Андријана Јаневска: Два часа пред да почине разговаравме на телефон и се смеевме

Добивај вести на Viber

Новата песна „Летај“ пејачката и ја посвети на својата покојна мајка, која ја опишува како многу храбра, вредна и силна жена

Прва виолиона на МОб, доцент на ФМУ, докторант на Институт за фолклор „Марко Цепенков“, пејачка, автор на музика. Има свое музичко училиште каде се изучуваат виолина, пијано и пеење популарни жанрови. Мајка е на е на два сина Димитар ( 9 ) и Кристијан (6 ) и сопруга на познатиот музичар Драган Гиновски - Гино . За да ги исполни сите професионални и приватни бврски, Андријана Јаневска се придржува кон правилото 8x3 или 8 часа работа, 8 часа одмор, занимација, релаксација и 8 часа спиење. Вели дека трикот е во брзината и ефикасноста со која работите. Ако точно знаете што сакате да сработите, тоа брзо се завршува.

Неодамна ја претстави својата нова тема „ Летај“ посветена на нејзината покојна мајка. Видеото е дело на сестра и Николина, мецосопран со светска слава.

Човек се учи да живее со болка, учи пак да се смее, пак да запее, се стиховите од новата нумера „Летај“, која ѝ ја посветивте на вашата покојна мајка. Дали тагата и солзите ви ги прекинуваа мислите и го пролонгира процесот на создавање на музиката и текстот или ја напишавте во еден здив?

- Песната ја напишав во еден здив, излезе како една длабока и болна воздишка од мене, без планови да направам песна, едноставно самата одеднаш долета и тоа на само неколку дена пред роденденот на мајка ми. Буквално се стрчав до студио, му ги кажав на Гино акордите кои ми беа во глава, ги отсвире, а истата вечер ја отпеав и тоа беше тоа. 

Семејната хармонија ми е најважна

* Дали вашата мајка ве напушти одеднаш, без збогум?

- Да, според докторите, почина од мозочен удар. Два часа претходно разговаравме на телефон, се смеевме, апсолутно ништо не наговестуваше дека такво нешто може да се случи. Но, таков е животот, брз, немилосрден, непредвидлив. Она што ме теши е фактот дека буквално секоја сабота со моите деца одевме на ручек кај моите родители, брат ми и снаата, се дружевме, пеевме, разговаравме, се смеевме. За мене семејната хармонија отсекогаш била најважна. Уште како деца родителите не' воспитаа семејството да ни биде на пиедесталот. И денес е така и покрај тоа што мајка ми физички ја нема, јас продолжив секој викенд да одам на ручек кај татко ми и брат ми, кои живеат во иста куќа.  Пред да почине мајка ми, бевме заедно на одмор и разговаравме за тоа што претставува животот, како да сме претчувствувале што не' очекува. 

* Кога најмногу ви недостасува?

- Секое утро кога ќе се разбудам и кога ќе се сетам дека ја нема. Мајка ми беше многу храбра, вредна и силна жена и нејзиното заминување не' погоди сите, бидејќи додека беше жива изгледаше како да е бесмртна. Ми недостасуваат нејзините совети. Кога таа ќе кажеше нешто звучеше многу самоуверено, ми влеваше самодоверба и бев спокојна покрај неа.


* Автор на спотот за песната е вашата сестра Николина, мецосопран која се омажи и живее во Италија. Каде ја продолжи кариерата, почна ли полека да им се враќа на ангажманите?

- Иако е млада, сестра ми Николина може да се пофали со светска оперска кариера. Следен ангажман ќе и биде токму во Македонската Опера и Балет, во главната улога на Кармен. Ги поканувам сите ваши читатели да повелат во МОБ на 12 Март во 20 часот. Инаку, низ цела Европа театрите се се' уште затворени заради КОВИД пандемијата. 

Целта ми е да ги мотивирам децата, да го пронајдат најдоброто во себе

ЖМ: Вашата прва филмска композиција за краткометражниот филм ABIOGENESIS влезе во конкуренција BERLIN INTERNATIONAL FILM SCORING COMPETITION. Дали овој успех е мотив во наредниов период да се ориентирате и на овој вид музика?

