Интервју со Али Февзи: Ќе се повлечам од хуманитарната мисија зошто многу ме клеветат и немам повеќе пари

Добивај вести на Viber

Али Февзи е избран за „Маж на годината“ според социјалните медиуми за 2020 година, при официјалниот избор на „Мажи на годината“ кај нас. Веќе нема кој не слушна за приказната на Турчинот што живее во Македонија, работел во Виена, а сега со својата хуманитарна мисија шири љубов и усреќува многу тажни судбини. 

Како што самиот раскажува, Али живеел скромно и работел како бербер продолжувајќи го семејниот бизнис на својот татко во берберницата во Скопје, сè додека не заминал во Виена каде по игра на случајност завршил да работи во фризерски салон и добро да заработува. Кога на кратко се вратил во земјава, доживеал трагедија- пожар кој за малку ќе завршел кобно за неговиот живот, но за среќа поминал само неколку денови во кома, а кога се разбудил решил само едно- да се опорави и да им помага на луѓето. 

Сега е препознатлив по Фејсбук страницата за хуманост „Биди Али'“, но за жал има многу потешкотии. Имено во ова интервју за Женски Магазин, берберот Али открива зошто планира да се откаже од хуманитарната мисија и каков човек е навистина.

* Најпрвин честитки за наградата „Маж на годината“? Што за Вас значи оваа награда, дали очекувавте нешто вакво?

- Благодарам. Едно ќе кажам, за да бидеш човек и да помагаш нема потреба да бидеш школуван и многу богат. Сите што се во изборот за „Маж на годината“ се интелектуалци, доктори, министри... а толку луѓе да ги „газиш“, еден Венко Филипче што сега е најгледан во Македонија, со 800 и нешто гласови повеќе да го победиш- не е лесно, повеќе мене ми веруваат отколку него.

Министерот за здравство доби 1800, додека пак Али доби 2600 лајкови

* Дали е вистина дека вадењето пасош на девојче за да се лекува во странство е последната хумана мисија која ја остварувате? Дали навистина прекинувате со „Биди Али“? Што е причината?

- Причината е дека сè уште не сум отворил хуманитарна организација, а и луѓето многу ми завидуваат дека просперирам и одам напред. Слушам клевети дека перам пари, дека ова, дека она, дека ова не е хуманитарна организација, а јас вадам документи. Никој не ме прашуваше мене кога давав сè од џеб, кога го продадов џипот... Сум им помагал само на 3-4 фамилии, а сега дури на 300... па сега нормално немаш пари, немаш буџет и нормално бараш помош од надлежни институции или приватници... но не ти помагаат.  Затоа и објавив дека кој сака да донира да ми пушти на сметка, и јас тоа не го злоупотребувам, не ги земам тие пари за мене- не перам пари, тоа е од срце. Барав хуманост, а не да ми кажат дека ги ставам тие пари во џеб. Јас сите средства што ги добивам, прикажувам дека ги донирам кај што е најпотребно. 

Сите тие луѓе што сега ме клеветат и критикуваат, порано барале помош од мене и сум ги одбил бидејќи не сум имал услови да дадам така на „жими мајка“ некоја пара.

* Дали вреди поради зли јазици да се откажете кога има толку многу кои Ве поддржуваат на социјалните мрежи?

- Имам 150.000 членови симпатизери, за на една фотографија да имам толку лајкови, јас не можев да верувам самиот дека сум толку ценет и познат. 

Само заради такви луѓе не е убаво да се тргнам од хуманитарната мисија, но време е да се тргнам.... бидејќи ако не добијам поддршка од никој, од надлежните институции, тогаш како бербер не сум јак, не сум под никоја партија, не сум во невладина организација, немам приходи... 1500 евра само во магацинот трошам каде купувам храна за луѓето и вториот џип го продавам. Нормално треба да го продадам 8000 евра, но намалив на 6500 евра само за да го продадам и да соберам пари. 

Сè што давам давам од џеб до последен денар...и не можам веќе. А би сакал тие што ме клеветат да видат дека има човек во општеството што помага и да терам...

* Дали стигнувавте да одговорите на сите пораки кои ги добивате? Што најчесто луѓето бараат? Дали има и такви кои го злоупотребуваат она што го правите, дали сте се соочиле да ве излажат дека им е потребна помош?

- Тоа се тие што ме критикуваат и клеветат, тие први ми бараа помош за сè и сешто и сега испаѓа дека сум имал среќа што не сум им помогнал и што не сум имал доверба во нив.

Инаку кога станувам во 5 часот 30 минути за да ја однесам жена ми на работа, ми се случуваат многу работи, имам многу пораки... од секакви пораки за мене, до луѓе кои ми ја отвараат душата- јас немам за леб, јас немам да купам лекови, немам да платам струја... тоа е добро и човечки, но ти кога немаш егзистенција и немаш услови да платиш, како ќе им помогнеш на нив, немаш буџет.

* Дали сте фамилијарен човек, имате ли семејство? Како постигнувате да обезбедите пари и за нивна издршка, и плус да дарувате толку многу секојдневно? 

- 17 години сум во брак со сопругата, деца немаме. Таа работи, јас работам, имам едно дуќанче од татко ми и од таму по некој денар заработка, и во Виена што сум заработил, веќе ги потрошивме тие пари, веќе нема од тоа ништо.

Многумина ми викаат- „ги потроши парите за глупости, сите пари ги даде за луѓе да се најадат и напијат и на крај да одат во ве-це и да се испразнат, а ти остана со празна рака.“ Но оваа титула што сега ја добив, се надевам дека ќе им удри во глава на некои луѓе во државата и во институциите, за да се освестат... дека за да бидеш некој и нешто треба да си од срце добар, а не со службени пари, или со наследство од некое време, па да владееш, не оди тоа така. Како бербер да ги победиш сите овие е малку чудно.

* Доколку не би бил бербер, Али би бил?

- Па да бидам искрен би сакал да бидам хуманитарен амбасадор во Македонија за да можам да помогнам без оглед на вера и нација на сите луѓе. Тоа би го работел од сè срце, но за тоа треба школо, труд ...а јас тоа го немам, и се знае ќе си бидам бербер.

* Мотивација која Ве води низ животот?

- Мотивацијата ми е да нема гладни деца. Затоа што во Македонија може ме критикуваат дека сум бил женкар, ама едно ќе кажам дека овде има сè повеќе разведени фамилии, ратурени бракови... што подобро е да се биде женкар, отколку да не знаеш да задржиш фамилија.

* Кој е навистина Али, покрај што сте хуманитарец, каков човек сте приватно, позади социјалните мрежи?

- Јас сум еден обичен човек. Насабајле станувам, му помагам на татко ми кој е болен, му давам лекови, го носам на лекар... немам некоја цел да бидам ѕвезда, но еве од почетокот како што почна досега многу ми го помени животот популарноста што ја стекнав, зошто сега секаде ми пишуваат, секаде ме бараат, сакаат дури и да е сликаат со мене на улица... тоа е добра работа, но приватноста ми е нарушена.


Даница Караташова Илиоска