Ана Бунтеска: Сѐ е исто и без тебе

Сѐ е исто и без тебе
Сонцето изгрева од исток
И денот се буди како и секогаш
Ниту стрелките од часовникот застанаа
Ниту пак стаклото од него напукна
Дури и птиците ист пој имаат
И еве, како што се запролетува
Започнаа да се враќаат назад
Сѐ е исто и без тебе
Метежот во утринскиот сообраќај
Музиката која свири на радио
Додека чекам во долга колона
Облечена сосем обично
Без шминка и без насмевка
Како да ми е сеедно
Како да е навистина сеедно што не си тука
Сѐ е исто и без тебе
Сонцето заоѓа на запад
И ноќта го сопира секое движење
Како да се смируваат срцата
И на тие кои љубат
На сите кои љубовта ја чекаат
На оние кои со неа расчистиле
Но и на тие кои љубов губат
Сѐ е исто и без тебе
Не те спомнувам во песна
Иако секоја во која те нема
Твоето име го вреска
Та некако ми се чини
Оти колку повеќе те избегнувам
Да те помислам или чувствувам
Толку повеќе присутен си
Сѐ е исто и без тебе
Однадвор гледано дури и јас
Иста сум како што ме паметиш
Или како што ме забораваш, сеедно
Дури велат оти поинаку светам
Некако како друг сјај
Во окото да ми блеснува додека зборувам
Како солза, ама солза не е...ветувам
Сѐ е исто и без тебе
И ништо исто не е
Секој ден ист ми станува
И секој ден нова болка ми носи
Што за тебе
Што за себе
Што за тоа што имавме
Што за тоа што немаме
Сѐ е исто
И сѐ е толку проклето различно
Кога те нема
Кога ме нема
Кога нѐ нема
За Женски магазин поетесата Ана Бунтеска