надминавте?

- Решив во 2023 година да направам многу промени. Комплетно се посветив на театарот. Но, кон крајот на јануари имав една специфична операција. Мораше итно да се интервенира и благодарение на д-р Никица Атанасова операцијата на гласниците помина добро. Не ми беше сеедно, бидејќи се работи за многу специфична регија, која со едно мало невнимание може да донесе последици од кои нема назад. Верував во целиот лекарски тим и храбро успеавме да го отстраниме и победиме непријателот. Периодот беше тежок од секаков аспект. Но, не сум човек кој лесно се предава. Не е лесно кога на момент едвај зборувате. Ви се вртат милиони мисли во умот. Сега е многу подобро, но треба опоравување и многу внимавање. Долг е процесот на опоравување, но можам барем спокојно да играм на сцена.Не смеамда се оптоварувам уште неколку месеци. Пост -оперативно, една недела, морате да земате само течни јадења. Си реков себеси: „Е сега ми е и тој момент, да го отстраниме и вишокот килограми.“ Тоа и се случи. Се чувстувам многу убаво и лесно. Морам да признаам дека сум задоволен од својот изглед, кој ќе го подобрувам уште повеќе. Кажав дека во 2023 сакам промени, а годината е пред нас и ќе има уште многу.

 * Која диета ја применувавте?

- Многу често ми го поставуваат ова прашање. Од мојата исхрана го исфрлив лебот, тестенините, газираните пијалоци, чоколадите, шеќерот, сувомеснатите производи и брзата храна. Мојата исхрана ја променив. Продолжив да јадам месо, но без леб. Козумирам многу повеќе домашни супи, салати, ориз, грав, сирење, јогурт, кисело млеко, варени јајца, чај од босилок и мајчина душица, кои ги имам во својата градина. Благото го заменив со компот од вишни кој го приготвува дома мојата мајка. Редовни оброци без леб и што помал оброк за вечера.

* Колку килограми изгубивте?

- Изгубив точно 17 килограми за два и пол месеци, започнувајќи од 30 јануари до денес. Продолжувам и понатаму. 

* Актуелен сте со претставата „Обвинителка“ во која се појавувате во улога на режисер и актер. Која од нив ви беше потешка за реализација?

- Во претставата „Обвинителка", чиј автор е мојот драг пријател, исклучителен човек и автор Огнен Неделковски, се појавувам во две работни позиции, режисер и актер. Не беше ниту лесно, ниту тешко. Пред сѐ долго размислував за тематиката која ја обработува претставата и на една убава кафе средба со Огнен му ја раскажав. Потоа за една седмица ми пристигна текстот на емаил. Го прочитав и реков тоа е тоа. Прво максимално се посветив за решавање на клучните поенти кои ги носи самиот текст. Знаев веднаш кој ќе игра и за кого која улога е точно напишана. Потоа долго работевме со мојата драга колешка Магдалена Ризова. Речиси еден месец се посветивме на комплетно разложување на секоја драмска ситуација. Ова е комедија со која сум горд како режисер и актер. Затоа што е комедија на ситуации и карактери, без вулгарности. Театарот има недостаток од ваков тип на комедии. Доволно е со пцовки и разно разни вулгарни зборови за да имаш комедија. Тоа е евтин начин. Комедијата е сериозна работа кога ја создаваш. Токму „Обвинителка“ е таква. Комедија каде не постои ниту еден вулгарен збор, а ситуациите се толку комични и сатирични што едноставно изнудуваат насмевка на лицата од публиката. Кога го заокружив целиот режисерски концепт, веднаш се зафатив со ликот Пепито, кој е исклучително комлексен, иако навидум не изгледа така. Ми требаше време кога ќе бидам сигурен во самиот лик кој го играм. Така работам, прво да ја имам сигурноста, па потоа можам да играм. Мислам дека имам успешен режисерски обид.

* Како бевте прифатени од публиката каде што гостувавте? Со кои реакции се соочувавте? 

- Прекрасно е прифатена претставата каде и да гостуваме. Потајно бев убеден во тоа, бидејќи публиката е жедна за комедија, а особено од ваков вид. „Обвинителка“ е македонско - српска комедија и е производ на меѓусебна соработка на уметници од Македонија и Србија. Се игра истовремено на македонски и српски јазик. Актерите говорат секој на својот јазик, а се разбираат и секако тоа е интересно за публиката. Многу често моите колешки Ризова и Вукиќевиќ добиваат аплаузи на отворена сцена. Ќе се воздржам за себе, но кога сме таа актерска тројка на сцена, се случува катарза. Бура од енергии, смеење од публиката, аплаузи. Ми се случи една интересна ситуација додека имаме сцена со Магдалена Ризова, која е маестрална во улогата на Сирма. Публиката почна  да се смее, веќе не можев да издржам, почнав и јас да се смеам. Следуваше громогласен аплауз и во еден момент ја прегрнав Магдалена на сцена. Преубаво е кога чувствуваш убава енергија од публиката, насмевка и аплауз. На сите нас од екипата ни се полни душата кога преполнати сали во кои играме се со насмеани и расположени лица. Публиката е наш ветер во грб, а ние им го нудиме најдоброто нешто кое ги спои Македонија и Србија.

* Во претставата, покрај Магдалена Ризова -Черних се појавува и српската актерска ѕвезда Лидија Вукиќевиќ. Дали од прва се вклопија енергиите?

- Во претставата имам чест да играм со две актерски ѕвезди, Лидија Вукиќевиќ и Магдалена Ризова - Черних. Тие се толку едноставни, а големи. Пред сѐ големи актерки со голема душа и срце. Тие две работат сѐ со душа и срце, кај нив нема лага. Затоа и се вклопивме заедно тројцата. Меѓу нас пред сѐ постои искрено пријателство, кое е ретко денес. Не постои суета, туку голема професионалност. Кога сме заедно имаме и различни ставови кон некои нешта, но на крајот низ разговор, толеранција и меѓусебна почит наоѓаме решение за сѐ. Затоа е и успешен овој спој и дава резултат, со кој се гордееме.

Соња Алексоска Неделковска