Александар Ристовски Принц: Фатална е жената која најголемиот секс ти го прави во умот
Деновиве се појави нов спот, овој пат со Тања Тас, од проектот „Femme Fatale“, кој Александар Ристовски Принц го промовираше минатата година. Многумна, сега, преку спотовите се запознаваат со овој необичен проект со многу ексцентичен шик, во кој Принц обединува пет чудесни вокалистки: Сара Мејс, Светлана Јовановска, Илина Лазаревска, Тања Тас и Калина Велковска.
За проектот „Femme Fatale“, за музиката и жените во неговиот живот, за дефиницијата фатална жена зборуваме со Принц, човекот кој го турка својот фазон и не се оптоварува со мислењето на другите.
* Што е „Femme Fatale“? Омаж на скопските жени?
- Да знаеш дека не си далеку од вистината, иако „скопските“ би го чкртнал. ФФ е всушност еден јубилеј, 25 години како се познаваме и работиме со Дино Милосављевиќ и Ѓоко Максимовски. Решивме да си го прославиме со еден проект кој ќе ни донесе многу задоволство. Од тој наш муабет на маса, на мој роденден, веднаш се фатив за работа. Сите песни заедно се напишани во рок од 2-3 дена, а албумот исто така е снимен за 3 дена. Цел мој живот овие двајца музичари ми биле најголема музичка инспирација и провокација.
* Избра многу необични вокали. Што те водеше при изборот?
- Прво гледав да се различни и комплементарни, секако оригинални. Со Ѓоко Максимовски направивме еден список, па потоа со Калина Велковска одлучивме кои да бидат. Нејзе и верувам. Списокот беше со десет вокали, но логистички ќе беше невозможно да се реализира проектот. На крај, овие се тие.
* За песната “Копито“ на Сара Мејс рече дека „вокалот е миксан согласно потребите за Femme Fatale“. Што значи тоа? Какви се потребите?
- Песната е снимана во друга брзина и тоналитет, малку експериментиравме и Сара како секој вистински уметник се согласи. Инаку, гарантирам дека 99% артисти не би се согласиле да им „чепкаш“ во гласот. Ама затоа Сара е Сара.
* Деновиве се појави видеото за „Сама“ на Тања Тас, песна, чиј текст многу жени и сами би го потпишале. Нема многу мажи познавачи на женската душа. Од каде кај тебе тоа умеење? Пракса или спремност да ги слушаш женските гласови околу себе?
- „Сама“ е прилично еротична песна ако го заслушаш текстот. Тој си завршил за 3 минути, па таа морала сама до крај. Но, изборот на зборови е таков, да не „боде очи“ толку, хахаха... Кај мене кога текстот не делува еротично - тој е, но и обратно. Дружбата со мажите секогаш послабо ми одела и била поформална. Секогаш ми бил здодевен машкиот видокруг на интереси.
* Колкаво е влијанието на жените во
семејството (сопругата Розе и ќерката
Стефанија) врз овој проект?
- Розе е присутна и кога не е присутна, таа ми е. Покрај тоа, помогна околу стајлингот за некои од девојките, а Стефанија свири клавијатури на концертот.
* Дали е Стефанија наследникот на музичкиот талент во семејството?
- Ах, тоа не би знаел. Стефанија, но и синот Јаков, покажуваат огромен талент и афинитет кон музиката, но дали ќе продолжат не би знаел, ниту е моја работа. Двајцата свират на повеќе инструменти, но јас не сум ги учел ништо. Имаа свои учители, а многу нешта ги учат сами. Денес со интернетот тоа е лесно.
* Да можеше да го прошириш Femme Fatale на светската сцена, кои пет вокали би ги избрал?
- Скроз истите пет, а тие пет би отвориле пат за уште нови десет, наши. Ние имаме светски артисти жени, СВЕТСКИ! Но за жал, за нивниот „прајм тајм“ кој е сега, нашите медиуми се апсолутно фригидни, фригидни кон талентот, музикалноста, па и појавата.
* Што е за тебе фатална жена?
- Жени кои знаат за музика, филм, сликарство, наука, еротика.... Жени кои најголемиот секс ти го прават во умот, а телото, со нивната великодушност дозволувајќи ти интимен и ексклузивен призор само за твоите очи. Површноста не проаѓа, бар не кај секого. А сето тоа изглазирано со едноставност.
* Ако ја дефиниравме фаталната жена, да се обидеме сега со вистинската музика. Имаш еден супер ФБ пост, кој вели: „Ако некој каже дека нема таргет група за некој стил на музика, одговорот би бил дека таргет групата прво треба да ја најдеш во себе додека работиш музика“. Ја најде ли до во FF? Koja e?
- Компромис никогаш не правам во правењето музика. Никогаш не се прашувам, што би сакале другите, што би „прошло“ кај публиката. И најголем хит да е и никој да не ја чуе песната, пак ќе си ќар нула. Затоа, оставам други артисти да „бркаат духови“, потрага по хитовска песна.
Ј.Ф.
Фото: Дарко Мораитов