Андријана Јаневска за љубовта со сопругот Драган Гиновски: Се движевме во исти кругови, но не се сретнавме – сѐ до денот кога дојде во МОБ
Брачната музичка двојка Андријана Јаневска и Драган Гиновски, четиригодишната врска ја крунисале со брак на 30 декември 2009 година. Родители се на два сина, Димитар (12) и Кристијан (8). Имаат многу заеднички интереси. Работат во музичкото студио „Гиновски“, каде улогите им се поделени, имаат сличен вкус за музика, филмови и книги. Двајцата се родољуби кои ја сакаат Македонија. Љубители се на природата и животните.
Драган Гиновски – Гино (56) по ообразование е инженер по металургија, по професија - рок гитарист, аранжер, продуцент, мајстор за репарација на музички инструменти
Андријана Јаневска (41) е доктор на науки, професор на Универзитетот Св.Кирил и Методиј, Факултет за музичка уметност и пејачка. Таа открива делови од нивната љубовна приказна и брачниот живот.
ЖМ: Љубовта често е мотивација и повод да направиме нешто, но и главен двигател во секојдневниот живот. Што сѐ можеш да направиш во името на љубовта?
- Она што ни ја буди душата и што всадува оган во нас, но му нуди мир на умот. Оној глас кој ја победува тишината и надеж која го победува стравот. Сила која е посилна од секоја слабост и вистина која патува побрзо од светлината. Тоа е љубовта и за неа се живее.
ЖМ: Кога сакаме некого имаме сила за сѐ. Кога се сакаме и почитуваме и себеси, тогаш не постои пречка што не можеме да ја совладаме. Дали тука лежи тајната на твојот успех на повеќе професионални полиња?
- Пред сѐ, треба да сме реални кон себеси околу своите таленти и можности. Потоа, треба да бидеме дисциплинирани, вредни и одговорни, да си зададеме цел кон која ќе се стремиме и да не се откажуваме при најмали искушенија. Тајната исто така лежи во приоритетите. Не можеме да работиме сѐ во исто време, мора да направиме план што во моментот е најважно, а што може да почека. На тој начин максимално се фокусираме и не се расплинуваме.
ЖМ: Твојот сопруг е музичар. Бевте ли пријатели, се движевте ли во исти кругови пред да ја почувствувате првата искра?
- Сме се движеле во исти кругови, но никогаш се немавме сретнато, сѐ додека еден ден тој не дојде во МОБ, каде работев како виолинист. Официјално нѐ запозна заедничка пријателка и оттогаш не сме се разделиле.
ЖМ: Со што најмногу те освои Гино?
- Со духовитоста и смислата за хумор, со кои секојдневно се надополнуваме. Ме освои и со неговата интелигенција и зрелост, како и со добрината.
ЖМ: Како изгледаше венчавката и свадбата? На која музика се забавуваа гостите?
- Се регистриравме во матично на 30 декември, а свадбата беше следната година, на 18 јуни. Се венчавме во црквата Св. Димитрија во Скопје, каде што јас сум крстена. На венчавката пееше хорот Св. Злата Мегленска, а за свадбата беа задолжени музичарите од групата Фортуна, кои свиреа исклучиво македонска народна музика. Специјален гостин ни беше златното грло Наум Петрески, кој му е војнички другар на Гино. Исто така, гостин ни беше и Гоце од групата Синтезис. И јас отпеав неколку народни песни, од мерак, а игравме во текот на целата свадба.
ЖМ: За разлика од твојот сопруг, активна си на социјалните мрежи, отворена си за јавноста, присутна си на голем број настани. Како функционираат два навидум спротивни карактери?
- Имаме многу заеднички интереси кои нѐ спојуваат. Пред сѐ, заедно работиме во музичкото студио „Гиновски“, каде улогите ни се поделени, имаме сличен вкус за музика, филмови и книги, двајцата сме родољуби кои ја сакаат Македонија, двајцата сме спортски типови и љубители на природата, планинарење, пливање и обожаваме животни. Јас сум на естрадата од мои 15-16 години и тој живот е сосема поинаков од рок сцената со која Гино живеел.
ЖМ: Како ви минува секојдневието, ги делите ли домашните обврски?
- Околу одржувањето на домот и дворот, обврските ни се поделени. Околу уредувањето на куќата и дворот немаме несогласувања бидејќи имаме сличен вкус и естетика. Околу децата обврските се претежно мои бидејќи сакам повеќе време да поминувам со нив. Тука се мисли на помагање околу домашните задачи или некој проект за на училиште, вежбање инструмент за на музичко, купување облека и обувки. Во неделите, сите заедно шетаме во природа, дали на Водно, во Кучково, Бродец или на Зајчев Рид, не е важно. Инаку, секој ден заедно ручаме, тоа ни е како еден вид ритуал. Сакаме гости, особено во летниот период кога си седиме и уживаме во дворот во долги разговори со пријателите.
ЖМ: Родителството е најубава но и најодговорната работа. Дали сте строги родители и кои совети најчесто им ги повторувате?
- Би рекла дека сме некаде на средина, ниту престроги, ниту прелабави. Сакаме децата да се научат да станат самостојни и одговорни луѓе. Најчести совети во овој период се околу пристојното однесување, поздравување постари луѓе, почитување на наставниците, читање книги, другарување со сите деца без предрасуди околу националност, вероисповед или општествен статус.
ЖМ: Кој од нив покажува афинитети кон музиката? Би сакале ли да го следи вашиот пат?
- И Димитар и Кристијан одат во нижо музичко училиште. Димитар свири пијано, додека Кристијан свири виолина. И двајцата се талентирани, имаат услови да станат добри музичари доколку вежбаат, но сепак, ќе оставиме на нивната желба. И двајцата се добри математичари, па можеби ќе ги привлече и некоја друга професија.
А од вчера Андријана стана доктор на науки,честитки!
Соња Алексоска Неделковска
Фото: Приватна архива