Андријана Скерлев Чакар: Сакам да работам, помагам и да направам разлика
Д-р Андриана Скерлев Чакар, правник, доктор по менаџмент, хуманист и граѓански активист: бидејќи не сака ништо да прави на брзина, а особено внимава да е точна и никогаш да не доцни , секогаш го планирам станувањето наутро, за натенане и без брзање.
- Во текот на работната недела, кога ќе станеме, обавезно дома се пушта радиото (задача на сопругот), и во релаксирана атмосфера секој од нас си се подготвува за работа. Јас, додека се шминкам и пијам некој чај од билки, сосема се исклучувам и во паметот правам план за обврските кои ме очекуваат во текот на денот. Овој дел од утрото особено ме релаксира и навистина го уживам. Сабота ми е омилен ден. Со оглед дека сопругот работи во ординацијата и вљубеник во својата професија (стоматолог е по професија) најчесто е на работа во сабота, а јас саботата до пладне си ја посветувам на себе. Попладнето е резервирано за фамилијарен ручек во нашиот омилен рибен ресторан. Е, во недела, првото утринско кафе го пиеме заедно со сопругот- вели Скерлев Чакар.
- Сакам промени, но такви од кои бенефит ќе имаат што повеќе луѓе. и во службениот и во приватниот дел од својот живот. Кога од приватниот сектор преминав и се вработив во јавната администрација тоа го сторив затоа што мислев дека може и во јавната администрација да се менаџира на сосема поинаков начин, од она што е општо познато кај народот, во смисла, дека таму ништо посебно не се случува. Но, сметав дека не би требало да е така. Затоа, моето образование како правник, го надоградував низ годините, а со мојот докторат по менаџмент и со мојот ентузијазам и талентот за анализирање, цел ми беше и се‘ уште е, да дадам свој позитивен придонес. Значи, создавање и имплементација на регулатива која кога ќе се примени во праксата, ќе придонесе да имаме ефикасни, мотивирани и среќни работници во јавниот сектор. Оттука, и темата на мојата докторска дисертација беше: „Патриципативниот концепт како инклузивна рамка за имплементација на организациските промени во јавната администрација во Република Македонија“. Оваа моја замисла можеби се уште ќе можам да ја реализирам. Јас не сум жена која лесно се откажува, особено кога верувам во нешто, а моите идеи секогаш ги нудам со издржани предлози. Прифаќам туѓо мислење, ама сакам да кажам и слушнам и контра аргументи, борец сум по природа, но и стрплива. Се во свое време!
- Приватно, ме мотивира хуманитарната работа. Долги години сум членка на Инер Вил Клубот Скопје, еден од петте клубови во Македонија, кои како Област 255 (Македонија), се дел од интернационалното семејство на Инер Вил клубови, (International Inner Wheel), кои промовираат пријателство и поттикнуваат меѓународно разбирање. Ние сме жени волонтери во служба, со што го правиме нашиот дел за подобар и посилен свет. Во периодот, 2020-2021 година, бев и Претседател на клубот. Активностите на клубот се финансираат од членарината која ја плаќаат членките. Но, не е само финансискиот дел она што ние членките го даваме, многу е значајно и времето кое секоја од нас го издвојува со цел да придонесе во хуманитарната работа, затоа што се работи за реализирани жени, секоја во својот живот и професија – посочува таа .
И надвор од активностите на клубот, издвојува време за други активности кои смета дека можат да придонесат за похумано живеење во градот. Себе си се смета и за граѓански активист.
- Ме мотивираат и патувањата. Со сопругот многу сакаме да патуваме, да посетуваме други држави, да ги откриваме другите култури, обичаи. Медитеранските земји многу ги сакаме, Истанбул никогаш не здосадува, но и подалечните дестинации. Патувањата за нас навистина се непроценливо богатство. Спомените од патувањата, ни даваат дополнителна енергија за поуспешно справување со секојдневието. Викендите ни се резервирани за нашата мирна оаза во Катланово (цветна, зелена и уредена исклучиво по заслуга на сопругот, но и со мои мали естетски интервенции.. ха,ха, ха), го сакаме и Охрид, а кога имаме можност да искористиме некој продолжен викенд, сакаме да одиме и до едно мирно селце во Грција, во близина на Солун.
- Двајцата сме „луди“ по ракометот, ги следиме нашата машка и женска ракометна репрезентација секаде каде што се натпреваруваат. Па така, бевме на неколку светски и европски првенства во ракомет, квалификации за олимпијада, а го поддруваме и сакаме Вардар, така што во два наврати бевме на „Фајнал фор“ - лига на шампиони за жени. Дома, се разбира дека не пропуштаме ниту еден ракометен натпревар- открива Скерлев Чакар.. Работи во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од самото основање на регулаторот (поранешен Совет за радиодифузија) и ги извршува своите работни задачи како правник.
