Нејзините раце први го прифаќаат новиот живот кој се раѓа: Акушерка Николина за работата во Германија и трансформацијата која ја променила како личност

Добивај вести на Viber

Веќе осум години, македонката Николина е акушерка во Германија. Круна на љубовта со сопругот, поради кој заминала од Македонија се момче и девојче .

Нејзините раце први го прифаќаат новиот живот кој се раѓа, а за она што го прави таа вели дека е потребно многу љубов и големо срце. 

„Раѓањето на бебето е грандиозен момент. Прекрасна емоција и фасцинантен процес. Но, само по себе е и тешка и одговорна работа, бидејќи работите со два човечки животи“ , вели Николина која преку инстаграм профил на мајките им ги дава најкорисните совети за мајчинството.

Досега на свет како акушерка дочекала над 800 бебиња, а се сеќава и на првото породување. Она по кое ја забележавме Николина е трансформацијата која ја доживеала по раѓањето на нејзиното второ детенце, ќеркичката Лара која има 10 месеци, а за која трансформација ни раскажува во редовите подолу.

*За почеток запознај ги нашите читатели накратко која е Николина?

Николина е 34 годишна мајка на две прекрасни дечиња Лука, 5 ипол години и Лара 10 месеци. Живеам во Германија од 2013 година, а причината поради која се преселив тука е љубовта. Се заљубив во мојот сопруг кој исто е така е Македонец, но е роден и живее во Германија. Токму поради таа прекрасна љубов дојдов овде и тука го продолжив мојот живот.


*Вие сте акушерка по професија - како се вработивте таму?

-Работам од 2014 во родилна сала и оваа професија морам да кажам дека не е баш работа која секој би можел да ја работи. Потребни се големо срце и љубов. Сама по себе професијата е доста одговорна и ризична затоа што се работи со два човечки животи, доста напорна и тешка.

Исто така оваа работа е доста специфична затоа што се работи со живот. Живот кој се раѓа, но и живот кој заминува. Ми се случило да имам во иста смена живот кој доаѓа, и живот кој заминува. Во една соба да бидам насмеана, а во друга соба да бидам расплакана. Затоа оваа работа доста нѐ истоштува и нас самите, затоа што и ние имаме емоции и сме во тие приказни на родителите. 

Ја работам и ја сакам оваа работа затоа што секој ден е нов ден и секој ден носи нови случки, приказни, за среќа најчесто се позитивни и секој ден се восхитувам и го доживувам фасцинирана од самиот процес на раѓањето, до излегувањето на бебето се што нашата природа може да направи за да донесе живот на овој свет, да усреќи родители. Тоа е една прекрасна емоција каде што емоциите се за 360 пати измешани, нешто неопишливо. Грандиозен момент кој го чувствувам секој ден.

*Активни сте на социјалните мрежи, односно на Инстаграм каде што имате едукативен профил за мајките. Како се роди идејата да им давате совети на еден ваков начин и каков е фидбекот од другата страна?

-Го започнав мојот профил пред 10 месеци во мојата втора бременост. Кога го отворив профилот поради пандемијата бев тргната од моето работно место поради блажената состојба во која се наоѓав, па ми дојде на ум дека на мајките во Македонија им е потребна едукативна помош и како јас можам да им бидам од корист.

Така почнав да давам едукативни информации и можам да кажам дека сум многу среќна што можам барем од малку да им помогнам, бидејќи сметам дека во Македонија треба уште многу работи да се направат, да им се пружа истата помош како на мајките низ цела Европа. Вака мислам дека поттикнувам нешто, а за што многу мајки ми се благодарни. Со мене споделуваат секакви проблеми и гледам на секој начин да им излезам пресрет.

*Какво е чувството кога сте прва личност која прифаќа нов живот во раце?

-Да, јас сум онаа која прва го допира новиот живот кој доаѓа на свет.

Стандардите во Германија се такви што доколку бебето се чувствува добро веднаш оди на градите кај мајката кожа на кожа контакт или „Bonding“ и таму бебето е смирено, таму одма ја запознава мама. Значи тој живот е 1 секунда во моите раце. Тоа е еден грандиозен момент каде јас се повлекувам на 1 до 2 минути, следам само со очи дали сѐ е во ред со останатиот процес а мајката и таткото ги оставам да уживаат во тие први минутки кои се нопишливи и се прекрасни за тоа семејство. И како што кажав и погоре, одново и одново секој ден ги доживуваме тие емоции и едно прекрасно чувство.

*Се сеќавате ли на првото породување во кое токму вие бевте првата личност која го дочека бебето?

-Да се сеќавам , како не, тоа не се заборава. Породував мајка Африканка која роди здраво бебе, тешко околу 5 килограми а фотографијата ја имам зачувано како спомен за мојот прв самостален пораѓај. Во тој момент беа измешани многу емоции, но сепак заврши сѐ како што треба. Дури мајката внесе некои нејзини традиционални работи што секако беа прифатени и дозволени бидејќи Германија е мултикултурна земја и дури и ние акушерките во такви мигови учиме нешто од различностите кои ги среќаваме.


*Колку мајки досега имате породено?

Еднаш одамна изборив до 800 и тука некаде застанав со броењето, така да повеќе не водам евиденција. Клиниката во која работам има 2500 новороденчиња годишно така да тоа е доволно голема бројка која кажува сѐ сама по себе.

*Кој сегмент од вашата работа би го опишале како најтежок?

-Најтешко ми е кога имам во ист час некоја мајка која раѓа здраво и право дете а од друга страна мајка или родители кои очекуваат на свет да дојде мртво дете. И не е воопшто едноставно затоа што и јас го доживувам сето тоа, но никогаш не се предавам, секогаш останувам силна затоа што знам дека тогаш сум им најпотребна на родителите да им дадам сила, да ги утешам и да им олеснам, па останувам секогаш строго професионална.


*Познато е дека стравот од болно породување е присутно кај многу мајки. Што е моментално најактуелно кога е во прашање обезболување во текот на природното породување?

-Да, точно е дека стравот е голем кај мајките, но тука во Германија има доста курсеви кои се многу едукативни и се од помош, а се почесто го забележувам тоа и во Македонија. Стравот е нормална појава и е сосема во ред да се чувствува, но не треба да навлегуваме во круг кој што ќе ни внесе паника и тотално да се изгубиме,  туку треба да останеме силни и да се сконцентрираме на самото породување, на издишување на болките а ние како акушерки сме тука за мајките на кои им треба помош и да им олесниме.

Работиме со најразлични методи кои можат да го олеснат пораѓајот и тоа од хомеопатија до акупунктура, акупресура, хипноза е доста активна, секако имаме и медицински лекови кои помагаат и одземаат дел од шпицот на болките кои се чувствуваат – од инфузија, преку позната епиридурална анестезија. Овде секогаш преферираме да помогнеме со природниот начин, со издишувањето, со топла бања и на крај кога веќе има потреба ја оставаме како последна епиридуралната анестезија.

-Доење ... уште еден страв. Зошто е толку важно да се дои, колку долго и како да се намали стравот од неуспешно доење кај родилката?

-Доењето е една магична работа која природата ја направила за нас и нашето новороденче . Не постои замена за мајчиното млеко кое ние го нарекуваме течно злато за новороденчето посебно во првите денови по породувањето.

Тоа е толку до финеса направено за новороденчето, го имате секаде и во секое време, не чини пари, не треба да го приготвувате, има одредена температура и е навистина магично. Колкав ќе биде периодот на доење е одлука на мајката и на бебето и дека бебе треба да се дои само во првите шест месеци, е погрешна информација. Секој почеток е тежок, така е и со доењето. Моја работа е исто така да ги обучам мајките во првите часови по пораѓајот, а после обврската околу доењето ја преземаат акушерки или советници за доење. Тоа е она кое јас го зборувам дека на мајките во Македонија им е потребен кадар кој ќе им помага повеќе без разлика дали тоа ќе биде во домашни услови или во болница. Од друга страна мајките би требало уште додека се во бременоста да се едуцираат со најосновните работи и да не слушаат ничии искуства од роднини, братучетки и слично туку да читаат и слушаат правилни совети.

*И вие сте мајка. Дали имавте можеби страв при породувањето, какво беше чувството покрај тоа што имате подолго искуство во акушерството?

-Секако дека и јас имав страв. Во чинот на породувањето јас не се гледав како акушерка, тогаш и јас бев пациентка и мајка која треба да донесе бебе на овој свет , но јасно да кажам дека стравот не беше нешто преголемо бидејќи верував во моето тело и бебе а ја имав и целосно поддршката на моите колешки. Верував во чудесната природа па можам да кажам дека имав две прекрасни породувања.

*Неодамна доживеавте една трансформација, раскажете ни кој беше ваш мотив да го вратите телото во нормала по породувањето?

-Да, од неодамна кај мене се случи една трансформација со која ослабев 21 килограм и не застанувам тука. Започнав соработка со нутриционистот Ивица Јанев, бидејќи пред и за време на самата бременост јас покачив доста килограми, а имав и проблеми со тироидната жлезда. Мојата терапија варираше на секои два месеци, а со Ице веќе ја доведуваме во нормала. Среќна сум што запознав таков професионалец кој ми е многу голема поддршка, кој знае што работи посебно за мајките кои дојат . Ивица едноставно имаше одговор на сите мои прашања и поддршка во секоја смисла на зборот. Јас го препорачувам на сите мајки кои имаат проблеми со вишок килограми, мајки кои дојат, имаат проблеми со хормоните , да не преземаат работи на своја рака, туку да се обратат кај него и да побараат совет.

Начинот на исхрана е многу поврзан со начинот на живот. Ние преку ден сме мајки, кои правиме илјада работи и ни е потребно да имаме многу енергија која најмногу доаѓа преку спортот и исхраната и тука Ице навистина ми помогна.

*Што ќе им порачате на идните мајки?

-Им препорачувам на мајките да водат грижа за своето здравје, затоа што ние сме тие кои треба да внимаваме на нашето здравје, бидејќи никој нема да ни води грижа ако сами не го правиме тоа. Мораат сите мајки да се освестат и да не им биде изговор доењето, и дека е нормално да се здебелиме за време на доењето, се тоа е океј, но мораме да реагираме, да се наполниме со енергија, бидејќи после пораѓајот таа ни е потребна најмногу . Мајки, грижете се за вашето здравје, зошто на вашето дете му треба здрава мајка.


Ирена Ставрова