Анксиозноста ја победив кога прозборев за работи, кои мислев дека никогаш нема да ги кажам гласно: Драгана Левенска за тешкиот период од животот
Tреба да излеземе од комфорот во кој живееме, да не молчиме и да не наведуваме глава. Никој не може да ни направи ништо лошо, освен ние самите.Тоа е пораката на актерката Драгана Левенска, која во 2019 година се соочила со анксиозност, страв, панични напади. Тоа искуство од кое научила многу за себе, го опишува и во книгата, која наскоро ќе излезе со нејзин потпис.
Левенска важи за една од најдобрите и најангажираните актерки на својата генерација. Пред корона пандемијата посетителите на Македонскиот народен театар, ја гледаа во претставите „Тероризам“, „Животот е прекрасен“ и „Авантурите на Аладин“.
Секојдневно е присутна во домовите преку тв –екраните, со нахсинхронизација на повеќе ликови од турските серии кои се емитуваат на Канал 5 телевизја. Таа е Шахика од „Забрането јаболко“ и Рејхан од „Ветување“.
*Главно обележје на ова време е нетрпението. Луѓето како да ги изгубија нервите, поради периодот на корона пандемијата. Веројатно нетрпението кулминира кај актерите. Има ли најава дека наскоро ќе се вратите на својата работа – театарот или филмот?
-Многу би сакала да постои некое магично стапче, да се вратиме во она старо – нормално, каде што репертоарите беа полни со претстави, а театрите преполни со публика. Навистина, немам некој конкретен одговор на ова прашање, бидејќи сѐ уште живееме во една неизвесност. Македонскиот Народен Театар овој месец имаше премиера со монодрамата „Само глас“ на Ѕвездана Ангеловска, претстава која што срдечно ви ја препорачувам. На репертоарот исто така може да ги погледнете „Не се клади на Енглези“, „Мој термин“, „Говорна мана“, „Брачна игра“. Полека, полека, овој месец се враќаме, но како ќе биде целосниот план во однос на новите проекти, навистина сѐ еуште не би можела да ви дадам конкретен одговор. Секако МНТ ќе спрема нови претстави прилагодени за овие услови во кои живееме денес. Ми недостига мојата професија, ми недостигаат проби, претстави, џагорот на публика пред претстава, убавата трема, адреналинот, колегите.
*Публиката не можеше да ве гледа на театарската сцена, но од неодамна може да го слуша вашиот глас на тв-екраните. Ги нахсинхронизирате ликовите во турските серии - Шахика од „Забрането јабалко“ и Рејхан од „ Ветување“. Кој лик ви „лежи“ повеќе?
-Нахсинхронизациите во Канал 5 телевизија ми дојдоа во право време. Баш тогаш кога ми беше потребна работа и кога се беше во некој стоп кадар. На некој начин, со тоа сум во некој континуитет. Од друга страна што е и многу важно, ме исполнува тој вид на работа и ми причинува задоволство. А што се однесува кој лик ми лежи повеќе, секако дека е Шахика, бидејќи со неа никогаш не ми е здодевно и секогаш има нешто ново.
Научив многу за себе
*Неодамна на вашиот фб профил објавивте фотографија од една тетратка со објаснение дека во 2019 во неа сте ги напишале своите лични приказни за тагата, анксиозноста, паничните напади, кои ќе ги објавите во книга. Што ве испровоцира најмногу да се отворите пред јавноста?
- Да. Tаа тетратка во тој период беше мој најдобар лек и од сето тоа се случи книга. Се надевам дека за скоро време ќе имате можност да ја читате . Не можам да кажам дека сум имала некоја посебна провокација. Едноставно почувствував дека сега е време да прозборам за тоа. На социјалните медиуми, најчесто гледаме задоволни и среќни лица, но реалноста не е секогаш таква. Не треба да се срамиме да кажеме дека во некој период од животот сме почувствувале некоја емотивна слабост, секој има право на тоа. Често се зборува за анксиозноста и паничните напади и тоа е една многу застапена тема. Кога луѓето ќе видат, прочитаат или слушнат дека не се единствени во таа приказна и дека тоа не е ништо страшно и дека анксиозноста и паничните напади не се центарот на светот и дека постојат многумина кои излегле победници од таа состојба, се влева надеж и волја дека сепак, поминува и не се сами. Можат ако сакаат да се победат самите себеси. Тоа е аларм дека нешто треба да промениме во себе. Тоа е аларм дека треба да излеземе од комфорот во кој живееме, да не молчиме и да не наведнуваме глава. Никој не може да ни направи ништо лошо, освен ние самите.
*Да, анксиозноста е аларм, кој како и секој друг треба да се згасне. Но, разликата е што овој аларм не може да се изгасне со еден клик. Потребна е многу работа на себе за да сфатиме каква порака ни праќа нашата психа, нашето тело и што треба да менуваме. Што научивте за себе?
-Научив многу за себе. Истовремено во периодот во 2019 година кога се соочував со таа состојба, научив многу работи за оние луѓе кои што ми биле многу блиски. Научив како е да се разочараш. Научив како да бидам сама со себе, како да бидам сама своја потпора. Научив како да се борам и да се спротиставувам тогаш кога треба, ги видов своите грешки. Научив колку е важно да не молчиме и без страв да кажеме не можам и не сакам. Едноставно многуте лекции кои ги научив не можам да ги преточам во зборови.
*Борбата со самиот себе е најтешка. Истовремено сте и бранител и противник. Кога почувствувате дека сепак победивте и уште похрабро зачекоривте во новите предизвици?
-Победив тогаш кога се соочив и се прифатив себеси. Победив тогаш кога прозборев за работи кои сум мислела дека никогаш нема да можам да ги кажам гласно некому. Победив во моментот кога си подадов рака себеси.
Престанав да трошам време размислувајќи за иднината
*Важите за една од најуспешните актерки во театарот. Што ви е позначајно – големиот аплауз или коментарот на некој посетител „ ја гледав претставата, одлична е и по неколку денови уште сум под пресии од неа“.
Фото: Дарко Цапан
-Уф, и двете ми се подеднакво значајни. Не би можела да одвојам, а и се поврзани едно со друго.
*Зад кулисите во текот на подготовките на една претстава се случува веројатно драма во екипата , бидејќи самиот човек е контраверзна личност. Кога сето тоа би се срочило во текст, кој би се одиграл на сцена каква ќе биде темата. Дали ќе преовладуваат ликови со големи суети?
-Се разбира дека нема да преовладуваат ликови со големи суети. Ликови со големи суети сум среќавала и среќавам кај луѓе од многу различни професии од мојата. А кога сето тоа би се срочило во некој текст кој би се одиграл на сцена, тоа ќе бидат ликови кои даваат живот и се борци за своите светови.
*Што посакувате да ви донесе иднината, професионално и приватно?
-Престанав да трошам време размислувајќи за иднината бидејќи сепак не секогаш се случува така како што ние посакуваме. Научив своите желби да ги креирам и реализирам во сегашноста, а утре ќе видиме што ќе донесе. А она што ми е мене најважно во иднината е да имам мир во себе.
Соња Алексоска Неделковска