Ана Бунтеска: Трпение-спасение

Добивај вести на Viber

Велат оти она што твое е

Само в раце ќе ти дојди 

Тогаш кога времето погодено ќе е

И кога треба да се случи

Велат чоек треба трпелив да биди

Оти трпението спасение носи

И никој убост од брзање не видел

Оти брзата кучка слепи кутриња раѓа

Велат оти да се чека доблест било

И одлика на скромност во секој од нас

Оти шо потрпелив

Чоекот поарен демек станувал

Велат...

Велат чекај и мудар биди

Не аздисувај и пред времето не трчај

Да не те сопни желбата

На која таксано не и’ било да се случи

Та уште потешко да ти биди

И сето ова убо е

Вака

Од колено на колено кажано

Од устата на старите наши

И да им се поклони чоек со почит

Ама пусто

За така скроен треба да бидиш

За да не ти ѕенѕа низ телото

И да можиш кроце се’ да тераш

Без сон да не остануваш од желба

Ниту нокти да гризиш од копнеж

Да знаеш дишењето да си го смириш

И јанѕата шо во умот ти шета

Оти јас за ништо трпение појќе немам

Ниту да чекам можам

А ниту пак да чекам сакам

И можи тоа со староста си иди

Ко ти станува јасно

Оти е се’ пократок патот до крајот

Та сакаш животот да го испиеш

Ко вино бело до последна капка

Да се изнапееш

Да танцуваш до утрата

И да љубиш со сето срце

Оти само младоста време за чекање има

А тоа време со моево веќе не се мери

Ете затоа

Затоа до последно ќе пишам

Се’ што на душава ќе стежни

И ќе љубам секој пат

Ко прв да ми е

Без трпение кое спас нема да ми донеси

Ниту некоја година плус ќе ми накачи 

За гостин на овој свет да бидам

Та си велам

Ете затоа велат оти чоек знае

На стари години будалите да го фатат

Оние луди мисли кои најмалку луди се

Туку се само желба за живот

За љубов

За среќа...за страст


За Женски Магазин, Ана Бунтеска