(ВИДЕО) Александар и Дац со честитка за Виолета Томовска, а молитва за сите

„Молитва“, култната песна од репертоарот на Виолета Томовска, познатата пејачка на народна музика ја доби како подарок за својот 75-ти роденден во изведба на Александар Митевски и Драган Спасов Дац.

Овој музичко-актерско дует и во времето на неопходната изолација, според препораките за спречување на ширењето на коронавирусот, работи социјално дистанцирано. Секој дома, со музичка придружба на армоника на Војче Птрушев и со оригиналната изведба како матрица, во постапка замислена како лајв стрим, ја создадоа новата „Молитва“, што Александар и Дац ја подарија наместо роденденски подарок на Виолета – подарок соодветен на времето на бесконтактно честитање и дружење.

-Разговарав со ќерката на Виолета во пресрет на роденденот, која ми кажа дека била малку разочарана што со оглед на околностите не ќе може да го прослави роденденот. Затоа и ја снимивме оваа социјално дистанцирана честитка – вели Александар.

Песната „Молитва“ е една од најпопуларните во репертоарот на Виолета Томовска. Ја создадоа Георги (текст) и Миле Барбаровски (музика), а низ годините стана своевидна химна која се пее во моменти на радост и задоволство, но и во тешки ситуации и животни предизвици.

-Ја одбравме оваа песна зашто баш му прилега на актуелниот момент низ кој минуваме и зошто преку неа, освен роденденска честитка, сакавме да испратиме и молитва за колективна свест и дисциплина, за да може што поскоро да се заврши оваа фаза на застанато време – вели Александар.

Виолета е познат поддржувач на работата на Александар и Дац, кои од минатото лето почнаа интензивно да соработуваат и од чија музичка работилница излегоа голем број хитови, кои бргу се одомаќинија во јавноста.

„Ми носите топлина на душата со вашите песни, ве следам, вие сте нешто што толку многу му недостасуваше на овој народ, толку романтични, поетични,  спонтани, со песни направени за срце и душа... Одамна не сум слушнала нешто толку убаво и различно. Звучите како евергрин“, им порача Виолета на Дац и Александар.