Ана Ристова: Од инфлуенсерство може да се живее со упорност и личен печат по кој ќе се издвојувате од другите

Добивај вести на Viber

Ана Ристова е економист, дигитален маркетер и контент креатор. Таа има 28 години и со модно инфлуенсерство се занимава неколку години. Доста популарна е на социјалните мрежи, посебно на Инстаграм а вели дека од инфлуенсерство може да се живее само доколку бидете упорни и истрајни, и имате личен печат по кој ќе се издвојувате од другите. За Женски магазин, Ана Ристова ни открива колку е напорна работата како инфлуенсер.

*Што претставува за тебе модното инфлуенсерство и колку долго се занимаваш со ова занимање, дали е твое хоби или професија?

Можам да кажам дека профилот не ми е строго поврзан само со мода, целта ми е преку него да го прикажам мојот начин на живот, мојот стил, моите размислувања и воедно да можам да ја прикажам Ана онаква каква што е и во приватниот живот. Со инфлуенсерството се занимавам повеќе од две години. Започна како хоби, но набрзо се претвори во професија.


* Што сѐ е потребно во оваа работа и може ли од неа да се живее?

Искрено не постојат строги правила по кои може да се водите за да успеете во оваа работа. Мое мислење е дека најважно е да имате пасија за оваа работа, да се вложувате максимално, да бидете упорни и истрајни, да имате свој личен печат по кој ќе се издвојувате од другите. Да, од секоја професија може да се живее ако знаете како да работите и ако не оставате се на веројатност, туку напорно работите и барате нови начини за прикажување на самиот себе и истакнување од толпата.

*Кои беа твоите очекувања на почеток и какво е чувството по неколку години работа ?

 Немав некои големи очекувања, со оглед на тоа што живееме во Македонија, кадешто многу подоцна се прифаќаат некои работи. Некогаш не сум ни свесна колку имам постигнато, не ни размислувам за тоа, само гледам да одам напред и да не застанувам. Оваа работа ми е мој личен доказ дека се што се сака може да се оствари ако не се откажуваш и веруваш во тоа, па макар и никој друг да не верува.

*Водиш и свој бизнис, од кога почна таа приказна. Како изгледа еден твој обичен ден ?

Идеата ја имав многу одамна, но чекав погоден момент за да можам конечно да ја реализирам (при крајот на 2019 година). 


*Многу си активна и популарна на Инстаграм. Можеш ли да ни откриеш од каде црпиш инспирација за фотографиите, и која е твојата тајна за успешен Инстаграм профил?

Аплкација која најчесто ја користам за инспирација е Pinterest. Во меѓувреме, самата работа, константните проекти и сликања те учат да бидеш настроен кон постојано размислување и барање нови идеи. Многу идеи ми доаѓаат спонтано и си ги запишувам за да можам во иднина да ги искористам за некој иден проект. Тајната за успешен профил: содржина која е интересна и може да ја задржи публиката, квалитетни и креативни фотографии, константна интеракција со следбениците.

*Колку е важен Инстаграм во денешниот свет на брендови, компании, па и живот воопшто?

Според мене инстаграм е една од најважните, па и најважна алатка за промоција на одреден бренд. 

*Кој е задолжен за твоите фотографии и содржина на Инстаграм?

Најголем дел од фотографиите се сликани од мојот сопруг, за што сум му бескрајно благодарна – да не беше тој немаше ни јас да бидам ова што сум во оваа сфера. Одреден дел од фотографиите се и дело на мојот сликар Борче Димоски. Содржината ја смислувам сама и едитирањето на фотографиите и видеата е мое.

*Колку е напорна твоја работа? Следбениците и така да кажеме обичните луѓе воглавно го гледаме само конечниот резултат во облик на совршени фотографии, но колку навистина вложено време и труд се крие зад сето тоа?

Искрено, колку и да звучи неверно – позади сето ова стои многу време и напорна работа. Нема работно време, можам да кажам дека цело време се работи. Морате да бидете постојано активни, постојано да се истакнувате за можете да опстанете на оваа платформа.


*Колку на пазарот во Македонија воопшто има место за модните инфлуенсери , колку се препознатливи од страна на брендовите и компаниите?

Можам да кажам дека во последно време свеста кај брендовите и компаниите за влијанието кое го има оваа работа е се поголемо, и тоа е нешто кое најмногу ме радува.

*Кој е твојот став за социјалните мрежи и младите денес, мислиш ли дека премногу време поминуваме онлајн или тоа е прифатливо поради времето во кое живееме, развој на технологија и слично?

И повеќе од премногу време. Нормално, времето во кое живееме е такво да станува неопходно да бидете дел од социјалните мрежи поради една или друга причина, но мора да бидеме малку повеќе свесни за она време кое непотребно е поминато седејќи на платформите и да имаме поголема контрола над самите себе. Поминатото време на социјалните мрежи кое ти го крати завршувањето на некоја обврска, учењето на нешто ново, дружењето со пријателите и разговорот во живо според мене, не е оправдано потрошено време.

*Трендот на имиџ е големо поле кое денес константно се менува, посебно меѓу младата популација на која се поважна и е визуелната презентација. Како себе си ти се изразуваш преку твјот имиџ, каква порака праќаш?

Една искрена порака: останете свои, искрени со себе (можете да ги лажете другите, но нема ништо полошо од тоа да се лажете самите себе) откријте се кои сте вистинските вие, следете трендови, но не прифаќајте ги слепо и задржете го својот стил.

*Идни планови и цели?

Повеќе проекти, поголем раст и проширување на колекцијата.

*Кога би можела во три зборови да го опишеш својот стил, кои би биле? Им се покоруваш ли на трендовите и на што најмногу се радуваш оваа сезона?

Смел, впечатлив, а сепак едноставен. Ги следам трендовите, но не сакам слепо да ги прифаќам – секогаш гледам да си го задржам својот стил на облекување.


*Кои се твои стилски музи?

Викторија Бекам и Хејли Бибер.

*Што би им советувала на нашите читатели, кои токму во овој момент седат дома и размислуваат да почнат чекори како твоите?

Престанете со размислување и започнете со дејствување – затоа што вистинското време за да го започнете тоа што го сакате е сега.


Ирена Ставрова