- Чекор по чекор се искачував по хиерархиското скалило во институцијата и имав чест да соработувам со многу врвни професионалци од Европа и пошироко. Она што сметам дека е потребно да се направи во македонската медиумска регулатива, е да се овозможи поголема поддршка на македонските изведувачи, да се зголемат квотите за македонска музика, да се поддржи македонска играна продукција, да се дадат уште поголеми бенефиции на медиумите кои емитуваат сопствена продукција и слично. Особен предизвик ми се медиумската политика и регулација на аудио и аудиовизуелниот медиумски сектор, со оглед дека слободата на изразување и слободата на медиумите го сметам како основен предуслов за развој на демократијата и демократските односи во општеството.Моето 30 годишно искуство како правник и вработена во регулаторот, која во себе ја има институционалната меморија, ми дава за право да верувам дека мојот следен логичен професионален исчекор би бил некаде на повисокото скалило во оваа институција, дотолку повеќе што и самиот закон кој ја уредува оваа област пропишува дека се потребни експерти во областа.
- Не ми останува премногу, ама знам добро да го распоредам. Попладнето го посветувам на мојата фамилија и пријателите. Сопругот , многу често знае да ме пречека после работа (не од романтични причини...ха, ха,ха...., туку затоа што му се јадело риба!), па одиме во нашиот омилен рибен ресторан, ги споделуваме случувањата на секој од нас во текот на денот, и се опуштаме после завршување на работните обврски. Редовно ја посетувам мајка ми (да е здрава и жива сега веќе 91-годишна, педијатар во пензија), која повеќе сака кафенцето да го испие во кафуле, па попладне често одиме да прошетаме и седнуваме на кафе во близина на нејзиниот дом – во центарот на градот. Редовно се гледам/слушам по телефон со сестра ми, која живее во Лондон (новинарка и медиумски работник), и си ги раскажуваме тековните настани од животот, но често дискутираме и за професионални теми. На сите им велам, животот навистина ме награди со мала, но прекрасна фамилија. Исто така, имам и другарки кои „злато ми вредат“. Имаме фантастична традиција која сите не радува. Секоја среда се знае – после работа средба на ручек и муабет! Взаемно се поддржуваме и си ги „полниме батериите“. Имаме направено и Вибер група (ни се вика „Сидро“ а ние на шега „сидрашки“ ...ха, ха, ха..), и денот го започнуваме со задолжителното пребројување преку: „добро утро“ и нема шанса во повеќе наврати да не искомуницираме со пораки, секоја да си каже, каде е, како е, што прави и што е најново. Со сопругот имаме блиски пријатели со кои се дружиме – сите се весели по природа, така што често се случува и некој нешто да прославува, па не ретко дружењето завршува со песна и игра. Јас сакам да танцувам и најчесто прва станувам кога ќе ме поведе некоја мелодија, особено тие – „од наше време“! Вечерните часови секогаш се интересни. Спортот доминира во нивниот дом. -Бидејќи дома, понудата на ТВ канали ни изобилува со спорт (и ова по заслуга на сопругот), додека тој е обожавател на Вардар, Челси и константно на Новак Ѓоковиќ, мајка ми е на Пелистер, Манчестер Јунајтед, Роџер Федерер, а сега на Карлос Алкараз. Тие двајцата често, разменуваат информации по телефон, на кој канал кој натпревар или кој спорт треба да се гледа (интересно - секогаш навиваат за спротивните тимови/тенисери). А јас? Па не сум баш љубител на турски и шпански серии со кои за жал е преплавена домашната телевизиска програмата, политиката ме интересира во разумна мера, односно сакам да сум информирана, а не индоктринирана, па со оглед на тоа што во ударните термини на телевизија главно се емитуваат токму такви серии и емисии, додека сопругот гледа спорт, јас повеќе сакам да прочитам книга, и некако телевизијата не ме влече. Но, често гледаме и некој квалитетен филм или серија која ја наоѓаме на меѓународните канали. Понекогаш, знаеме со сопругот да отвориме и убаво вино, да испиеме по една чаша навечер, и да го „затвориме“ денот.
- Сакам филмови, ама некако повеќе сакам книги. Последно, верувале или не, повторно ја прочитав книгата „Грофот од Монте Кристо“ — авантуристички роман од францускиот писател Александар Дима, која ни беше и лектира! За ова е заслужна мајка ми, исто така страстен читач на книги, па откако таа ја прочита, ми ја „препрати“ и мене. Паралелно ја читав и книгата „Дива“ ,за Марија Калас, најголемата оперска певица на своето време и нејзината љубовна приказна. Деновиве планирам да појдам и од огромната библиотека на мајка ми, да си ја одберам следната книга за читање. Нема поубаво од тоа.
С.А.Н