Ана Бунтеска: И никогаш повеќе исто не е

Добивај вести на Viber

Има точка од која се’ станува поинаку

и после неа никогаш повеќе не е исто

полека се тоне во заборав

и сета топлина која не’ греела

одеднаш станува далечна

веќе не се гледаме со исти очи

ниту пак допирот ни е ист

како туѓинци

како странци кои ни ги запоседнале телата

па сега глумат блискост

има точка од која аурите се менуваат

и не светат повеќе како порано

туку се само блед отсјај на она што сме биле некогаш порано

некогаш кога сме се познавале

и смеата ни била говор

а воздишките музика

кога мислите ни вриеле во умовите

за да се спојат и преплетат

кога од две, едно сме правеле

а од едното сме се исхранувале

има точка која на хартијата дупка остава

и кога моите стихови за тебе тешки се

како подгорени и со мирис на разделба

а твоите писма до мене стануваат реткост

како повеќе да нема што да си кажеме

ама еден од друг не се откажуваме

па смислуваме зборови

за да се залажеме

за да можеме некако да заборавиме

на јазот кој меѓу нас го создаваме

има точка од која нема повеќе враќање

па се потсеќаме какви сме биле

и со доза на гадење на наивноста се смееме

додека некаде длабоко страв чувствуваме

оти секојдневно точката ја шириме

и колку повеќе заедно да сме се обидуваме

толку меѓу нас тишината расте

како тумор од кој спас нема

па ден за ден купуваме

небаре чувствата златни парички се

има точка која боли

и не е ниту важни кој прв ја ставил

ниту е важно кој прв ќе си замине

оти за другиот самотијата е олеснување

од неа да се избега не може

ниту да се достават уште две-три

како надеж дека приказната нема да запре

па некако со крајот се помируваме

и секој на своја страна заминуваме

со по една точка која ни зјае во срцата


За Женски Магазин, Ана Бунтеска