Не можеш да ја замолчиш
Ниту гласот да и’ го одземеш
Не можеш да ја омаловажиш
Ниту да ја натераш да се посомнева во себе
Не можеш да и’ го одземеш
Она што е нејзино од раѓање
Ниту мислата да и’ ја истуткаш
Како хартија која не ти е потребна
Не можеш да ја сториш невидлива
Оти ја има насекаде
Оти никнува и од неплодна почва
А можеш....
Можеш да се обидеш да ја потиснеш
Да ја згазиш и обезвредниш
Да и’ се потсмеваш кришум
И мајтап со неа да тераш
Можеш да се обидеш да ја посрамотиш
Зборој тешки на грб да и’ ставиш
И со тој товар на плеќи да ја оставиш
Џабе е...
Џабе сите обиди за да ја столчиш
Оти нејзината сила е толку голема
Што секогаш успева да се исправи
И гласна е оти и’ се може
Правдина да истера до крај
Само затоа што така и’ се сака
Своја е и своја останува
Оти учена е да оди по потешкиот пат
И нема да се откаже
Никојпат нема бело знаме да крене
Дури и тогаш кога рани на стапалата ќе има
И со крвави траги патот ќе си го украси
За да ја потсетат колку ја чинело
За да стаса до таму каде што е
Нема да се откаже оти аманет и’ е оставен
Да се избори за себе и за тие после неа
На кои и таа аманет ќе остави
За секое женско чедо родено
Храброст да има
Себе да се зачува
Никому да не се поклонува
И пред никого срам да нема
Оти гордост е жена да си
И под сите рози со кои покриена ќе е
Трњата ги има со силен стисок фатено
И на болката в лице и’ се смеела
Колку и душата да ја болела
Не можеш да ја замолчиш
Не можеш да ја омаловажиш
Не можеш да ја потиснеш
Оти ЖЕНА е
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска