Андријана Јаневска повторно на макфестовската сцена по 15 години, Лара и Пајак го срушија рекордот
Фестивал со ревијална програма, без победници и парични награди. За изведувачите, синоќешното 38. издание на фестивалот на забавна музика „Макфест 2023“,беше можност да ги промовираат своите нови музички адути пред штипската публика и гледачите на македонската телевизија.
Годинава на сцената продефилираа млади пејачи и докажани музички имиња како Владо Јаневски, групата „Љубојна“, Андријана Јаневска, Ламбе Алабакоски, Бојана Скендеровски, Александар Тарабунов, Таско.
Андријана Јаневска на фестивалската сцена се врати по пауза од 15 години. Се претстави со темата „ И без тебе можам“.
-Макфест за мене е македонски бренд со долга традиција. Од исклучителна важност во кариерата на пејачите. Овој фестивал ќе го паметам по песната „Љубов ти е адреса“ која ја отпеав во дует со Марјан Стојановски и ни донесе победа во 2000 година – ни изјави Јаневска.
Единствената парична награда од 2.000 евра годинава ја доби дуото Лара и Пајак за „ Бела“ ,која беше прогласена за најслушана песна меѓу два фестивали - 27 милиони прегледи.
-Ова е најдообрата награда што еден артист може да ја добие, бидејќи е директна поддршка од публиката и доказ дека навистина вреди и е прифатлива за сечиј вкус. Во почетокот не очекувавме таков успех. Но , кога видовме како се нижат прегледите на песната и кога влезе во трендинг во Македонија, Балканот и пошироко сфативме дека „ Бела“ е хит. Продолжува соработката со Пајак , со заедничките настапи. Не е исклучена опцијата за повторна соработка на нова песна – ни изјави Лара.
Водители на двете фестивалски вечери, најавени со мотото „ Музичка синфонија, за цела Македонија“ беа Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски. На црвениот тепих, на сцената и зад неа – во бекстејџот се појавија и неколку познати македонски естрадни и јавни личности, во улога на фестивалски презентери.
С.А.Н
Фото: Вангел Тануровски
Галерија: