Александар ме запроси на Бадник, а авионот кој двапати се обидувал да слета во Скопје за малку ќе му го расипел планот: Ана Љафтова за Женски Магазин

Добивај вести на Viber

Ана Љафтова е понежната половина на Македонскиот одбојкарски репрезентативец, струмичанецот Александар Љафтов. Љафтов досега има големо итернационално искуство во повеќе европски лиги. Македонскиот репрезентативец настапувал во Србија, Кипар, Романија, Хрватска, Бугарија, а и во најсилната светска лига.

Ана по професија е правник, а со Александар се заедно 15 години, од кои 4 полни се во брак. Плод на нивната силна љубов е малиот Алексеј, а како се запознале тие, каде сѐ имаат живеено и дел од нивното секојденвие ни раскажува денес Александра во интервјуто кое го читате подолу.

*Ана, како се запознавте со Александар, раскажи ни ја вашата љубовна приказна?

- Еден од главните “виновници” за запознавањето со Александар беше одбојката. Се запознавме на спортски игри за средни училишта, на негов домашен терен во Струмица. Следната година тој се пресели во Скопје бидејќи играше за Работнички и од таму година по година станаа 15. Буквално сме заедно од деца, така да, за мене изгледа како цел живот да сме заедно. Врската некако ни одеше паралелно и со неговата интернационална кариера и реално имаме многу поминато заедно.


*Кога и каде те запроси, колку време бевте во врска, а колку време сте во брак?

- Запросувањето се случи дома, во станот во кој што сега живееме. Тоа беше на Бадник веднаш по неговото враќање од натпревар во Украина. Авионот таа вечер два пати се обидувал да слета во Скопје и за малку не се вратил во Истанбул, а тој во тие моменти мислел само на тоа како ќе му се расипе планот. За среќа стигна на време за Бадниковата вечера и ја реализира замислата. До тој момент бевме 10 години во врска, а во брак сме сега полни 4 години.


*Александар е одбојкар, а која е твојата професија, со што се занимаваш?

- Јас сум правник, Магистер по правни науки, моментално сум на “продолжено” породилно отсуство, но во догледно време ќе се вратам на својата професија. Во моментот тоа е малку неизводливо и заради тоа што имам малечко детенце, но уште повеќе заради моето отсуство во текот на спортската сезона.


*Каде живеете моментално?

-Моментално живееме во Скопје, во станот кој го замисливме за наш дом уште пред неколку години, пред воопшто и да стане збор за брак. Тоа беше една од првите наши големи желби која заеднички ја реализиравме.


*Родители сте, кажете ни нешто за вашето детенце?

- Да, имаме синче - Алексеј. Тој се роди во Италија кога Александар играше таму. Без да звучи како клише, но Алексеј е навистина најдоброто нешто што ни се случило на двајцата. Не знам како претходно сме живееле без него. Да бидеш родител е навистина една племенита задача и можеби најважната, за да одгледаш и воспиташ некого и да го изведеш на прав пат. Да не зборувам, пак, колку е прекрасно кога тој веќе полека расте, се разбираме, зборуваме, се учиме…


*Кој ти помага околу Aлексеј или се правиш сама?

- Кога сме во Македонија имам доста помошници. Тука се моите родители, родителите на Александар, тој самиот се обидува буквално секој слободен момент да е присутен со нас и сепак е поинаку кога сте дома. Во странство е малку потешко бидејќи сме сами и поголемиот дел околу грижата можеби е на мене, но Александар таму дури уште повеќе се вложува и посветува и време и грижа за Алексеј, но и за семејството во целина. Така да, со добра организација наоѓаме некој заеднички баланс.


*Каков предизвик за тебе е да се биде сопруга на одбојкар?

Одбојката е и моја спортска љубов така што уживам целосно во она што тој го постигнува и апсолутно го поддржувам. Ако се гледа пошироко, да се биде сопруга на професионален спортист не е најлесната работа на светот, најмногу заради сите патувања и отсуства, ограничено време и слично. Но, од друга страна ми годи и секоја жртва се враќа поинаку. Живееме во различни држави, патуваме, од секоја држава имаме многу пријатели, со дел од нив сме станале и многу блиски, спортот е прекрасна работа и најмногу од сѐ се гордеам со него!


*Каде сѐ имате живеено досега, во кои земји?

-Досега заедно сме живееле две години во Бугарија, Италија и последно во Саудиска Арабија. Претходно тој има играно и живеено во многу повеќе држави, но јас во тој период ги довршував личните студии и професијата, па одев на пократки периоди во Хрватска, Кипар, Турција, Романија.


* Која земја ти оставила најдобар впечаток, а која не?

- Италија е дефинитивно земјата број 1 за мене. Навистина е магична и секој нејзин агол ве воодушевува. Сум престојувала по подолг период и во Хрватска, Турција и Кипар, тоа се исто прекрасни земји. Во глобала, приморските држави ми се омилени и иако не сум родена на море како нашиот син, сепак сум “морски” човек и го обожавам морето. Не можам да кажам дека некоја земја не ми оставила впечаток, дури и најневообичаената досега, Саудиска Арабија, е впечатлива, има свои обележја, своја култура, многу различен менталитет, стандардите и можностите за живот се на едно навистина завидно ниво, апсолутно од секаков аспект.


* Каде би можела да живееш засекогаш, а да не е Македонија?

Словенија. Не можеш никаде да се чувствуваш како дома ама ако мора да избирам нешто различно од Македонија, тоа сигурно би било Словенија. Доволно Балкан за да личи на дома, а во исто време доволно Европа во поглед на систем, ред, дисциплина, природни убавини…


* Што обожаваш да правиш во слободното време, како изгледа еден твој ден?

-  Слободното време со детенце од годинка и пол го нема во големи количини и главно го ориентирам според него и Александар. Задолжително имаме прошетки еднаш до два пати дневно, можеби некое кафе со пријателките, летово возиме и велосипед, ако остане време и за вежбање, обврските по дома, а ако се најде и ден-два слободни со Александар и некоја дневна локална екскурзија или ручек. Но, морам да кажам дека секој момент го користиме максимум, без оглед што имам мало дете, тоа не нѐ ограничува и за средби со пријателите, семејството, патувања и авантури.


Ирена Ставрова