- Отсекогаш сум сакала да компонирам музика за филм, но до сега не сум имала можност. Благодарение на тоа што заедно со сопругот имаме студио, многу полесно ја преточив идејата во музика. Секако дека ќе ја користам секоја можност која ми се дава, бидејќи музиката во буквална смисла е мојот живот. Ги користам сите мои можности и познавања, во филмот пеам, свирам, аранжирам. Сопругот Гино ми помага околу техничкиот дел, миксањето и мастерингот за сето тоа да звучи продукциски светски. 

Отворивте музичко училиште, во кое ќе го презентирате и пренесете своето знаење. Колкав е интерсот на децата и младите за музиката? 

- Иако училиштето функционира само неколку месеци, интересот е огромен. Во моментот учат нешто повеќе од 50 деца. Верувам дека да не беше пандемијата бројката ќе беше и поголема, бидејќи многу родители токму заради тоа не ги запишаа дечињата. Како и да е, сега за сега се изучуваат виолина, пијано и пеење популарни жанрови. За часовите по пијано ми помага професорот Бобан Мирковски кој предава пијано во ДМБУЦ Илија Николовски Луј. Многу е важно децата технички правилно да се постават на самиот почеток. Планот ми е да се отвори и група за деца од предучилишна возраст. Инаку, до сега веќе освоивме две први и едно второ место на интернационални натпревари во Италија, но секако нема да застанеме тука. Мојата цел е да ги мотивирам децата, да го пронајдат најдоброто во себе, да истражуваат, свират, компонираат... Тука се и социјалниот и психолошкиот аспект, се охрабруваат, но и критикуваат меѓусебно, си ги бараат грешките и така побрзо напредуваат.


Секој ден ручаме сите заедно во исто време

* Ангажирани сте на повеќе полиња, човек би се запрашал дали работите 24/7?

- Не, напротив. Се придржувам кон правилото 8x3 или 8 часа работа, 8 часа одмор/занимација/релаксација и 8 часа спиење. Трикот е во брзината и ефикасноста со која работите. Ако точно знаете што сакате да сработите, тоа брзо се завршува. Задолжително спијам по 8 часа и тоа е клучот да бидам одморена и добро расположена. Си легнувам околу 23 часот, а станувам околу 7. Останатото време го посветувам на нешта кои не се поврзани со работата, а ме исполнуваат: шах, возење велосипед, возење мотор Honda CBF 600, пешачење, грижа за цвеќињата и градината, играње со моите мачиња и кучиња и се разбира, дружење со децата и семејството.

* Како ги усогласувате професионалните и приватните проблеми. Поточно кој ден од денот им го посветувате? Во кој дел имате помош од сопругот?

- Со оглед на тоа што работилницата на сопругот и студиото ни се во домот, не е толку тешко да се организираме. Секако дека јас повеќе излегувам од дома, одам на предавања, одам на проби во опера, одам во моето училиште, одам на интервјуа итн, но тоа не трае цел ден. Важното е дека секој ден ручаме сите заедно во исто време, целото семејство: сопругот, децата, свекрвата и јас. Сакам да ја продолжам традицијата која ја имав кога бев дете, сите заедно да ручаме. Според мене, тоа е еден од најубавите делови од денот. Со децата најчесто се дружам од ручек до легнување. После ручек задолжително шетаме низ нашите Бардовски ниви, се качуваме на Зајчев Рид, возиме велосипеди или одиме во парк. Имаме голем двор, па ми помагаат околу уредувањето, заедно садиме цвеќиња. Имаме 3 мачиња и 2 кучиња (и уште 5-6 кучиња пред порта) со кои шетаме секој ден. Времето со децата ми е бесценето, се навраќам на моментите кога и јас бев безгрижно дете.


* Љубителка сте на книгите, ги имате над 800. Кога наоѓате време за читање? 

- Можеби се и повеќе, бидејќи имам и многу енциклопедии и стручна литератиура која ја користев за докторатот. Најчесто читам пред спиење, кога сум завршила со сите обврски и сум релаксирана. Знам и да си пуштам филм или да се симнам до студио да си посвирам, онака, без обврски, за моја душа. На кој инструмент ќе свирам зависи од моменталното расположение, се случува да си свирам на пијаното, виолината, но во последно време и на гитарата и басот.


Соња Алексоска Неделковска

Фото: Приватна архива