Аплаузите на солидарност со здравството се глобален феномен

Иницијатива за аплауз за медицинскиот персонал се создава и кај нас, по примерот на новиот феномен за вакво искажување благодарност на најистурените во битката со коронавирусот.

Вечерва во 20 часот граѓаните се поканети од своите тераси и од својата изолација со аплауз да им искажат благодарност на сите кои беспоштедно работат во медицинските центри. Радио-станиците се поканети да се вклучат во иницијативата со емитување аплауз на своите програми точно во 20 часот.

-Да излеземе на балконите, терасите, прозорците и да им дадеме поддршка на сите лекари, медицински сестри и останат медицински и технички персонал во ове тешки мигови! Тие ги заслужуваат овие 5 минути! – се вели во оваа ФБ иницијатива.

Поттикнати од постираните видеа на луѓето во Шпанија и Италија, кои им аплаудираат на локалните здравствени работници, социјалните мрежи низ светот бргу го раширија новиот феномен. Видео-снимките од колективните аплаузи, постирани на социјалните мрежи и официјалните медиуми на најспонтан и непосреден начин искажуваат благодарност до оние кои беспоштедно работат од оние кои најмногу прават – останувајки дома.


Освен колективните аплаузи, мали соседски изблици на почит се евидентирани секаде, како оној на британската медицинска сестра, која цела улица наутро ја испраќа на работа со аплауз.

Организаторот на оваа планетарна иницијатива што бргу се рашири низ светот започнува со здравствените работници но се однесува и на сите други кои се изложуваат на ризик секојдневно, обезбедувајки ни на сите – храна, транспорт, заштита и други елементарни сервисни услуги во ова време на сеопштата граѓанска хибернација.

Ј.Ф.